Питер Брајан Гејбриел (англиски: Peter Brian Gabriel; роден на 13 февруари 1950) ― англиски пејач, текстописец, музички продуцент и активист. Својата популарност ја стекнал како првоначалниот предводник на рок-групата Genesis. Откако во 1975 година ја напуштил Genesis, Питер започнал успешна соло-кариера. Неговиот петти студиски албум, So (1986), е неговото најпродавано издание; албумот има троен платинест сертификат во Обединетото Кралство и е петкратно платинест во САД. Најуспешната песна од тој албум, „Sledgehammer“, во 1987 година освоила рекордни девет MTV награди на MTV Видео музичките награди, а според извештајот од 2011 година, песната била најсвирен музички спот на MTV на сите времиња.
Гејбриел во текот на неговата кариера дал голем придонес во развојот на светската музика. Тој е коосновач на WOMAD фестивалот во 1982 година. Со неговата издавачка куќа Real World Records бил насочен кон продуцирање и промовирање на светска музика. Тој е пионер во методите за дигитална дистрибуција на музика, коосновач на OD2 (еден од првите сервиси за симнување музика од интернет). Гејбриел бил активен борец за човекови и граѓански права. Во 1980 година го издал синглот против апартхејдот „Biko“. Учествувал на многу концерти за заштита на човековите права, како и на светската турнеја „Човекови права сега!“ (Human Rights Now) организирана од Амнести интернешенал во 1988 година, а во 1992 година бил коосновач на организацијата за човекови права WITNESS. Гејбриел, заедно со Ричард Бренсон, бил вклучен во развојот на организацијата The Elders која била основана од Нелсон Мандела во 2007 година.
Гејбриел има освоено три Брит награди, шест Греми награди, тринаесет MTV Video музички награди, првата воопшто Пионер награда на BT Digital Music Awards, Награда за животно дело од списанието Q, награда Ајвор Новело за животно дело, и Polar Music Prize. На 57-тo годишнo доделување награди од BMI бил прогласен за икона за BMI за неговото „влијание врз генерациите на музички продуценти“. Како признание за неговиот долгогодишен активизам за човекови права, од лауреатите на Нобеловата награда за мир во 2006 година тој ја добил наградата „Човек на мирот“, а магазинот „Тајм“ го прогласил за еден од 100-те највлијателни луѓе во светот во 2008 година. AllMusic го опишал Гејбриел како „еден од најамбициозните, најиновативни музичари во рокот, како и еден од најполитички ориентирани музичари во рокот“. Во 2010 година, како член на Genesis, бил примен во Куќата на славата на рокенролот, а во 2014 година и како солист. Во март 2015 година, бил награден со почесен докторат од Универзитетот на Јужна Австралија како признание за неговите достигнувања во музиката.
Дискографија Студиски албуми
Peter Gabriel (1977; познат како Peter Gabriel 1 and Car) Peter Gabriel (1978; познат како Peter Gabriel 2 and Scratch) Peter Gabriel (1980; познат како Peter Gabriel 3 and Melt) Peter Gabriel (1982; познат како Peter Gabriel 4 and Security) So (1986) Us (1992) Up (2002) Scratch My Back (2010) New Blood (2011) I/O (2023) O/I (2026)
Саундтрак албуми
Birdy (1985) Passion (1989) OVO (2000) Long Walk Home (2002)
Наводи
Надворешни врски
Питер Гејбриел на Music-Map
Категорија:Добитници на наградата „Ајвор Новело“ Категорија:Добитници на Греми Категорија:Англиски рок-пејачи Категорија:Англиски поп-пејачи Категорија:Англиски филмски композитори Категорија:Добитници на Британски музички награди Категорија:Живи луѓе Категорија:Родени во 1950 година Категорија:Флејтисти Категорија:Прогресивен рок музичари Категорија:Прогресивен соул музичари Категорија:Англиски соул пејачи Категорија:Англиски рок клавијатуристи Категорија:Англиски рок флејтисти Категорија:Англиски музички продуценти Категорија:Англиски поп рок пејачи Категорија:Англиски филантропи Категорија:Англиски мултиинструменталисти Категорија:Англиски кантавтори Категорија:Англиски композитори на филмска музика Категорија:Англиски хуманисти Категорија:Англиски баритони Категорија:Арт рок музичари Категорија:Арт поп музичари Категорија:Англиски пејачи од 20 век Категорија:Англиски пејачи од 21 век Категорија:Англиски флејтисти