Јужноафриканска Република (, скратено ЈАР; ), позната и како Република Трансвал ― независна бурска република во Јужна Африка која постоела од 1852 до 1902 година. По Втората бурска војна била припоена кон Британската Империја.

Јужноафриканската Република била основана со Конвенцијата за реката Сенд од 1852 година, со која британската влада формално ја признала независноста на Бурите кои живеат северно од реката Вал. Односите меѓу Јужноафриканската Република и Британија почнале да се влошуваат откако британската Колонија Кејп почнала да се проширува кон внатрешноста на Јужна Африка, што кулминирало со избувнување на Првата Бурска војна. По победата на Бурите во војната била потврдена независноста на Јужноафриканската Република. Во 1899 година, повторно избувнала војна помеѓу Велика Британија и Јужноафриканската Република, при што ЈАР била брзо окупирана од британската војска. Според мировниот договорот со кој завршила војната, Јужноафриканската Република била трансформирана во Трансвалска Колонија и потоа како ентитет во Унијата на Јужна Африка.

Територијата на која порано се наоѓала Јужноафриканската Република сега ги опфаќа целите или поголемиот дел од покраините Гаутенг, Лимпопо, Мпумаланга и Северозападната Покраина од денешната Јужноафриканска Република.

Име и етимологија Во 1853 година, Фолксрад (Собранието) усвоило резолуција со која накратко го усвоила името на (Јужноафриканска Република). Истата година, Фолксрад ја преименувала државата во (Јужноафриканска Република Северно од Реката Вал). Во 1858 година, со уставот трајно било утврдено името на државата како (Јужноафриканска Република). Јужноафриканската Република исто така често се нарекува Трансвал () што се однесува на областа над (или „транс“) реката Вал. По завршувањето на Првата бурска војна, Јужноафриканската Република потпаднала под британска власт и во Преторијанската конвенција од 3 август 1881 година, Британците инсистирале да се употребува името Држава Трансвал.Irish University Press Series: British Parliamentary Papers Colonies Africa, (BPPCA Transvaal Vol 37 (1971) No 41 at 267)

Историја

Основање Јужноафриканската Република била основана на 17 јануари 1852 година, кога Британците ја потпишале Конвенцијата од реката Сенд со која се признава независноста на регионот северно од реката Вал.

Прв претседател на Јужноафриканската Република бил Мартинус Весел Преториус, избран во 1857 година, син на водачот на Бурите, Андриес Преториус, кој командувал со Бурите при победата во Битката на реката Блад. За главени град бил избран Почефструм, а подоцна бил преселен во Преторија. Парламентот се викал Фолксрад и имал 24 членови.

Британска анексија Непопуларноста на претседателот Томас Бургерс кулминирала со неговиот поход против народот Бапеди на чело со Секухуне. Републиката била на раб на банкрот, а опсадата на упориштето на Секухуне не успеала затоа што членовите на војската не се согласувале со верските погледи на Бургерс, го нарекле еретик и во толпа ја напуштиле опсадата. По ова, Бургерс поднел оставка и ја напуштил земјата. Ваквата ситуација ја искористил Теофилус Шепстон и на 12 април 1877 ја анексирал републиката (како Трансвал, Британска Колонија).Alan F. Hattersley, "The Annexation of the Transvaal, 1877." History 21.81 (1936): 41–47. online

Гарнет Волсели, висок комесар за Југоисточна Африка, му објавил војна на Секухуне. Британските трупи со своите сојузници (меѓу кои и Свазите кои ги поддржувале Бургерс), во 1879 година го победиле Секухуне и го затвориле во Преторија. По отстранување на заканата од Бапеди, бургерите веќе не биле толку многу против британската власт.

На 13 декември 1880 година, во Пардекрал се состанале членовите од последниот Фолксрад. На седницата било одлучено власта да се стави во рацете на триумвират: Пол Кругер, Пит Жуберт и Мартинус Весел Преториус. Тие за седиште на владата го прогласиле Хајделберг и таму на 16 декември 1880 го кренале знамето на републиката. Војната (која не била официјално објавена на окупаторските британски трупи) започнала со напад врз британскиот полк кај Бронхорстспруит. Тие ги опколиле британските гарнизони во Трансвал, но само еден од нив паднал во нивни раце.

Бурите ги поразиле Британците кај Лејнг Нек, Ингого и кај Мајуба. Британскиот премиер Вилијам Гладстон одлучил да не праќа засилување, и побарал склучување мировен договор. Двете држави ја потпишале Конвенцијата од Преторија.

Независност Јужноафриканската Република по потпишувањето на Лондонската конвенција од 27 февруари 1884 година станала целосно независна држава. Одтогаш, земјата самостојно склучила разни договори со други држави. На 3 ноември 1884 година земјата потпишала поштенска конвенција со владата на Колонијата Кејп, а подоцна слична конвенција со Слободната Држава Орање.

Во ноември 1859 година, независните републики Лиденбург и Утрехт се споиле со Јужноафриканската Република. На 9 мај 1887 година, жителите од териториите на Стелаленд и Госен (понекогаш се нарекува „Гошен“) добиле јужноафриканско државјанство. На 25 јули 1895 година, жителите кои учествувале во битката во Зутпансберг исто така добиле државјанство на Јужноафриканската Република.

Воена историја

Војна со Мапела и Макапан, 1854 Собранието во 1849 година го избрало Хендрик Потгитер за доживотен генерал-командант и за да се избегнат несогласување, се наметнала потребата за назначување на уште тројца генерал-команданти со подеднакви овластувања. Командант-генералот Андрес Преториус станал генерал-командант на окрузите Почефструм и Рустенбург . На 16 декември 1852 година, Андрес починал, а на негово место за генерал-командант на окрузите Лиденбург и Заутпансберг бил назначен неговиот син, Пит Преториус.

Во 1853 година, Мапела го повикал Херман Потгитер да му помогне во уништувањето на популација на слонови.Kruger, P. (1902). Memoirs of Paul Kruger. Toronto: Morang and Co. p. 59. ISBN 9780804610773. По пристигнувањето, Мапела ја однела групата на Потгитер (која ја сочинувале Херман, неговиот син, неговиот зет и неколку други Бури) до наводното место каде се наоѓало стадото слонови. Всушност, Мапела ги одвела Бурите во заседа каде што стотици домородни воини ја нападнале групата на Потгитер, го убиле Андрес, а потоа го влечеле Херман на ридот, каде што жив го одрале. Истовремено со овие настани, Магобане поглаварот на Ндебеле (на Бурите познат како Макапан) нападнал и убил цел конвој со жени и деца кои патувале за Преторија. Двајцата поглавари склучиле договор да ги убијат сите Европејци на нивна територија и за себе да ја зачуваат стоката што ја одгледувале за Европејците.

Генералот Пит Потгитер со 100 луѓе од Зутпансберг се упатил да се сретне со командант-генералот Преториус кој со 200 луѓе ја напуштил Преторија. Откако се сретнале, тие прво го нападнале Магобане и домородците биле протерани во пештерите на планините каде што порано живееле. Бурите ги држеле пештерите под опсада и на крајот од нив излегле стотици жени и деца.

Сирачињата од домородните племиња во строго контролиран правен процес, биле доделувани на бурски семејства кои требало да се грижат за нив додека не станат полнолетни.Kruger, P. (1902). Memoirs of Paul Kruger. Toronto: Morang and Co. p. 59. ISBN 9780804610773. Ова било една форма на ропство, со исклучок тоа што децата морало да бидат ослободени на 16-годишна возраст.

Поради присуството на трговци со робови и други криминалци кои ги злоставувале децата, секој бургер (жител со право на глас) кој поседувал нерегистрирано малолетно дете бил кривично гонет. Децата, по нивниот 16-ти роденден, по сопствена волја можеле слободно да доаѓаат и да си заминуваат. Но, мал дел од нив успевале да ја прифатат сопствената култура и јазик и во основа засекогаш биле насилно разделени од нивното родно племе.

Меѓу жртвите во оваа војна бил и командант-генералот Потгитер.Kruger, P. (1902). Memoirs of Paul Kruger. Toronto: Morang and Co. p. 59. ISBN 9780804610773. Домородците биле вооружени со пушки и биле добри стрелци. Генералот бил убиен од домороден снајперист. Генералите, тогаш под команда на генералот Преториус, вниманието го насочиле кон Мапела. Кога пристигнале таму, домородците избегале. Во коп во близина на градот на Мапела биле пронајдени вагони, крвава облека, ковчези и друга стока. Мапела побегнал со своите војници, оставајќи ги зад себе пушките и муницијата. Мапела бил заробен многу подоцна, во 1858 година.

Граѓанска војна (1861-1864) На 20 септември 1858 година, Фолксрадот објавил проглас според кој членовите на Реформираните цркви во Јужна Африка се здобиваат со право на државјанство на Јужноафриканската Република и можат да учествуваат во политичкиот живот.

Кон крајот на 1859 година на Преториус му била понудена функцијата претседател во Слободната Држава Орање, каде што многу жители посакувале унија со ЈАР. Новиот Устав на Трансвал не дозволувал истовремено вршење на функција во странство. Сепак Преториус се кандидирал за претседател и победил. Трансвалскиот Фолксрад се обидел да ги заобиколи уставните пречки и му одобрил отсуство од пола година на Преториус. Тој заминал за Блумфонтејн, во негово отсуство за вршител на должноста претседател бил назначен Јоханес Херманус Гроблер. Преториус, на 8 февруари 1860 година положил заклетва како претседател на Слободната Држава; веќе следниот ден испратил делегација во Преторија за да преговара за обединување.

На Пол Кругер и на други членови во Владата на Трансвал не им се допаднало неуставното двојно претседателство на Преториус и биле загрижени дека ако републиките се обединат Британија може да ги прогласи за неважечки конвенциите за реката Сенд и реката Орање. Трансвалскиот Фолксрад на 10 септември 1860 година му рекол на Преториус да избере една од неговите две функции. На изненадување на сите тој дал оставка како претседател на Трансвал и ја задржал функцијата претседател на Слободната Држава. Откако Стефанус Шоман не успеал насилно да го замени Гроблер како вршител на должноста претседател, Шоман бил обвинет и му била одземена функцијата генерал-командант. До новите избори закажани за октомври 1862 година вршител на должноста претседател бил Вилем Корнелис Јансе ван Ренсбург. Фолксраад на Пол Кругер го известил дека го смета за соодветен кандидат за претседател; Кругер изразил задоволство од поканата, но навел дека е член на Доперската црква што значи дека дека не може да учествува во политиката на државата. Ван Ренсбург веднаш донел закон за давање еднакви политички права на членовите од сите реформирани цркви.

Шоман собрал војници во Почефструм, но ноќта на 9 октомври 1862 година бил поразен од Кругер. Откако Шоман се вратил со поголема сила, Кругер и Преториус одржале состанок на кој било договорено да има судење за немирите од јануари 1863 година, а веднаш потоа да се одржат нови избори за претседател и генерал-командант. На судењето Шоман бил прогласен за виновен за бунт против државата и бил протеран. Во мај биле објавени резултатите од изборите - Ван Ренсбург станал претседател, а Кругер генерал-командан. И двајцата изразиле разочарување од слабиот одѕив и решиле да се одржат нови избори. Противник на Ван Ренсбург овој пат бил Преториус, кој претходно поднел оставка од функцијата во Слободната Држава Орање и се вратил во Трансвал. Излезноста била поголема и на 12 октомври Фолксрадот објавил нова победа на Ван Ренсбург. Кругер со големо мнозинство повторно станал генерал-командант. Граѓанската војна завршила со победа на Кругер над Јан Виљен, кој востанал во поддршка на Преториус и Шоман. Последната битка се одвила на 5 јануари 1864 година кај Крокодилската Река. Повторно се одржале избори, а овој пат Преториус го победил Ван Ренсбург. Кругер бил реизбран за генерал-командант со над две третини од гласовите.

Војна со Секукуне, 1876