Етноастрономија / стара небесна карта на македонскиот народ претставува комплекс од народни знаења, верувања и имагинарни претстави за небесната тела и појави во вселената кои се негуваат во традицискиот светоглед на македонскиот народ. Тоа е фолклорно добро кое според Националната класификација на културното наследство ги опфаќа народната космогонија, народниот календар и народната метеорологија. Нематеријалното културно добро „Eтно астрономија /стара небесна карта на македонскиот народ“ се прогласува за културно наследство од особено значење, поткатегорија исклучително значење.Одлука за прогласување

Истражувањата покажале дека македонскиот народ има своја оригинална претстава за ѕвезденото небо и свое толкување на движењата и изгледот на небесните тела и атмосферските појави.Ѓоре Ценев: Небото над Македонија, стр. 7, издавач: Младински културен центар - Скопје, 2004 г.

Потекло Од поделбата на небото и имињата на народните соѕвездија, како и симболиката и митологијата кои тие ја носат, може да се заклучи дека тие влечат корени од раните земјоделски заедници кои постоеле на балканскиот простор уште во времето на неолитот. Прашањето каде се појавиле религиските традиции губи од своето значење акo се земат во предвид глобалната унифицираност на бројните неолитски култури што го сочинувале таканаречениот Балканско-Анадолски комплекс (Чаусидис Н. 1996) и ставот но современата наука, дека Блискиот Исток и Источниот Медитеран во Бронзено време претставуваат заеднички културен и религиозен простор (Fritz G.,2007:3-16). Многу позначајни се прашањата, како и со чие посредство овие преданија и традиции преживеале неколку илјади години и сé уште се присутни во народната култура на сите балкански народи.

На овие прашања во иднина ќе мора да се бараат одговори преку правењето на компаративни анализи и соработка на сите специјалисти од областа на антропологијата, етнологијата, етноастрономијата, историјата на религијата, лингвистиката и сл.       

Опис на доброто Во научните трудови на авторот Ѓоре Ценев: „Македонски народни соѕвездија“ објавен во Зборникот на трудови од Меѓународната научна конференција оддржана во Белград во 2007 година и „Стара небесна карта на македонскиот народ“, објавен во британското списание „Cosmos“ во 2014 година. Како и емпириски материјал во овој елаборат наведени се податоците кои се собрани од населението во македонските села во периодот 1982-1986 година.

      Речиси сите небесни карти вообичаено се претставуваат во кружна форма, но ние во оваа пригода се одлучивме, во согласност со народната претстава и поделба на небото, картата да се состои од три дела (Ценев Ѓ. 2000: 1). Според тврдењето на сите стари жители на македонските села, годината порано се делела само на две годишни времиња: зима и лето.

"Зимата започнувала на денот 8 ноември, кој во народот е познат под името  Митровден а завршувала на 6 мај, во народот познат како Ѓурѓовден (жена, 70 години, Mешеишта, маж 85 години, Климештани). Соодветно летото започнувало на Ѓурѓовден, а завршувало на Митровден.

Токму затоа, во народот се зборува за соѕвездија на зимско и на летно небо кои соодветно се прикажани на небесната карта. Истражувањата покажале дека народот знае за некои соѕвездија кои се наоѓаат околу ѕвездата Северница (Поларната ѕвезда) и за нивното кружно движење на небото, без да изгреваат и заоѓаат во текот на годината. Од овие причини делот околу Северницата е издвоен како посебен дел во составот на небесната картa.

Ѕвезди и соѕвездија на зимското небо Зимското небо според мислењето кое важи во астрономијата има најубав изглед, затоа што содржи голем број на сјајни ѕвезди и ѕвездени јата. Сјајните ѕвезди лесно се препознаваат на небото, па затоа не зачудува фактот дека тие биле основа во градењето на претставите за небото и во формирањето на сликите на народните соѕвездија. Како и во сите други народи така и во македонскиот народ забележани се најголем број на податоци за соѕвездијата на зимското небо.

Квачка е најпознатото народно соѕвездие за кое без исклучок знаат сите стари жители во македонските села (види Ѕвездена карта на македонскиот народ). Со ова име во народот се именува ѕвезденото јато Плејади (Pleiades). Во народот се тврди дека на небото има три основни белези кои секогаш, особено наутро се бараат на небото.

Трите белези по ред се: Квачка или со астрономски речник кажано ѕвезденото јато Плејади, Деница кое е народно име за планетата Венера и Орач со кое име народот ја нарекува сјајната ѕвезда Бетелгез во астрономското соѕвездие Орион (Orion).

Белезите народот ги користи летно време и во почетокот на есента за утврдување на времето за будење и започнување на земјоделските работи. Народот вообичаено вели: "Кога на исток летно време ќе изгрее Квачката, тогаш е околу 2 часот по полноќ. Тоа е времето кога се будат домаќинките и започнуваат да го месат лебот за работниците по нивите (маж, 90 години, Mарвинци; маж, 87 години, Kривогаштани; маж 78 години, Сопотница)".

Потоа, на растојание од еден остен (дрвен стап за терање на добитокот со должина од околу 2 метри) на источниот хоризонт ќе се појави Орачот. Тогаш е околу 3 часот по полноќ и тоа е времето кога се будат сите орачи и се подготвуваат да заминат на нивите. Најпосле изгрева Деницата и таа најавува дека набрзо ќе изгрее Сонцето, а кога тоа изгрева, сите луѓе веќе треба да се на нивите и да ги вршат земјоделските работи (Ценев Ѓ. 2004: 74-76).

Луѓето во селата најчесто ја опишуваат Квачката како една кокошка – мајка која е опкружена со 6-7 пилиња. Ѕвезденото јато Плејади, астрономски кажано, е дел  од зимското небо, па затоа во зависност од географските координати и реалната местоположба на селата во Македонија ќе има различна видливост на небото. Во април и мај, Плеадите не се гледаат на небото, а во почетокот на јуни започнуваат да изгреваат над источниот хоризонт пред изгревање на Сонцето. Кон крајот на есента Плејади ќе исчезнат од утринското небо и ќе започнат да изгреваат над источниот хоризонт навечер по заоѓањето на Сонцето. Ваквата видливост на Квачката добро им е позната на жителите на македонските села.

Во селата на Југоисточна Македонија го забележавме верувањето дека сите видови на растенија со зрнести плодови мора да бидат собрани од нивите пред Квачката да се појави на небото. Кога таа летно време наутро се појавува многу е ниско над хоризонтот, па се верува дека таа лесно може да слезе на земјата и со своите гладни пилиња да го изеде целиот род по полињата. „Денот посветен на Цар Константин (3 јуни) е последен ден за берење на сусамот. Сите луѓе до тој ден треба да го соберат сусамот, затоа што на тој ден за прв пат во годината се јавува Квачката со своите пилиња. Кога прв пат се јавува Квачката е многу ниско, блиско до земјата и може да се симне на земјата и да го изеде сиот сусам“ (маж, 90 години, Mарвинци).

Во селата забележани се и некои магиски ритуали поврзани со Квачката. Во Нежилово велат: „Кога за прв пат ќе се види Квачката пред Петровден се вика: Квачко тебе сон ти в очи, мене јасни очи! Така се вика за да помалку се спие, зошто во тоа време има многу работа во полето“ (жена, 80 години, Нежилово). Во Ракотинци на луѓето им се советува: "Пред Петровден да ја видиш Квачката за да не те фаќа грозница!" (маж, 82 години, Рaкотинци). Во денот кога на небото ќе се појави Квачката: „јагнињата се затвораат за да не ги фати некоја болест“ (жена, 68 години, Тлминце)

           Квачката како еден од главните белези на небото опкружена е со други ѕвезди и соѕвездија кои имаат народни имиња на животни кои вообичаено се поврзани со нејзиниот живот. Затоа, во нејзината околина се наоѓаат следниве народни соѕвездија:

Петел: "Петелот е сјајна ѕвезда подалеку од Квачката" (маж, 57 години, Кривогаштани). По деталната проверка може да се рече дека со ова име во народот се именува ѕвездата Nat од соѕвездието Кочијаш (Auriga).

Јастреб: Како еден од природните непријатели на Квачката и Петелот, Јастребот се наоѓа над нив во позиција за напад. "Јастребот е една сјајна ѕвезда над Квачката и пилињата и сака да ги фати!" (маж, 82 години, Ракотинци). Сјајната ѕвезда Capella од соѕвездието Кочијаш (Auriga) народот ја именува со името Јастреб.

Лисица: Лисицата е вториот природен непријател на Квачката и Петелот и затоа народoт исто така ја „гледа“ на небото. Црвената боја на сјајната ѕвезда Aldebaran од астрономското соѕвездие Бик (Taurus) била причината народот да си ја претстави како Лисица која се подготвува да ги нападне Квачката и Петелот. Во Негорци на пример велат: "Лисицата оди по Квачката, за да ја улови!" (маж, 90 години, Негорци).

Околината на Квачката може да се претстави и како изглед на еден вообичаен двор на типична селска куќа. Затоа во нејзината околина народот ги наведува и следниве соѕвездија:

Свињи: Во близината на Квачката народот на небото го забележал ѕвезденото јато Hyades. Расејаниот изглед на ѕвездите од ова јато народот го асоцирало на слика од група свињи во селскиот двор, па затоа така и ги нарекле. Најсјајната ѕвезда во Hyades народот ја смета за Свињар (човекот кој ги води свињите) а останатите ѕвезди се свињите. Во Муртино велат: "Тоа е свињар со свињи!" (маж, 80 години, Mуртино).

Јарем: Во народот со ова име се означува група ѕвезди од астрономското соѕвездие Персеј (Perseus). "Јаремот е блиску до Квачката и се гледа од Петровден до Ѓурѓовден" (жена 60 години, Добровница).  Јаремот за воловите, исто така, вобичаено се гледа во селскиот двор и затоа тој како и претходните народни соѕвездија сведочат за општата народна слика и намена на овој дел на небото.

Подалеку од Квачката и сликата на селскиот двор, се наоѓа втората група на народни соѕвездија која ја создаваат општата слика на работа во селските ниви. На овој дел на небото народот ги гледа следниве соѕвездија:

Орач: Како што видовме понапред Орачот е еден од трите основни белези на небото. Со ова име народот ја именува сјајната ѕвезда Betelgeuse во астрономското соѕвездие Орион (Orion). Се разбира покрај Betelgeuse во градењето на сликата на народното соѕвездие учестуваат и околните послаби ѕвезди, затоа што народот вели декаː Орачот е слика на човек со остен, кој се враќа кон својата куќа. "Тоа е орачот кој тргнал да ора но го заборавил каишот за врзување на оглавот и пошол дома да го земе и пота да продолжи со орањето" (маж, 82 години, Логунци).    

Рало со волови: Астрономското соѕвездие Орион (Orion) со големиот број сјајни ѕвезди и карактеристичен распоред доминира на зимското небо и лесно се пронаоѓа. Луѓето во македонските села најчесто го посочуваат регионот околу појасот на Орион при што велат дека трите сјајни ѕвезди од појасот и околните послаби ѕвезди градат слика на едно дрвено рало со впрегнати два вола. "Тоа е рало со два вола оставени на нивата, затоа што орачот се вратил дома" (маж, 85 години, Богомила).

Волци: Во околината на ралото со воловите кои се оставени на селската нива, народот гледа и два Волка. "Волците се малку позади од ралото со воловите и сакаат да ги нападнат воловите оставени на нивата" (маж 85 години, Богомила) Според описот може да се рече дека како Волци народот ги посочува сјајните ѕвезди Sirius во соѕвездието Големо Куче (Canis Major) и Procion во соѕвездието Мало Куче (Canis Minor).

Орачот, Ралото со Воловите и Волците се дел од една поширока слика на небото за која народот раскажува (Ценев Ѓ. 2004: 78-80): Сумарниот опис на ова слика би бил: „Орачот излегол рано наутро да ора, но кога стигнал таму видел дека го заборавил каишот за врзување на воловите. Тој тргнал да се врати дома да го земе каишот и затоа тој е подалеку од Ралото и Воловите кој ги оставил на нивата. Волците забележале дека воловите се оставени сами на нивата, па затоа се групираат и прикрадуваат за да ги нападнат“ (маж, 82 години, Логунци, маж, 85 години, Богомила).