Зоран Заев ( во Струмица) — македонски политичар, стопанственик и економист. Премиер на Македонија е од 2017 до 2020 година и од 2020 до 2022 година. Градоначалник на општина Струмица е од 2005 до 2016 година. Пратеник во Собранието на Македонија е од 2003 до 2005 година. Претседател на СДСМ е од 2013 до 2021 година.
Младост, образование и рана кариера Зоран Заев е роден во 1974 година во Струмица. Неговото семејство се преселило од струмичкото село Муртино во Струмица кога тој имал четири години. Основно и средно образование завршил во родниот град. Во 1997 година дипломирал на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, каде што и магистрирал економија.
Со неговата сопруга Зорица Заева се познаваат од основно училиште, а се венчале во 1995 година.
По дипломирањето во 1997 година ја започнал професионалната кариера како вработен во трговското друштво на неговото семејство, „Тргопродукт“ – Струмица. Од 2001 до 2003 година бил директор во „Тргопродукт“. Од 1998 до 2003 година бил член на управниот одбор на штедилницата „Пеон“ – Струмица, а од 2001 до 2003 година членувал и во управниот одбор на Индустријата за градежни материјали „Еленица“ од Струмица.
Од 2000 до 2003 година бил претседател на управниот одбор на јавното претпријатие за комунални дејности „Комуналец“ – Струмица.
Политичка кариера Заев се зачленил во Социјалдемократскиот сојуз на Македонија во 1996 година.
Пратеник во македонското Собрание (2003–2005) Заев учествувал на парламентарните избори во 2002 година како кандидат за пратеник од листата на СДСМ од четвртата изборна единица, но не успеал да стане пратеник во Собранието. Сепак, во 2003 година престанал мандатот на пратеникот на СДСМ Ѓорѓи Спасов, кој бил именуван за амбасадор во Обединетото Кралство, а Заев го наследил неговото пратеничко место како следен на листата. Мандатот на Заев како пратеник во Собранието престанал откако бил избран за градоначалник на локалните избори во 2005 година.
Градоначалник на општина Струмица (2005–2016) На локалните избори во 2005 година Заев победил како кандидат на СДСМ за градоначалник на општина Струмица.
На 17 јули 2008 година бил уапсен заедно со уште петмина соработници и бил осомничен за законски прекршувања при изградбата на трговскиот центар „Глобал“ во Струмица. Заев обвинил дека се работи за монтиран случај, политички прогон и обид за негов линч. Случајот бил затворен по аболиција од претседателот на државата Бранко Црвенковски.
Заев освоил уште два мандати како градоначалник на локалните избори во 2009 и во 2013 година. Се повлекол од функцијата по парламентарните избори во 2016 година.
Претседател на СДСМ (2013–2017) Заев бил назначен за вршител на должноста претседател на СДСМ во септември 2008 година.Извештај од А1 телевизија По завршувањето на претседателскиот мандат на Црвенковски во 2009 година, Црвенковски се вратил на чело на СДСМ, а Заев бил именуван за потпретседател на партијата. Во јуни 2013 година Заев бил избран за претседател на СДСМ по оставката на Црвенковски поради лошиот изборен резултат на локалните избори во 2013 година.
Во првата половина од 2015 година Заев објавува телефонски разговори за кои тврди дека се снимени од страна на УБК по нарачка на Никола Груевски и Сашо Мијалков како дел од прислушување на 20 илјади македонски граѓани. Истите се основа за кривична истрага за злоупотреба на службената должност против раководството на ВМРО-ДПМНЕ. Во април Заев е обвинет за насилство кон претставници на највисоките државни органи во случајот „Пуч“, а поранешниот разузнавач Зоран Верушевски и негови луѓе од МВР се обвинети за обид за државен удар. Во текот на објавувањето на снимките, обвинителството отвора случај против Заев под името „Поткуп“, во кој Заев е осомничен за примање поткуп од струмичкиот стопанственик Иван Николов од околу 164 илјади евра за добивање дозвола за изградба на црква.Валентина Стојанчевска, „Зоран Заев: Власта ми го монтира „Поткуп“ со сечена и лепена снимка“, Фокус, број 1114, 10 февруари 2017, стр. 8-13.
Заев, како претставник на СДСМ, учествува во преговорите за надминување на политичката криза помеѓу водачите на најголемите македонски партии со странски посредници. Партиските водачи го потпишуваат Пржинскиот договор, во кој се предвидува техничка влада за организирање предвремени парламентарни избори во 2016 година и формирање на Специјално јавно обвинителство (СЈО) со цел да ги истражи наодите за криминал од објавените снимки. Во април 2016 година претседателот Ѓорге Иванов донесува одлука за помилување на 56 лица опфатени во истрагите на СЈО, помеѓу кои се и Груевски и Заев, но подоцна одлуката за аболиција е повлечена поради притисок од домашната и меѓународната јавност. По изборите во декември 2016 година, Заев формира парламентарно мнозинство составено од СДСМ, ДУИ, Беса и Алијанса за Албанците. На 17 мај 2017 година станува мандатар откако Иванов му го доделува мандатот за формирање влада.Заев го доби мандатот, Владата се очекува набрзо
Претседател на Владата (2017–2020; 2020–2022)
Прв премиерски мандат мини|лево|Заев со премиерот на Бугарија, Бојко Борисов, на потпишувањето на Договорот за пријателство на 1 август 2017 На 31 мај Собранието на Македонија со 62 гласа „за“ ја избира Владата на Заев која ја сочинуваат 25 министри.Нова етапа во Македонија, избрана владата на СДСМ Утрински Весник (31 мај 2017) Прв чекор на неговата влада во надворешната политика е потпишувањето на договор за добрососедство со Бугарија во август 2017 година.Заев: Договорот со Бугарија е во согласност со националните интереси на Македонија Телма (26 јули 2017) Во септември се донесени законот за минимална плата од 12 илјади денари, законот за укинување на радиодифузната такса, а вратена е и евтината тарифа на струјата.
мини|десно|Заев стои со грчкиот премиер Алексис Ципрас додека министрите за надворешни работи на двете земји го потпишуваат Договорот од Преспа На локалните избори во 2017 година партијата на Заев остварува убедлива победа со освоени 57 градоначалнички мандати и околу 420 илјади гласови на советничките листи. Во јуни 2018 година е потпишан Преспанскиот договор со што е ставен крај на спорот за името помеѓу Македонија и Грција кој трае од независноста на Македонија.Што договорија премиерите Заев и Ципрас за решавање на спорот за името Во септември е одржан референдум на кој гласаат 37% од лицата со право на глас, а од нив 91% или околу 610 илјади гласачи се изјаснуваат позитивно за договорот.
Поради неговите залагања за Договорот со Грција во средината на декември 2018 година Заев заедно со грчкиот премиер Алексис Ципрас е номиниран за Нобеловата награда за мир за 2019 година од страна на добитничката на наградата во 2015 година, Тунижанката Уидед Бушамауи.Заев и Ципрас ќе бидат предложени за Нобелова награда за мир
Во јуни 2019 година, руските комичари Вован и Лексус објавиле снимка на Јутјуб која содржи три разговори со Заев, направени во август 2018, јануари и април 2019 година. Во овие разговори, тие се претставувале како поранешниот претседател на Украина, Петро Порошенко, и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг. Заев, мислејќи дека разговара со вистинските личности, споделил информации за референдумот, руското влијание во регионот, прашањата на Косово и Србија, како и за автокефалноста на Македонската православна црква.
Втор премиерски мандат По победата на коалицијата предводена од СДСМ на парламентарните избори во 2020 година, Заев продолжува да служи на премиерската функција откако успева да состави влада преку постизборна коалиција со ДУИ. До изборот на втората влада предводена од Заев на 31 август 2020 година, Оливер Спасовски е претседател на техничка влада согласно Пржинскиот договор.
Контроверзи На 17 јули 2008 година, Заев бил уапсен заедно со уште петмина соработници и бил осомничен за законски прекршувања при изградбата на трговскиот центар „Глобал“. Заев обвинил дека се работи за монтиран случај, политички прогон и обид за негов линч. Случајот бил затворен по аболиција од тогашниот претседател на државата Бранко Црвенковски.https://utrinski.com.mk/?ItemID=67304572D1057B489B0F6684602EAB3E Масовен протест поради апсењето на Зоран Заев
Наводи
Надворешни врски
Зоран Заев на мрежното место на Владата на Македонија Зоран Заев на мрежното место на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија
Категорија:Живи луѓе Категорија:Луѓе од Муртино Категорија:Политичари од Струмица Категорија:Премиери на Македонија Категорија:Политичари од СДСМ Категорија:Градоначалници на Општина Струмица Категорија:Пратенички состав 2002-2006 Категорија:Пратенички состав 2016-2020 Категорија:Пратенички состав 2020-2024 Категорија:Апсолвенти на Економскиот факултет - Скопје Категорија:Магистри на Економскиот факултет - Скопје