мини|десно|270п|Стапка на инфлација во земјите во светот за 2019 година Инфлација (англиски: inflation) — општ постојан пораст на цените на стоките и услугите во една економија. При тоа, за дефинирањето на инфлацијата, важни се два момента: прво, инфлацијата претставува пораст на општото ниво на цените, мерено преку некој индекс на цени, т.е. не може да се зборува за инфлација ако дошло до пораст на цената на еден производ или група производи; второ, инфлацијата претставува тренд на постојано зголемување на цените, т.е. еднократниот пораст на сите цени (на пример, поради зголемување на даноците) не претставува инфлација. Инфлацијата е еден од трите централни проблеми во макроекономската анализа, покрај невработеноста и економскиот раст.Rudiger Dornbusch and Stanley Fischer, Macroeconomics (sixth edition), McGraw-Hill, 1994, стр. 4-5.

Инфлацијата низ историјата Инфлацијата претставува одлика на современиот свет - периодот по Првата светска војна. Така, историските податоци за движењето на цените во Велика Британија во периодот од 1660 до 1914 година покажуваат дека цените се движеле нагоре и надолу без никаков забележлив тренд во нивното движење, додека по 1914 година, нивото на цените се зголемило за дваесет пати.Keizo Nagatani, Political Macroeconomics, Clarendon Press, 1989, стр. 125-126. Слично, во периодот 1789-1913 година, просечната годишна стапка на инфлација во САД изнесувала -0.6%.Michael D. Bordo, and David C. Wheelock, "Price Stability and Financial Stability: The Historical Record", Federal Reserve Bank of St. Louis Review, 80(5), September/October 1998, стр. 54. По Првата светска војна, се забележуваат две крупни промени во споредба со претходните епохи: прво, во 1920-тите беа забележани епизоди на хиперинфлација во земјите од Средна Европа - Германија, Австрија, Унгарија итн.Phillip, Cagan, "The Monetary Dynamics of Hyperinflation", во Milton Friedman, ed., Studies in the Quantity Theory of Money, The University of Chicago Press, Chicago, 1956.Thomas J. Sargent, Rational Expectations and Inflation, Harper & Row Publishers, New York, 1986.; второ, во овој период започнува епохата на постојан пораст на цените. На пример, во периодот 1957- 1997 година, нивото на цените во развиените земји се зголемило за шест пати во САД, Канада и Јапонија, десет пати во Франција и Шведска, дванаесет пати во Британија и речиси дваесет пати во Италија.Robert Dittmar, William T. Gavin and Finn Kydland, "Price-Level Uncertainty and Inflation Targeting", Federal Reserve Bank of St. Louis Review, 81(4), July 1999, стр. 26.

Од крајот на Втората светска војна до 1970-тите, развиените земји се одликувале со ниска, едноцифрена инфлација. На пример, просечната инфлација во САД во периодот 1948-1969 година изнесувала само 2,2%.Peter S. Yoo, "The FOMC in 1997: A Real Conundrum", Federal Reserve Bank of St. Louis Review, 80(5), September/October 1998, стр. 30. Слично, земјите на ОЕЦД, во периодот 1950-1970 година имале просечна инфлација од 4%.Michael Bruno, "Inflation and Growth in an Integrated Approach", NBER Working Paper 4422, August 1993. Наспроти тоа, во периодот 1973-1984 година, просечната инфлација достигнала 8% во САД, т.е. 8.8% во групата Г-10.Robert Dittmar, William T. Gavin and Finn Kydland, "Price-Level Uncertainty and Inflation Targeting", Federal Reserve Bank of St. Louis Review, 81(4), July 1999, стр. 24. Во другите региони на светот, стапките на инфлација биле повисоки во целиот повоен период, додека земјите од Јужна Америка традиционално се одликуваат со висока инфлација. На пример, просечната инфлација во Аргентина и Бразил во периодот 1980-1995 година изнесувала 512% и 732%, соодветно.Paul R. Masson, Miguel A. Savastano, and Sunil Sharma, "The Scope for Inflation Targeting in Developing Countries", WP/97/130, IMF, October 1997, стр. 25. Сепак, високата инфлација повеќе претставувала исклучок отколку правило во повоениот период, зашто повеќето земји обично се одликувале со умерена инфлација. Така, во 1979 година, 149 земји имале инфлација до 20%, додека само две земји имале повисока инфлација од 100%, годишно. Десет години подоцна, 130 земји имале инфлација до 20%, додека само 8 земји имале инфлација над 100%.Rudiger Dornbusch, "Experiences with Extreme Monetary Instability", CEPR Discussion Paper No.455, September 1990, стр. 5. Во 1990-тите, 66 земји имале едноцифрена инфлација, 46 земји имале умерена инфлација во интервалот од 10% до 40%, во девет земји инфлацијата се движела меѓу 40% и 100%, а десет земји имале инфлација поголема од 100%.IBRD, World Development Indicators 2001, The World Bank, Washington. D.C., 2001.

Упорното долгорочно опстојување на инфлацијата во современиот свет ги навело економистите да се посомневаат дека постои вкоренета инфлација, која што се движи самата по себе - т.н. инфлациона инерција. Во литературата се наведуваат бројни објаснувања на упорното одржување на инфлацијата: прво, во услови на неефикасен даночен систем, владата може да предизвика инфлација со цел да финансира дел од расходите; второ, преку механизмот на индексација, денешните плати се одредуваат врз основа на цените од изминатиот период; трето, при постоење висок јавен долг, ако владата ја намали инфлацијата, реалните каматни стапки ќе бидат многу високи и ќе го зголемат товарот за отплата на долгот, така што, за владата е подобро да не ја намалува инфлацијата; четврто, инфлацијата може да се одржува како последица на т.н. ефект на провинциите, каде што општините, регионите и јавните претпријатија ги зголемуваат своите расходи, занемарувајќи го поединечниот ефект врз инфлацијата и така, водејќи кон пораст на вкупните јавни расходи, ја поттикнуваат инфлацијата; петто, инфлационата инерција може да биде последица на т.н. ефект на одложените стабилизации (delayed stabilization effect). Имено, макроекономската стабилизација може да се изведе на различни начини, а тоа значи, таа може да падне на товар на различни слоеви на општеството. Оттука, неизбежно доаѓа до несогласување околу тоа кој да го понесе товарот на стабилизацијата и на тој начин се губи време додека некој општествен слој не попушти, а за тоа време, инфлацијата упорно опстојува.Guillermo A. Calvo and Carlos A. Végh, "Inflation Stabilization and BOP Crises in Developing Countries", NBER Working Paper 6925, February 1999, стр. 4-8.

Мерење на инфлацијата Стапката на инфлацијата во економијата се пресметува така што разликата меѓу индексот на цените во тековниот период и индексот на цените во претходниот период ќе се подели со индексот на цените во претходниот период, осносно:Таки Фити, (2004), Основи на микроекономијата. Скопје: Универзитет „Св. Кирил и Методиј” – Скопје, Економски факултет, стр. 157.

IR =

Најпознат индекс преку кој се мери општото ниво на цените е индексот на потрошувачките цени (consumer price index - CPI), или кај нас уште се нарекува индекс на трошоците на живот. При неговото пресметување во повеќето земји се земаат цените на добрата и услугите што ја сочинуваат т.н. потрошувачка кошничка, вклучувајќи ги тука и цените за огрев, гориво, здравствени услуги, школарина итн. Друг познат индекс со кој се мери инфлацијата односно стапката на покачување на нивото на цените е дефлаторот на БДП, којшто се нарекува и имплицитен ценовен дефлатор на БДП. Дефлаторот на БДП претставува коефициент на номиналниот и реалниот бруто-домашен производ. Бидејќи номиналниот и реалниот БДП се разликуваат по цените коишто се користат при нивното пресметување, произлегува дека дефлаторот на БДП претставува мерило на нивото на цени во економијата.Димитар Ефтимовски, (2009), Економски раст, прво издание. Битола: Универзитет „Св. Климент Охридски” – Битола, Факултет за администрација и менаџмент на информатички системи, стр. 42-43.

Видови инфлација Во зависност од интензитетот, инфлацијата може да се јави како: ниска инфлација, кога годишната стапка на инфлација се движи до 3%; умерена инфлација, кога инфлацијата се движи во интервалот од 10% до 50% годишно; висока инфлација, кога инфлацијата надминува 50% годишно или достигнува трицифрено ниво; и хиперинфлација, која се дефинира како просечна стапка на инфлација од 50% месечно, т.е. околу 13.000% годишно.

Сепак, треба да се забележи дека горната поделба е произволна, т.е. не постои строга дефиниција за тоа што е умерена, а што висока инфлација. На пример, во развиените земји, дури и инфлација од 10% се смета за висока, додека во некои земји, во текот на неколку децении опстојувале трицифрени стапки на инфлација. Во секој случај, во монетарната теорија и политика постои согласност дека за стабилност на цените може да се зборува кога стапката на инфлација се движи до 2% или 3%, годишно.

Причини за појавата на инфлација Економската литература нуди три основни теории за изворите на инфлацијата: прво, претераната агрегатна побарувачка, второ, порастот на трошоците на работењето на фирмите (порастот на платите и цените на материјалите), трето, одредени структурни диспропорции во економијата.Горан Петревски, Монетарна политика - Теорија и искуството на Македонија, Здружение за социо-економски развој, Скопје, 2005, стр. 16-18.

Инфлација на побарувачката Стандардното економско објаснување на инфлацијата е дека таа е последица на вишокот на агрегатната побарувачка која, во услови на полна искористеност на капцитетите, притиска кон пораст на цените. На прашањето, што ја предизвикува претераната агрегатна побарувачка, мнозинството економисти упатува на дефицитното финансирање на владата. Во рамките на ова објаснување може да се придодаде и ставот дека претераната агрегатна побарувачка произлегува од претераниот монетарен раст, којшто создава нерамнотежа на пазарот на пари, која пак се префрла на пазарот на производи и услуги. Значењето на овие теории се состои во тоа што укажуваат на фактот дека пресудна улога во борбата против инфлацијата има контролата на агрегатната побарувачка, во прв ред, преку фискалната политика и монетарната политика. Од друга страна, основниот проблем на ова објаснување на инфлацијата лежи во тоа што таа би требало да се јавува само во периодите кога има вишок агрегатна побарувачка, т.е. во ескпанзија, додека искуството покажува дека инфлацијата е постојана појава. Оттука, може да се каже дека овие теории повеќе се однесуваат на зголемувањето и намалувањето на инфлацијата.

Инфлација на трошоците Алтернативно објаснување на инфлацијата е дека таа е предизвикана од порастот на трошоците, како последица на различни причини: пораст на платите под притисок на синдикатите, зголемувањето на маржата во олигополските сектори или зголемување на цената на енергенсите или суровините. Значењето на овие теории се состои во тоа што укажуваат на можноста дека главниот импулс во инфлацијата може да потекнува од шоковите на страната на агрегатната понуда. Понатаму, преку механизмот на одредувањето на платите, овој првичен поттик многу лесно може да се пренесе низ целата економија. Во тој случај, монетарната политика не може самостојно да ја совлада инфлацијата, туку треба да биде помогната од други мерки како, на пример: контрола на цените и платите, политики за зголемување на конкуренцијата и продуктивноста на трудот итн.

И овие теории се соочуваат со бројни слабости: на пример, објаснувањето дека синдикатите притискаат за пораст на платите е проблематично со оглед на опаѓањето на улогата на синдикатите во современите економии; понатаму, објаснувањето дека зголемените маржи на олигополите се извор на инфлацијата упатува кон тоа дека со текот на времето доаѓа до пораст на профитите на фирмите, што не е емпириски точно; најпосле, поскапувањето на цените на суровините може да ги објасни само повремените скокови на цените, додека инфлацијата, по дефиниција, претставува постојан пораст на цените.Ronald Shone, Open Economy Macroeconomics, Harvester-Wheatsheaf, New York, 1989, стр. 271-273.

Структурна инфлација