Сашко Петар Лафчиски (11 февруари 1977 во Штип) — македонски генерал, началник на Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија од 2024 година.

Животопис Лафчиски е роден во 1977 година во Штип, но е од Делчево. Тој е еден од првата генерација питомци на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ во Скопје, на која дипломира во 1999 година, а потоа ја започнува својата служба во Армијата на Република Македонија (АРМ) и станува дел од силите за специјални операции на Армијата, каде што го поминува поголемиот дел од својата служба.

Од 1999 до 2001 година е командир на тим во Единицата за специјални намени. Во 2000 година е унапреден во чин поручник, а во 2001 година во чин капетан. Од 2001 до 2003 година е командир на чета во единицата. Во 2003 година единицата се трансформира во Баталјон за специјални намени (бСН), а тој е назначен за офицер за обука во секцијата С-3 на баталјонот. Во 2003 и 2004 година е командант на контингентот на силите за специјални операции на Македонија во мисијата „Iraqi Freedom“. Од 2004 до 2008 година е началник на С-3 во бСН. Во 2007 година е унапреден во чин мајор. Од 2007 до 2008 година студира во Командно-штабната академија „Благо Задро“ во Загреб, Хрватска.

Од 2008 до 2012 година е претставник на Македонија во Командата на сојузничката здружена сила Наполи на НАТО во Италија, каде што стекнува искуство во оценување на оперативни способности според стандардите на Алијансата. Во 2011 година е унапреден во чин потполковник.

Од 2012 до 2015 година е началник на С-3 во командата на Полкот за специјални операции (пСО), во чиј состав се бСН и Ренџерскиот баталјон (Рб). Во 2012 година е одликуван со Сребрена значка на Армијата, а во 2013 година со Златна значка на Армијата. Од 2015 до 2016 година студира во Карлајл, Пенсилванија, САД, каде што магистрира на стратегиски студии. Во 2016 година е именуван за командант на Баталјонот за специјални намени. Оваа должност ја извршува до 2018 година. Во 2018 година е унапреден во чин полковник и е именуван за заменик на командантот на пСО. Од 2020 до 2021 година е началник на Одделението за специјални операции, кое е во составот на Генералштабот. Во овој период, армиските сили за специјални операции претрпуваат значителна трансформација.

Во 2021 година е именуван за командант на Првата пешадиска бригада (1.пбр), најголемата единица на Армијата и нејзината главна борбена сила. Во 2022 година, по повод триесетгодишниот јубилеј на Армијата, претседателот на Републиката Стево Пендаровски го унапредува во генералскиот чин бригаден генерал.„Указ бр. 14 од Претседателот на Република Северна Македонија“. Службен весник на Република Северна Македонија. Број 182, 17 август 2022 година, година LXXVIII, стр. 2. Во 2024 година е унапреден во генералскиот чин генерал-мајор и е именуван за началник на Генералштабот, наследувајќи го генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски на чело на Армијата.

Наводи

Надворешни врски

Категорија:Генерали во АРМ Категорија:Припадници на Баталјонот за специјални намени