Карлос Алкарас Гарфија (шпански: Carlos Alcaraz Garfia; р. , во Ел Палмар) — шпански професионален тенисер. Најдобриот пласман во поединечна конкуренција го остварил на 12 септември 2022 година, кога се искачил на првото место на АТП листата на најдобрите тенисери, станувајќи најмладиот тенисер во отворената ера кој остварил таков успех.

Професионалната тениска кариера Алкарас ја започнал во 2018 година, и до денес има освоено 15 титули на турнирите од АТП серијата, вклучувајќи четири гренд слема (двапати бил победник на Вимблдон, по еднаш на Отвореното првенство на САД и Ролан Гарос) 5 освоени титули на турнирите од АТП Мастерс серијата и уште четири од АТП серијата 500.

Моментално е рангиран на третото место на АТП листата.

Биографија Карлос Алкараз Гарфија е роден на 5 мај 2003 година, во Ел Палмар, Мурсија, југоисточна Шпанија, како дете на Карлос Алкарас Гонсалес и Вирхинија Гарфија Ескандон. Тој има три браќа и сестри.

Алкарас започнал да игра тенис на четиригодишна возраст во клубот Реал Сосиедад де Кампо де Мурсија, каде што неговиот татко бил тренер и администратор на клубот. Таткото на Алкарас, исто така, играл тенис, но престанал да игра како тинејџер кога повеќе не можел тоа да си го дозволи. Од друга страна, неговата мајка работела како продажен асистент во IKEA.

Во 2018 година, Алкарас се преселил во Виљена, каде започнал да тренира во спортската академија на прославениот шпански тенисер Хуан Карлос Фереро.

Кариера Во февруари 2020 година, на 16-годишна возраст, Алкарас го направил своето деби во главниот жреб на некој АТП турнир, на АТП Рио де Жанеиро откако добил вајлд-карта за поединечна конкуренција. Алкарас го совладал сонародникот Алберт Рамос Вињолас во првото коло, но загубил во својот втор натпревар од Федерико Корија со 4-6, 6-4, 4-6.

2021: Првата АТП титула и победник на Некст-Џен финалето

На само 17-годишна возраст, Алкарас стигнал до главниот жреб на Отвореното првенство на Австралија, што го направило најмладиот учесник во машка поединечна конкуренција. На своето деби на гренд слем турнирите, Алкарас во три сета го победил Ботик ван де Зандшулп, кој исто така во главиот жреб на турнирот стигнал преку квалификации, пред да загуби во второто коло од Микаел Имер.

Алкарас добил вајлд-карта за настап и станал најмладиот победник во натпревар на Отвореното тениско првенство на Мадрид во историјата на турнирот, победувајќи го Адријан Манарино, со што го соборил дотогашниот рекорд поставен во 2004 година на тогаш 18-годишниот Рафаел Надал. Во второто коло, тој загубил токму од Надал на денот на неговиот 18-ти роденден. Со освојувањето на најголемата титула во неговата дотогашна кариера, челенџер турнирот Оеираш III, тој влегол во топ 100 како најмлад играч на 18-годишна возраст на 24 мај 2021 година.

На Ролан Гарос 2021, како квалификант Алкарас, за првпат во кариерата на некој гренд слем, стигнал до третото коло, победувајќи ги сонародникот Бернабе Сапата Мираљес и Николоз Басилашвили на патот до таму. Во третата рунда тој бил поразен од Јан-Ленард Штруф во три сета.

Во јули 2021 година, тој стигнал до своето прво АТП финале во кариерата, на турнирот во Умаг, победувајќи го првиот носител Алберт Рамос Вињолас. Во финалето тој го надиграл Ришар Гаске со убедливи 6-2, 6-2, со што ја освоил својата прва АТП титула во кариерата и станал најмладиот победник на некој турнир од АТП турнеја од денот кога 18-годишниот Кеи Нишикори го освоил турнирот во Делреј Бич во 2008 година.

На АТП Винстон-Салем 2021, Алкарас стигнал до осминафиналето победувајќи го квалификантот Алексеј Попирин, а неговото второ четвртфинале на ниво АТП турнеја во сезоната го обезбедил победувајќи го четвртиот носител Мартон Фучович. Тој го победил Маркос Гирон за да се пласира во полуфиналето, каде бил сопрен од Микаел Имер.

На Отвореното првенство на САД, Алкарас го победиl светскиот рекет бр. 3 Стефанос Циципас, во тај-брејкот на петтиот сет за да се пласира во четвртото коло што му била најголемата победа во кариерата. На 18-годишна возраст, Алкарас станал најмладиот играч кој дошол до четврта рунда на големите турнири од 17-годишниот Андреј Медведев на Ролан Гарос 1992, и најмладиот кој играл во четвртото коло на УС Опен по 17-годишниот Мајкл Чанг и 18-годишниот Пит Сампрас во 1989. Потоа, тој стигнал до четвртфиналето победувајќи го квалификантот Петер Гојовчик. Алкарас станал најмладиот четвртфиналист во машка конкуренција на УС Опен во Опен ерата, најмладиот на турнирот од 18-годишниот Томаз Кох во 1963, и најмладиот четвртфиналист на гренд слем турнирите во машка поединечна конкуренција по 18-годишниот Мајкл Чанг на Ролан Гарос 1990. Во следниот натпревар, тој загубил од Феликс Оже-Алијасим, откако го предал мечот во вториот сет од четвртфиналето поради повреда на ногата.

На АТП Виена, Алкарас го победил светскиот број 7, Матео Беретини, што била негова втора победа над топ-10 играч, и станал најмладиот играч во топ 35 на 1 ноември. На Мастерсот во Париз, Алкарас го победил францускиот тенисер учесник со вајлд-карта Пјер-Иг Ербер во три возбудливи сета во првото коло. Потоа го победил Јаник Синер во два сета во второто коло, негова трета победа над топ-10 играч, пред да биде поразен во третото коло од Иго Гастон.

На Next Generation завршниот турнир, Алкарас ги победил Брендон Накашима, Хуан Мануел Серундоло и Холгер Руне во групната фаза. Потоа, тој го победил Себастијан Баес во полуфиналето и на крај Себастијан Корда во финалето.

2022: Првата гренд слем титула, и бр. 1 На Отвореното првенство на Австралија Алкарас бил поставен за 31-ви носител во жребот, првпат во неговата кариера да биде носител на некој гренд слем турнир, и стигнал до третото коло каде загубил во пет сета од Матео Беретини.

Како седми носител на АТП Рио де Жанеиро, Алкарас ја освои својата прва титула на турнирите од АТП 500 серијата победувајќи го Диего Шварцман во финалето. Тој влегол во првите 20 на АТП листата во поединечна конкуренција на 21 февруари 2022 година. Во Индијан Велс, Алкарас стигнал до своето прво полуфинале на турнирите од Мастерс 1000 серијата; откако го совладал бранителот на титулата Камерон Нори во четвртфиналето, тој загубил од Рафаел Надал.

Поставен како 14-ти носител на Мастерсот во Мајами, Алкарас го победил шесттиот носител Каспер Руд во финалето, со што ја освоил својата прва титула од Мастерс 1000 серијата, станувајќи најмладиот машки победник во историјата на турнирот и третиот најмлад освојувач на некои од АТП Мастерс 1000 турнирите во историјата.

На Мастерсот во Монте-Карло, Алкарас загубил во второто коло од Себастијан Корда. На АТП Барселона, Алкарас го победил првиот носител Стефанос Циципас во четвртфиналето со што за првпат во кариерата влегол во топ 10 на АТП листата на 25 април 2022 година. Тој станал 20-тиот тинејџер кој успеал да се пробие во првите 10 на листата откако било воспоставено рангирањето во 1973 година, и најмладиот од Рафаел Надал, кој исто така, тоа го сторил на 25 април, но во 2005 година. Така, Алкарас дебитирал во топ 10 точно 17 години откако Надал дебитирал во топ 10, што е и нивната разлика во години, што значи дека и двајцата дебитирале во топ 10 непосредно пред да наполнат 19 години. Алкарас подоцна го победил сонародникот Пабло Карењо Буста и ја освоил титулата во Барселона.

Еден ден по неговиот 19-ти роденден на Мастерсот во Мадрид, тој го победил петкратниот победник на турнирот, светскиот број 4 и третиот носител Рафаел Надал во четвртфиналето и станал првиот тинејџер кој го победил Надал на земјена подлога. Следниот ден, тој го победил светскиот рекет број 1 и првиот носител Новак Ѓоковиќ во полуфиналето за неговата 6-та последователна победа над топ-10 играчите, со што станал најмладиот играч на АТП турнејата кој го победил светскиот рекет број 1 од 2004 година. Тој, исто така, станал првиот играч кој некогаш ги победил Ѓоковиќ и Надал на земјена подлога. Во финалето, тој ја освоил својата четврта титула за сезоната (и втора од Мастерс 1000 серијата), откако го победил бранителот на титулата и светскиот бр. 3 Александар Зверев. Со тоа, тој ги победил првите три носители на турнирот во три последователни натпревари и станал најмладиот победник во историјата на турнирот. Со овој резултат, тој се искачил на највисокото место во кариерата, станувајќи бр. 6 на АТП листата на 9 мај 2022 година.

Откако се повлекол од Мастерсот во Рим поради повреда на зглобот, Алкарас настапил на Ролан Гарос, каде бил поставен за шестти носител. Со две освоени титули на земјена подлога во серијата турнир пред доаѓањето на Францускиот слем, тој бил широко проектиран како еден од фаворитите за титулата. Турнирот го започнал со победа над Хуан Игнасио Лондеро од Аргентина во првото коло со 3-0 во сетови, пред да спаси меч-топка во тешкото второ коло во кое бил подобар од Алберт Рамос Вињолас тек после пет сета. Во следните две кола, тој бил на висина на задачата, совладувајќи ги Корда и Карен Хачанов со 3-0 во сетови пред да загуби од Зверев, во второто негово четвртфинале на гренд слем турнирите.

На Вимблдон, Алкарас го победил Јан-Ленард Штруф во тесен меч од пет сета пред потоа да оствари победи со максимални три сета против Талон Грикспор и Оскар Оте, пласирајќи се во осминафиналето на Вимблдон за првпат во својата кариера. Таму тој бил поразен од Јаник Синер во четири сета 6-1, 6-4, 6-7(8-10), 6-3. Потоа Алкарас стигнал до финалето на АТП Хамбург, каде што бил поразен од Лоренцо Музети. Ова било првото АТП финале што го загубил во својата кариера. Сепак, овој резултат го донел до ново најдобро рангирање во кариерата, 5-то место во светот на 25 јули; тој станал најмладиот играч кој влегол во првите 5 уште од Надал во 2005 година. Следната недела, тој стигнал до ново финале, овојпат на турнирот во Умаг, каде повторно бил поразен од Јаник Синер. На новата ранг-листа, од 1 август, тој скокнал за уште една позиција и имал уште еден нов најдобар пласман во кариерата, наоѓајќи се на 4-тото место.

На северноамериканската турнеја во склоп на подготовките за четвртиот гренд слем, Алкарас настапил на Отвореното првенство на Канада за прв пат во својата кариера. Како втор носител, тој бил слободен во првото коло, а во второто, изненадувачки загубил од Томи Пол. Во Синсинати, тој стигнал до четвртфиналето каде што загубил од Камерон Нори.

Кон крајот на август, по втор пат во својата кариера, Алкарас настапил на Отвореното првенство на САД. Пред турнирот, Алкарас, Рафаел Надал, Каспер Руд, Даниил Медведев и Стефанос Циципас сите биле во конкуренција за преземање на првото мето на АТП листата. Настапот на последниот гренд слем за календарската година Алкарас го отворил сигурно, забележувајќи три максимални победи во првите три кола, без да загуби ниту еден сет. Во четвртото коло, тој го победил поранешниот шампион Марин Чилиќ во пет сета и станал најмладиот тенисер кој стигнал до четвртфиналето на Отвореното првенство на САД двапати по ред во Опен ерата. Во четвртфиналето, Алкарас спасил меч-топка во четвртиот сет пред да се опорави и да победи со пресврт во пет сета против Јаник Синер. Натпреварот траел пет часа и петнаесет минути, а бил забележан најдоцниот финиш на некој натпревар во историјата на турнирот во 2:50 часот наутро по источно време. Алкарас одиграл трет последователен натпревар во пет сета во полуфиналето, во кое бил подобар од домашниот тенисер Франсес Тиафо, пред во финалето да се соочи со петтиот носител Каспер Руд, кој го добил во четири сета (6–4, 2–6, 7–6(7–2), 6–3) со што ја освоил својата прва гренд слем титула.