Песните со извикување во македонскиот музички фолклор претставуваат ретки остатоци на нематеријални културни елементи кои се поврзани со најдлабоките митски и религиски претстави и верувања на македонскиот народ кои се поврзуваат со другите словенски народи. Станува збор за песни од обреден карактер кои во својата мелодиско-ритмична формална структура содржат интонативен извик кој по своите издвоени етномузиколошки карактеристики е специфичен за одредена категорија на песни кои се изведуваат при обреди и обредни дејствија поврзани во годишниот и животниот цуклус на една заедница.Со оглед на тоа дека станува збор за елемент кој се поврзува со обреди и обредни дејствија, датирањето на овој вид песни не може со точност да се определи, но може да се каже дека станува збор за нематеријален културен елемент со предхристијанско потекло. Пишувани податоци за употребата на звукот и гласот во обредите и обредните дејства, како спротивност на тишината, се сретнуваат во голем дел од светската етномузиколошка литература. Сите достапни податоци укажуваат на многу стара појава која се сретнува во прапочетоците на развојот на човековото општество.

Етномузиколошки карактеристики Според етномузиколошките истражувања, овој вид на песни најчесто се изведува на отворен простор, при групно обредно женско пеење, често изведено на антифон начин (пеење во повеќе групи со преземање).https://www.youtube.com/watch?v=ieQfYGbB7Zg Песните со извикување се песни со појава на специфични извици кои може да се јават на почетокот, во средината или на крајот на мелострофата од песната. Како музички елемент, според досегашните истражувања, определени се неколку типови на извици и тоа: Краток нагорен извик; Краток надолен извик; Краток статичен хоризонтален извик на еден тон; Долг надолен извик; Долг статичен хоризонтален извик на еден тон; Комбиниран извик. Начинот, односно типот на извикување, зависи од географскиот регион, но и од жанровската припадност на песната. На пример, жетварските и билјарските песни имаат карактеристични подолги извици, за разлика од свадбените песни кои често имаат пократки извикувања. На пример, во однос на географската застапеност и карактеристиките на извикувањата, во Македонија препознатливи се песните со долг и силен надолен извик карактеристичен за обредните женски песни во радовишкиот регион (с. Ињево и с. Дедино), како и специфичните силни извици во кочанското село Истибања. За разлика од источна Македонија, според истражувањата, извикувањата во југозападна Македонија се најчесто кратки и надолни или статични. Специфични извикувања во билјарските обредни женски песни со долг и силен надолен извик се карактеристични и за македонските села на Шар Планина кои се изведувале на Ѓурѓовден. Извикот е секогаш на еден пеан слог или вокал како „и“, „ој“ и поретко „е“ или на неутрален вокал. При извикувањето на почетокот на песната, извикот може да има и интонациска функција која се пее на неутрален вокал. Извикувањата во текот на самата мелострофа, односно во средината на пеењето, скоро секогаш се јавуваат веднаш по специфично прекинување на пеењето, или продолжување на веќе прекинатиот пеан стих. Во овој случај, извикот има функција да ја продолжи несиметричната форма на песната, со што се создава чувство и илузија на бесконечност, специфична за магиската обредна функција на овој вид песни. Карактеристиката на песните со извикување е нивната силна обредна и магиска функција која се преточува и во нивната силна социјална функција. Овие песни се точно опишани и во народната терминологија која нив ги нарекува: „пеење на И“ (преспанско и радовишко), „песни на И“ (преспанско и радовишко), „укани песни“ (костурско), „пеење на глас“ (преспанско, охридско, кичевско, гостиварско, штипско, радовишко, малешевско, пиринско), „гласоечки песни или гласоечко пеење“ (тетовско, гостиварско, кичевско), „пеење со гласење“ (преспанско), „извични песни“ (струмичко, штипско, гевгелиско, малешевско, пиринско), „икоечки песни“ (тетовско и гостиварско), „викоечки песни“ (охридско, кичевско, гостиварско, тетовско, велешко), „виканечки песни“ (охридско и кичевско), „извишно пеење“ (скопско), „пеење на високо“ (скопско, овчеполско, радовишко). Народната терминологија направила и јасна дистинкција на овие песни од другите видови и типови на народни песни, па и од другите типови на обредно пеење, со тоа што извикот го става во длабока функција на самите изведувачи. Во таа смисла, и самите пеачки на овие песни добиле своја народна терминологија која се сретнува во описот на пеачката која ја води главната мелодија и извикува. Во Македонија пеачката се нарекува и: „викарија“, „викача“, „вишачка“, „извикачка“, „вртачка“, „средник“ и слично. Останатите пеачки кои не извикуваат (во одредени региони во Македонија каде е застапено бодрунскиот тип пеење) се нарекуваат „слагачки“, „сложачки“, „гртачки“, „крајници“ и слично. Самиот начин на пеење во народната терминологија се нарекува и „пеење на глас“ или „пеење на И“. Овој вид на песни е карактеристичен за жетварските, лазарските, водичарските, ѓурѓовденските, велигденските, иванденските, свадбените и додолските обредни песни. Во естетска смисла, извикувањето ја збогатува мелодијата и нејзината функција.

Социјална и културна функција на песните со извикување Песните со извикување можеме да ги доведеме во врска и со нивниот магиски карактер, односно со симболичкото значење на звукот, гласот, што го имал во традиционалните култури. Функцијата што ја имал гласот се гледа и во истражувањата во историјата на културата. Така, во космогониските митови, гласот бил на почетокот на создавањето на Космосот, затоа што гласот бил во спротивност со тишината. Гласот е обележје на човечкото или овој свет, додека тишината го претставува дивиот и хтонскиот свет. Имено, многубројни се верувањата во различни сегменти од народната култура кога звукот, песната, галамата, викањето, свирењето асоцирало на живот, на животниот принцип, додека тивките звуци или тишината на негова отсутност. Земајќи во предвид кога се изведуваат овие песни – при жетва, берење билки, свадбените обреди, значи во сегменти каде се очекува здрава заедница нов живот, односно плодоносниот принцип (успешната жетва, каде житните култури биле главна храна на Македонците; берењето билки кои во најголем број случаи и се корстеле за лекување, како и свадбата со која се очекува продолжување на родот), тогаш извикувањето можеме да го поврземе со истерување на нечистите сили што подалеку, атрибутите на човечката култура и здрава заедница да зафатат што поголеми простори. Дека пеењето имало магиска функција покажуваат и некои латински зборови кои означуваат и пеење и баење, на пр. cantus (1. Пеење, глас, песна; 2. заколнување, баење), carmen (1. песна; 2. прорекување, заколнување), cantio (1. песна, 2. заколнување). Според компаративните етномузиколошки истражувања, ваков вид на пеење се сретнува кај скоро сите словенски народи, со посебен заеднички акцент на јужнословенската група народи. Оваа функција можеме да ја доведеме во врска со преминување од една состојба во друга, што е потврдено уште во ставот на Едмунд Лич, кој истакнува дека културата постојано ја користи вештачката бука (читај музиката, во овој случај и песните со извикување) за означување на граници – временски или просторни, но, границите не се само физички, туку и метафорички. На пример, во свадбените обреди, песните, но и песните со извикување се присутни при завршување на една фаза и започнување на друга. Така на пример, при подготвувањето за одењето по невеста или излегувањето на невестата од татковиот дом, бричењето на зетот го означува завршувањето на сепарацијата и влегувањето во лиминалноста; сведувањето на младите - почеток на агрегацијата итн. Слично е и со жетварските и билјарските песни, во кои е означен периодот кога започнуваат земјоделските работи, како и пролетно-летниот циклус.

Поврзаност на песните со извикување со други заштитени добра Поврзаност со заштитените обичаи кои се изведуваат на празникот Ѓурѓовден, Водици и Жетварските песни. Според основната обредна функција на овие песни, тие секако се поврзуваат со обредите и ритуалите при кои истите се изведуваат. Овие песни се дел од синкретичниот обред кој се изведува при прославувањето на празникот Ѓурѓовден (особено кај „одењето по билки“, односно кај „билјарските песни“), Велигден, Водици (специфичен за женските водичарски обредни поворки), Иванден, но и при свадбениот обреден комплекс, лазарските, жетварските и додолските обреди. Специфичната функција на извикот е мошне препознатлива кај жетварските песни каде извикот има и сигнална функција.

Посебни карактеристики на песните со извикување Посебноста на овој вид песни може да се забележи во: - Самиот момент и присуство на извикот и извикувањето; - Нивната силна обредна и магиска функција каде извикот претставува главен архаичен, магиски и симболичен елемент, кој е истовремено и носител на главната функција на песната која треба да се „слушне подалеку, „да ја прочисти земјата и природата, „да ги избрка лошите сили и духови од човечките простори и да ги смести во далечни, кои ги носат ознаките на простори без звук, без глас, со еден збор простори без живот; „имитативна магија при испраќањето на невестата од нејзиот дом, кога извикот претставува имитација на плач“, но и повикување на живот и слично;

- Естетската функција на песната која на овој начин добива поголема звучност;

- Строго одредени носители на овој елемент;

- Строго одреден момент на изведување во текот на самиот обред;

- Во одредени случаи, строго одреден културен простор на изведба (при берење билки во гората, при облекување на невестата во невестинската облека, бричењето на зетот, кога пристигнуваат сватовите во невестината куќа, кога се испраќа невестата од дворот во татковата куќа, кога се дочекува невестата во дворот на свекорот и слично).

• Уникатност

Станува збор за песни кои се изведуваат строго при обредни дејствија со што се нагласува магиската функција на обредот и обредниот глас. Песните се укикатни, не само по начинот на изведување, туку и по специфилните типови на извици кои претставуваат идентитетстки маркер за еден регион, а не ретко и за едно село. • Исклучителност

Во своите мелодиско-ритмични карактеристики, а особено со силните и гласни извици, овие песни имаат исклучително силна звучна експресија која го поддржува и нивното магиско дејство.

• Впечатливост Песните се впечатливи по својата интонативна структура и начин на изведба која секогаш бара групно пеење, со строго издиференцирани фунцкии на извикувањето и гласот кој по својот звучен интензитет има моќ и функција да продре низ времето и просторот и да допре до „Боговите“. Организацијата на звукот и текстот во целост ја исполнува оваа фунцкија заради што овие песни се сметаат за едни од потешките за изведба. Во традиционалната народна музика овие песни имаат посебно место во свеста на носителите за нивното нематеријално културно наследство.

• Влијателност

Длабоката старост на овие песни, нивната поврзаност со обредите и магијата, како и нивната погоре опишана звучна парадигма, придонело до длабоко вкоренување на овие песни во колективната меморија на Македонците кои овие песни, на локално и регионално ниво, ги идентификуваат како свои. Во таа смисла, нивното влијание во однос на диференцирањето на обредните песни во однос на другите видови народни песни е видливо и од големо значење за етномузиколошките категоризации и истражувања. Влијателноста на значењето на овие песни е изразена и во создавањето на народната терминологија кои овие песни ги издвојува како посебна категорија, како „песни на И“, „викоечки песни“, „песни на извикување“ и слично.