Џејмс Рајли Блејк (роден на 28 декември 1979 година) е американски поранешен професионален тенисер.
Во својата кариера во поединечна конкуренција, тој освоил 10 титули на АТП турнејата (од 24 одиграни финалиња), и го достигнал 4-тото место на АТП листата како негово највисоко рангирање во кариерата во октомври 2006 година. Најдобрите моменти во неговата кариера вклучуваат достигнување до финалето на Тенис Мастерс куп 2006, полуфинале на Олимписките игри во Пекинг 2008 (победувајќи го светскиот бр. 1 Роџер Федерер на патот до таму), четвртфиналето на Отвореното првенство на Австралија 2008 и Отвореното првенство на САД 2005 и 2006, две титули на Хопман купот (во 2003 и 2004) и станувајќи американски број 1 во машка поединечна конкуренција. Тој, исто така, бил клучен играч во победничкиот состав на САД во Дејвис купот 2007, победувајќи ги двата негови натпревари во сингл во финалето на натпреваувањето против Русија.
Во 2004 година, Блејк скршил пршлен во несреќа додека тренирал. Тој целосно се опоравил, а во 2005 година му била врачена наградата Повратник на годината за неговото враќање на турнејата. Во 2008 година, тој бил прогласен за хуманитарец на годината. Во јули 2007 година, излегла во печат автобиографијата на Блејк, позната под името „Breaking Back: How I Lost Everything and Won Back My Life“, напишана заедно со Ендрју Фридман, зборува за неговото враќање по неговата сезона во 2004 година.
Блејк се повлекол од професионалниот тенис по Отвореното првенство на САД 2013, на кое загубил во пет сета од Иво Карловиќ во поединечна конкуренција и во три сета во машки двојки.
Ран живот и образование Блејк е роден во Јонкерс, од татко Афроамериканец Томас Рејнолдс Блејк и мајка Британка, Бети. Неговиот брат Томас, исто така, бил професионален тенисер, а покрај него има и тројца постари полубраќа: Џејсон, Кристофер и Хауард, и полусестра Мишел.
Блејк почнал да игра тенис на петгодишна возраст покрај неговиот постар брат Томас. Кога имал 13 години, му била дијагностицирана тешка сколиоза и пет години како тинејџер бил принуден да носи целосна протеза за грб 18 часа дневно, иако не додека играл тенис.
Семејството Блејк се преселило во Ферфилд, Конектикат кога работата на таткото на Блејк со продажба на хируршки материјали го однела од Њујорк во Хартфорд, Конектикат. Блејк посетувал настава во Гимназијата во Ферфилд, каде што школски другар и пријател од детството му бил идниот музичар Џон Мајер. Блејк бил инспириран да се занимава со тенис откако го слушнал неговиот идол Артур Еш како зборува за јуниорската тениска програма Харлем. Брајан Баркер бил неговиот прв (и долгогодишен) тренер. Блејк го напуштил Унивзерзитето Харвард, каде што бил член на А.Д. Клуб, по неговата втора година да продолжи кариера во професионалниот тенис. Во 2018 година, тој бил избран во Колеџ куќата на славните на ИТА.
Кариера Рана кариера 2001 На 21-годишна возраст, Блејк го имал својот прв настап во Дејвис купот во 2001 година против Индија и станал трета личност од Афроамериканско потекло што играл за Дејвис куп репрезентацијата на САД (по Артур Еш и МалиВај Вашингтон). Рангиран како бр. 120 во светот, Блејк прифатил вајлд-карта за настап на АТП Мастерсот во Синсинати. Тој победил квалификант и Арно Клеман за да стигне до осминафиналето, каде што се сретнал со Патрик Рафтер. Блејк бил блиску до освојување на првиот сет (паднал во тај-брејк), а откако го испуштил вториот сет, Рафтер, според автобиографијата на Блејк, му дал комплимент на мрежата и неизмерно ја зголемил неговата самодоверба велејќи: „Сега веруваш ли дека можеш да победиш некој како мене, па дури и мене?". Името на Блејк станало попрепознатливо ширум светот меѓу тениските фанови откако тој играл натпревар во пет сета со подоцнежниот шампион на Отвореното првенство на САД, Лејтон Хјуит.
2002 Во јануари 2002 година, Блејк победил на УСТА Ваиколоа Челенџерот на Хаваи. Еден месец подоцна во Мемфис ја забележал својата прва победа над топ-10 противник, совладувајќи го Томи Хас, кој тогаш бил рангиран како бр. 5, и стигнал до финалето, каде загубил од Енди Родик. Тој стигнал до четвртфиналето на турнирот од АТП Мастерс серијата во Рим во мај и до финалето во Њупорт во јули. Во август, во Синсинати, тој ја освоил својата прва титула на АТП турнејата во кариерата и првата титула на некој од турнирите од АТП Мастерс серијата: таа дошла во двојки со Тод Мартин, со што Блејк станал првиот афроамериканец кој освои титула од секаков вид во 101-годишната историја на Синсинати. Тој, исто така, бил првиот Афроамериканец кој стигнал до финале во Синсинати од 1969 година, кога Артур Еш стигнал до финалето во двојки со Чарли Пасарел. Следната недела во Вашингтон, тој ја освоил својата прва титула на АТП турнејата во сингл, победувајќи го Андре Агаси во полуфиналето и Парадорн Сричафан во финалето. На Отвореното првенство на САД, тој стигнал до третото коло, каде повторно се соочил со првиот носител и светски рекет број еден Лејтон Хјуит, во реприза од претходната година Блејк повторно бил поразен во пет сета.
2003 Во 2003 година, неговите најдобри резултати биле настапот во четвртфиналето на Индијан Велс; осминафинале на Австралијан Опен, Синсинати и Мајами. Покрај тоа, стигнал до полуфиналето во Сан Хосе и финалето во Лонг Ајленд, каде загубил од Сричафан. На Отвореното првенство на САД, Блејк бил елиминиран во 3. коло од Роџер Федерер.
2004 Следната 2004, била тешка година за Блејк. Во мај, додека тренирал со Роби Џинепри за Мастерсот во Рим, тој го скршил вратот откако се лизнал на земјата и се судрил со стативата од мрежата. Блејк го скршил седмиот пршлен, но не претрпел никакво оштетување на нервите и на крајот можел целосно да се опорави од повредата. Во јули, неговиот татко починал од рак на желудникот. Во исто време, Блејк развил зостер, што привремено го парализирало половина од неговото лице и му го заматило видот.
Најдобрите години во кариерата (2005-2008) 2005 Повредите и личните проблеми на Блејк предизвикале тој да има релативно лоши резултати во првата половина од 2005 година. До април неговиот ренкинг бил 210-то место. Тој одлучил да игра на турнирите од Челинџер турнејата, турнир од „понизок ранг“ во тенисот, со цел да ја врати самодовербата и да добие повеќе натпревари. Во мај, тој настапил на турнирите во Туника (Мисисипи) и Форест Хилс (Њујорк), и ги освоил двете. Тој повторно се приклучил на АТП турнејата и во август стигнал до финалето на турнирот од International серијата во Вашингтон, каде што загубил од Родик. Тој добил вајлд-карта за Синсинати, но немал среќа со ждрепката извлекувајќи го Федерер во првото коло. Потоа, тој го освоил турнирот во Њу Хејвен, Конектикат, победувајќи го Фелисијано Лопес во финалето, со што стигнал до својата втора АТП титула во кариерата, после повеќе од три години откако ја освоил својта прва во Вашингтон. По Њу Хејвен, тој бил рангиран на 49-тото место на АТП листата.
Блејк добил вајлд карта за учество на Отвореното првенство на САД. Откако го победил светскиот рекет бр. 2 Рафаел Надал во осминафиналето, Блејк го победил Томи Робредо во четири сета и стигнал до четвртфиналето каде што се соочил со сонародникот Андре Агаси. Натпреварот во доцните вечерни часови се смета за еден од најголемите класици во историјата на турнирот. Блејк имал два сета и брејк предност во третиот, кога Агаси го започнал своето враќање и на крајот победил во тај-брејк во петтиот сет. По мечот Агаси рекол: „Не бев јас победник, тенисот беше“. Подоцна, во завршницата на сезоната во октомври, Блејк ја освоил својата трета титула на АТП турнејата во Стокхолм, победувајќи го Сричафан во финалето. Блејк ја завршил 2005 година на 22. место во светот.
2006 На почетокот на 2006 година, Блејк ја освоил титулата во Сиднеј, освојувајќи ја својата четврта АТП титула, победувајќи го Русинот Игор Андреев во финалето. На Австралијан Опен тој бил 20-ти носител, и покрај поразот во третото коло од шпанецот Томи Робредо, тој се пробил во топ 20 за прв пат во неговата кариера. Во март, тој дошол до неговата петта АТП титула во кариерата и втора во 2006 година, победувајќи го Лејтон Хјуит во финалето на турнирот во Лас Вегас. На првиот турнир од АТП Мастерс серијата за оваа година, Мастерсот во Индијан Велс, Блејк му се реванширал на Робредо совладувајќи го во третото коло, а потоа го добил и светскиот рекет број 2, Рафаел Надал во полуфиналето, стигнувајќи до своето прво финале во кариерата на некој од турнирите од АТП Мастерс серијата; сепак, во финалето бил убедливо поразен од светскиот рекет број 1, Федерер со 3-0 во сетови (последниот сет дури го загубил со 0). Со пласманот во финалето, Блејк станал првиот Афроамериканец по Артур Еш што стигнал до најдобрите 10 во светот.
На Ролан Гарос го победил шпанецот Николас Алмагро во четири сета во второто коло, со што станал последниот преостанат Американец во жребот, а потоа бил елиминиран од французинот Гаел Монфис во пет сета. Сезоната на трева ја започнал во Квинс, каде го победил Енди Родик во полуфиналето, а потоа загубил во финалето од Хјуит. На Вимблдон, како осми носител тој изненадувачки бил елиминиран во третото коло од Макс Мирни од Белорусија во пет сета, и покрај водството од 2-1 во сетови. Во месец јули, тој го освоил турнирот од УС Опен серијата во Индијанаполис, совладувајќи го Родик во финалето со 4–6, 6–4, 7–6(7–5), со што се пробил на петтото место на АТП листата од следниот ден. Откако разочарал на двата Мастерси во пресрет на Отвореното првенство на САД, губејќи во второто коло и во Торонто и во Синсинати, Блејк пристигнал во Њујорк со цел да го подобри одличниот резултат од претходната година. Откако со одлична игра, резултатски убедливо, ги добил првите четири натпревари губејќи притоа само еден сет (во третата рунда од Карлос Моја), тој се пласирал во четвртфиналето, во кое повторно, по трет пат во годината, бил поразен од Федерер. Сепак, за разлика од претходните нивни дуели, овојпат Блејк понудил поголема борба и успеал да го освои својот прв сет во дуелите со швајцарецот, откако триумфирал во тајбрејкот од третиот сет со 11-9.
Во својот дебитантски настап на Отвореното првенство на Тајланд во Бангкок, Блејк ја освоил својата седма титула во сингл во кариерата, победувајќи ги Јарко Ниеминен во четвртфиналето, Марат Сафин во полуфиналето, и Иван Љубичиќ (за прв пат во кариерата) во финалето. Две недели подоцна, Блејк стигнува и до петтата титула во 2006 година, успевајќи да го одбрани насловот од претходната година во Стокхолм со победа над Јарко Ниеминен во финалето. Одличната година му носи квалификација на тенискиот Мастерс куп во Шангај, за прв пат во неговата кариера. Тој забележа скор од 2–1 во златната група, победувајќи ги Надал и Николај Давиденко, додека загубил само од Томи Робредо, што му било доволно да се квалификува во полуфиналето. Таму, тој го совладал Давид Налбандијан, пред да загуби уште еднаш од Федерер во финалето.
Годината 2006, била најдобрата за Блејк во кариерата, завршувајќи ја со скор од 59 победи и 25 порази. Тој освоил пет титули (изедначен со Надал и Давиденко) во годината, што бил втор најдобар резултат, единствено, светскиот рекет број 1 Федерер, со 12 титули ја завршил годината со повеќе од него. Исто така, тој ја завршил годината на четвртото место на АТП листата, што воедно било и неговиот најдобар пласман во кариерата.
2007 Во 2007 година, Блејк победил на турнирот во Сиднеј втора година по ред. Сепак, потоа тој претрпел разочарувачки пораз во осминафиналето на Отвореното првенство на Австралија, губејќи од десеттиот носител и подоцнежен финалист Фернандо Гонсалес. Во февруари, Блејк стигнал до финалето на турнирот во Делреј Бич, но го загубил тоа финале од Белгиецот Ксавиер Малис во три тесни сета.