Адем баба-теќе или Зинџирли теќе ― поранешно теќе во Скопје. Градбата е заведена како културно наследство на Македонија.

Историја Се претпоставува дека теќето настанало во XVII век. Се наоѓало во поранешното маало Џами Атик. Припаѓало на дервишкиот ред Халвети (Шабание) Карабаши. Основачот на ова теќе, Адем-баба е роден во Багдад. Кога дошол во Скопје, живеел седум години во близина на Камениот Мост. Подоцна го купил тоа место и го изградил теќето. Бил учен човек, држел вазови во Иса-беговата џамија. Имал хипнотизирачка моќ. Подоцна купил уште еден плац и изградил два дуќана и фурна наменета за теќето. Од оваа фурна Адем-баба ги хранел сиромасите. Фурнаџијата Санџактар Мехмед-ефендија бил и дервиш во теќето. Пред еден Курбан бајрам, Санџактар Мехмед побарал Адем-баба да купи курбан и да го заколе за Бајрам. Тогаш Адем-баба погледнал кон планината и рекол дека курбанот ќе му дојде. До вечер курбанот не дошол, но утредента откако го завршиле „Бајрам намаз“ дошол елен во теќето, шејхот Адем-баба го фатил за роговите со еден синџир, го внел во теќето и го жртвувал како курбан. Тоа се толкувало како посебна милост од Бога кон Адем-баба. Синџирот и еленските рогови се чувале во теќето.

Во време на последниот шејх Мехмед Ферид, теќето од карабашиско станало џерахиско, од истиот халветски ред. Главното седиште на овој ред бил во Константинопол. Уште Адем-баба во дворот на теќето подигнал чешма што ја ѕидал мајстор од Дебар. На влезната врата се наоѓал синџир според што и теќето го добило името „зинџирли“. Теќето било урнато 1971 година, при расчистување на просторот за изградба на Универзитетот.

Поврзано Културно наследство на Македонија во Општина Центар

Наводи

Надворешни врски Управа за заштита на културното наследство Управа за заштита на културното наследство (архивирана страница)

Категорија:Теќиња во Македонија Категорија:Верски објекти во Скопје