Trifolium medium — повеќегодишен вид на детелина од фамилијата на бобови опишан од Карл Линеј. По изглед е сличен на црвената детелина (Trifolium pratense), но ливчињата се потесни и немаат бели точки, а тесните прилисници не се влакнести. Видот е распространет во Европа од Велика Британија до Кавказ.

Опис Растението е повеќегодишно тревесто растение со подземен ризом, од кој исправено израснуваат повеќе стебленца. Стебленцата се високи 20–40 см, најчесто разгранети и по површината покриени со прилегнати или раширени влакна, поретко се без влакна. Базалните листови имаат дршки два до три пати подолги од листната плочка, додека кај стеблените листови дршките се покуси од листната плочка. Листовите се елиптично-копјести, обратнојајцевидни до елиптични, долги 20–60 мм и широки 9–20 мм, со цел раб и тап или заострен врв, кој завршува со мало шилесто запче. Основата е клиновидна. На долната страна, по жилките, има ретки прилегнати влакна, додека горната страна е гола; горната страна е зелена, а долната сивозелена. Прилисниците кај долните листови се покуси од половината на листната дршка, копјести и со испакнати жили, а нивниот слободен дел е копјест, долг, зелен и подолг од сраснатиот дел со лисната дршка.

Соцветијата се јајцевидни или топчести, со пречник од 20–40 мм, составени од голем број збиени цветови. Најчесто се развиваат поединечно на врвот на стебленцето или во пазувите на листовите на доста куси дршки. Цветовите се без прицветници.

Чашката е долга околу 10 мм. Нејзиниот трубест дел е долг околу 4 мм, има десет жили и е гол или со ретки влакна. Запците се долги 5–7 мм, тенки, шиловидни и покриени со ретки полураширени влакна. Околу отворот на чашката има прстен од густи влакна. Венчето е црвено или пурпурно. Барјачето е долго 15–20 мм, крилцата се околу 1 мм покуси од него, а лаѓичката е околу 1 мм покуса од крилцата. Плодот е мала мешунка со тенок ципест ѕид, сместена во чашката и обично содржи едно семе.

Варијабилност

Trifolium medium subsp. medium — стебленцата во горниот дел се со прилегнати влакна Trifolium medium subsp. balcanicum (синоним: T. pseudomedium) — стебленцата во горниот дел се со расперени влакна

Распространетост во Македонија Trifolium medium расте по ретки шумски состоини и покрај шумите во планинските подрачја на надморска височина од 700 до 2100 метри. Нејзините две варијабилности се среќаваат во различни мери и во различни места во Македонија:

subsp. medium — ретко растени кое се среќава во Западна Македонија на планината Дешат, во Буковиќ во Гостивар и над селото Баниште во Дебар. subsp. balcanicum — се среќава на Шар Планина, Скопска Црна Гора (Групче), Јакупица, клисурата на Мавровска Река, Бистра, Баба Сач, Пелистер, Галичица, Кожуф, Плетвар, Плачковица и Голак (Делчевско).

Наводи

Надворешни врски

Категорија:Статии со микроформати за вид Категорија:Таксони опишани од Карл Линеј Категорија:Флора на Европа Категорија:Детелина Категорија:Флора Категорија:Фуражни култури Категорија:Приземни растенија Категорија:Флора на Македонија Категорија:Флора на Норвешка Категорија:Растителни таксони опишани од Карл Линеј