Недржливост на мочта или слабост на мочниот меур (наречена уринарна инконтиненција, од )) — губењето на способноста за складирање и задржување на урината во мочниот меур без загуба, како и способноста за волево одредување на времето на празнење. Според дефиницијата на стручните здруженија, недржливостта е официјално присутна уште при губење/испуштање на една капка урина.
Облици на недржливост на мочта Најчестите облици се ургентна недржливост, стресна недржливост и преливна недржливост.
Ургентна недржливост (принудна недржливост) Се одликува со ненадеен, силен нагон за мокрење што често е невозможно да се стигне до тоалетот пред да дојде до неволно губење на урината. Причините се, на пример, контракции на мускулатурата одговорна за празнење на мочниот меур, често предизвикани од локални воспалителни процеси (на пример циститис - воспаление на бешиката), дебелина, дијабетес мелитус или оштетување на нервите кои ги контролираат овие мускули, како кај Алцхајмеровата болест, мултиплекс склероза (МС), Паркинсонова болест или после мозочен удар.
Се прави разлика помеѓу моторна недржливост поврзана со неволна контракција на детрузорот (=контракции на мазната мускулатура на ѕидот на мочниот меур одговорна за празнење на мочниот меур, т.н. детрузор или M. detrusor vesicae) и сензорна недржливост без детрузорна контракција.Andreas J. Gross, Rolf-Hermann Ringert: Urogenitale Symptome. In: Eberhard Aulbert, Friedemann Nauck, Lukas Radbruch (Hrsg.): Lehrbuch der Palliativmedizin. Schattauer, Stuttgart (1997) 3., aktualisierte Auflage 2012, ISBN 978-3-7945-2666-6, S. 439–456; hier: S. 444.
Стресна недржливост Во случај на стресна недржливост, зголемениот внатрешен абдоминален притисок предизвикан од напрегање од различни причини (кревање, носење, качување по скали, смеење, кашлање, кивање, испуштање гасови) предизвикува повеќе или помалку изразено неволно губење на урината.
Постојат три степени на сериозност (според Стејми):
1. степен: недржливост при кашлање, кивање, смеење 2. степен: недржливост при нагли движења на телото, при стоење, седење, кревање тешки предмети 3. степен: недржливост при движења без напор, лежење, целосно празнење за време на спиењето
Кај жените, стресната недржливост често е резултат на повеќекратни раѓања, што доведува до прекумерно истегнување и опуштање на лигаментите во карлицата и на карличниот под. Ова резултира со спуштање (десцензус) на органите на малата карлица. Зголемениот внатрешен абдоминален притисок и понатаму делува врз мочниот меур, но во исто време повеќе не може да влијае на уретрата (мочниот канал) и повеќе не го поддржува неговиот притисок на затворање. Кај мажите, од друга страна, оваа форма на недржливост обично е резултат на трауматско оштетување на надворешниот сфинктер на мочниот меур при операции (на пример радикална простатектомија - остранување на простатата и семените жлезди) или несреќи.
Во благи случаи на женска стресна недржливост, фокусот е ставен на конзервативните опции за третман. Антидепресивот дулоксетин, на пример, е погоден за ова.Depression : Duloxetin wirkt zweifach. In: Pharmazeutischen Zeitung. 6/2005. Во потешки случаи, достапни се голем број хируршки методи. Првите операции за стресна недржливост беа објавени во 1878 година.Horst Kremling: Die Belastungs-(„Streß“-)Inkontinenz. Historische Betrachtungen. In: Würzburger medizinhistorische Mitteilungen. Band 14, 1996, S. 5–10; hier: S. 7 ff. Во 1912 година, Хауард Атвуд Кели извршил попречно собирање на вратот на мочниот меур.Horst Kremling: Gynäkologisch-urologische Grenzfragen. In: Würzburger medizinhistorische Mitteilungen. 23, 2004, S. 208. Денес, минимално инвазивна процедура, таканаречената TVT-операција (Tension-free vaginal tape), при која, под општа анестезија се поставува лента околу уретрата (мочниот канал) и се фиксира во пределот на срамната коска.
Во една 6-годишна студија, беа забележани стапки на успех од околу 74 проценти за TVT-операцијата. Кај 1.6 % од жените лентата морало да биде отстранета по процедурата поради компликации. Околу 5% од жените и понатаму имале нарушувања на празнењето и покрај операцијата.N. Kuuva, C. G. Nilsson: Long-term results of the tension-free vaginal tape operation in an unselected group of 129 stress incontinent women. In: Acta Obstet Gynecol Scand. 85(4), 2006, S. 482–487. PMID 16612712 Една холандска студија ја спореди TVT-операцијата со физикална терапија (вежби на карличниот под), што претставува опација за конзервативен третман. Операцијата TVT е супериорна во однос на физиотерапијата во овој поглед, а жените се исто така позадоволни.Julien Labrie, Bary L. C. M. Berghmans, Kathelijn Fischer, Alfredo L. Milani, Ileana van der Wijk, Dina J. C. Smalbraak, Astrid Vollebregt, Ren P. Schellart, Giuseppe C. M. Graziosi, J. Marinus van der Ploeg, Joseph F. G. M. Brouns, E. Stella M. Tiersma, Annette G. Groenendijk, Piet Scholten, Ben Willem Mol, Elisabeth E. Blokhuis, Albert H. Adriaanse, Aaltje Schram, Jan-Paul W. R. Roovers, Antoine L. M. Lagro-Janssen, Carl H. van der Vaart: Surgery versus Physiotherapy for Stress Urinary Incontinence. In: New England Journal of Medicine. 369, 2013, S. 1124–1133. doi:10.1056/NEJMoa1210627 Само околу една од 10 жени претрпеле помали хируршки компликации како што се модринки или ургентна недржливост.
Кај мажите, може да се направи обид за минимално инвазивна операција на сфинктерот (кружниот мускул во пределот на вратот на бешиката одговорен за задршка на урината). Во потешки случаи каде конзервативната терапија не помага, може да се вгради вештачки сфинктер - маншета околу уретрата во пределот под бешиката, кој може се надувува или празни со помош на пумпа.
Дуга метода со инјектирање на хијалуронска киселина во уретрата доведува до подобрување кај околу половина од пациентите во првата година, но долгорочниот успех на овој третман е низок, а стапката на компликации е висока.F. Lone, A. H. Sultan, R. Thakar: Long-term outcome of transurethral injection of hyaluronic acid/dextranomer (NASHA/Dx gel) for the treatment of stress urinary incontinence (SUI). In: International urogynecology journal and pelvic floor dysfunction. Band 21, Nummer 11, November 2010, S. 1359–1364, . doi:10.1007/s00192-010-1211-4. PMID 20571764.
Употребата на механички помагала, како што се ленти за пенисот или оклузери за недржливост, кои се прикачуваат надворешно на пенисот и вршат притисок врз уретрата (мочниот канал) и на тој начин го спречуваат несаканото губење на урината, е докажана терапија за недржливост на мочта.
Мешана недржливост Овде се комбинираат ургентната и стресната недржливост.
Недржливост кај хронични нарушувања на одливот на мочниот меур Недржливостта со хронични нарушувања на дренажата на мочниот меур (исто така: недржливост со хронична уринарна ретенција т.е. хорнична задршка на урина) е предизвикана од недоволно празнење на уринарниот меур со резултат на резидуална (остаточна) урина во мочниот меур. Причините можат да бидат од механичка природа, како што е зголемена простата, која често се јавува кај мажите, која ја стеснува уретрата (мочниот канал) додека минува низ простатата. Сепак, постојат и функционални (невролошки) причини, како што е нарушување на координацијата на притисокот во мочниот меур и сфинктерите на мочниот меур при мокрење.
Проблемот со постојаното формирање на резидуална урина е тоа што таа може да се акумулира. Ова може да доведе до зголемен притисок на мочниот меур кој е толку висок што целиот систем за празнење станува нестабилен и сфинктерите на мочниот меур се пренапрегнати, што може да доведе до недржливост од различни степени. Оттука и терминот недржливост со прелевање.Maurice Stephan Michel, Joachim W. Thüroff, Günther Janetschek, Manfred Wirth: Die Urologie. Springer-Verlag, Berlin/ Heidelberg/ New York 2016, ISBN 978-3-642-39940-4, S. 878.
Сепак, главниот ризик од акумулирана резидуална урина не е развојот на недржливост, туку насобирање и застоја на урина во уретерите и бубрезите. Ова повлекува непосреден и најчесто незабележлив ризик за постепено губење на функцијата на бубрезите до степен на уремија (бубрежна инсуфициенција и потреба за дијализа). Во овој поглед, секое сомневање за недржливост од овој тип е алармен сигнал што треба што поскоро да се разјасни кај специјалист уролог.
Урологот може многу лесно да го процени степенот на формирање на резидуална урина, а со тоа и нивото на опасност, користејќи ултразвук. Доколку е потребно, причината потоа може да се елиминира, на пример во случај на стеснување поради зголемена простата. Ако насобраната урина веќе стигнала до бубрезите, веднаш треба да се вметне катетер преку кој мочниот меур може се празни и потоа да се носи додека не се отстрани опструкцијата.
Рефлексна недржливост Рефлексната недржливост е предизвикана од нарушување или уништување на патеките на поттиснување на мокрењето (инхибициски патишта) кои доаѓаат од мозокот, така што преовладува импулсната активност на рефлексниот лак помеѓу мочниот меур и центарот за микција во сакралниот дел на ’рбетниот мозок (S2-4). Во овој случај рефлексниот лак за мокрење меѓу ’рбетниот мозок и мочниот меур повеќе не е контролиран од големиот мозок и работи автономно. Тоа резултира до контракции на мускулатурата на мочниот меур и неволно (неконтролирано) истекување на урина.
Друг проблем е недостатокот на координација на мускулатурата која го контролира празнењето на мочниот меур, што често резултира со нецелосно празнење со резидуална урина (диссинергија на детрузорниот сфинктер).
Таквата состојба се јавува, на пример, по параплегија на ниво над центарот за микција (мокрење) во ’рбетниот мозок (лезија на горниот моторен неврон или 1. неврон). Дегенеративните промени во централниот нервен систем, на пример кај луѓе со мултиплекс склероза, може да го имаат истиот ефект. Во случај на лезија на долниот моторен неврон или 2. неврон, од друга страна, се јавува флакциден (млитав), целосно денервиран мочен меур со преливна недржливост.
Терапијата се базира првенствено на лекови. Самостојната катетеризација (самостојно внесување на катетар во мочниот меур) од време на време овозможува празнење без заостанување урина во мочниот меур (резидуална урина). Приоритетна цел на самостојната катетеризацијата, покрај празнењето на мочниот меур, е, првенствено заштита на горниот уринарен тракт (бубрезите).
Екстрауретрална недржливост Во случај на екстрауретрална недржливост, не постои инсуфициенција на апаратот за затворање на уретрата (мочниот канал), оттаму и името екстрауретрална. Природниот тек на урината е „заобиколен“, на пример, со вродена малформација на уретерот зад сфинктерот, цистоцела, уретроцистоцела или фистула поврзана со повреда, како што е фистула помеѓу мочниот меур и правото црево или мочниот меур и вагината, како резултат на операција или зрачење. Терапијата се спроведува со помош на оперативна корекција.
Синдром на прекумерно активен мочен меур Синдром на прекумерно активен мочен меур или раздразлив мочен меур (англиски: overactive bladder, OAB) не претставува форма на недржливост. Раздразливиот мочен меур не е форма на недржливост. Кога губењето на урината се јавува како дел од симптомите на раздразлив мочен меур, тоа се нарекува ургентна недржливост. Но, текот на болеста може да се одвива и без губење на урината и да се манифестира со непријатен и чест нагон за мокрење.
Формата на болеста е дефинирана според номенклатурата на ICS (International Continence Society) со ненадеен, неиздржлив нагон за мокрење, кој го принудува засегнатото лице веднаш да оди во тоалет. Фреквенцијата на празнење за OAB мора изнесува најмалку 8 × на 24 часа. Се прави разлика помеѓу OAB со недржливост и без недржливост.
Старата номенклатура за ова е:
сензорна недржливост: овде е нарушена перцепцијата за полнење на мочниот меур, во смисла на предвремено чувство на исполнетост е, на пример поради воспаление, камења во мочниот меур или опструкција на уринарниот тракт.