Машка поворка Мечкари од Прилеп е духовно културно наследство со Националка класификација на културно наследство: Машки поворки (мечкари), 3.1.4.1.1.2.
Според кажувањата на информаторите, овие поворки се изведуваат во последните двесте години, цел 19 и 20 век./Институт за фолклор „Марко Цепенков“- Скопје
Опис на доброто Најголемиот број од маскираните машки поворки во Македонија се изведуваат во периодот од Божиќ до Водици. Мечкарите се раритетна машка поворка во Македонија чија изведба тесно е поврзана Велигденските празнувања, со празникот Прочка и особено со започнувањето на Велигденските пости. Мечкарите се поворка која е карактеристична за Прилепскиот регион. Во Прилеп денес оваа поворка е составен дел на кареневалските настани кои симболично го означуваат последниот ден пред започнувањето на Велигденските пости. Во литературата самиот термин карневал е тесно поврзан со конзумирањето на месото. Според некои истражувачи терминот карневал се изведува од латинското caro-carnis - месо и ја означува последната недела пред постот или безмесната недела (dominica carnis privil) по која следува carne levamen и carnelevale (со значење да се дигне, да се тргне месото) од што со метатеза на буквите доаѓа carnevale, односно карневал. Ваквото толкување секако може да се доведе во врска со празнувањето на Прочка како последен ден пред големите Велигденски пости, тој ден во Прилеп како и на многу други места во светот луѓето преку маскираните поворки и со низа постапки како што е на пример простувањето со најблиските, се подготвуваат да го започнат постот со цел да се очистат од гревовите што ги направиле во текот на изминатата година.
Самиот карневал започнува во раните утрински часови на празникот Прочка кога учесниците се маскираат со своите традиционални маски. Нивната маска спаѓа во редот на антропоморфизираните маски и се нарекува Мечкар. Оваа традиционална маска е составена од два дела едниот се става на лицето, а другиот на телото. Делот што го облекуваат на телото е направен од пресни кожи на заклани овци, говеда, а понекогаш кози и јарци што го прави нивниот изглед поинтересен. Крзното од животните е свртено однадвор, додека ѕвонците и клопотарците ги врзуваат на половината и на нозете. Делот што го ставаат на лицето е направен од ткаенина, најчесто црна, со отвори за очите, устата и носот, на која се ставаат вепарски заби, а се користат и препарирани животни. Но, исто така на маските на лицето (суратите) се наредени низи од монистра и лскавци и други светликави елементи пулејки, стари пари, пуфки и др.. Употребата на овие елементи во маската мечкар им го дава епитетот шарени бидејќи нивните лица се залепени со разнобојни делови и монисти, а на телото им висат разнобојни колани, што во овие маски ја прави евидентна разнобојноста која претставува знак на животот. Токму таа разнобојност асоцира на свадбата, односно будењето на природата како симетрична спротивност на безбојноста, односно погребот и умирањето на природата. Тоа доаѓа од фактот дека Прилепскиот карневал како и повеќето други карневали се темели врз митското сознание во него метармофозите имаат длабок одраз, тие се фокусирани околу некаква променлива точка; при пресекување на границите, при превртување на ден во ноќ и обратно: при смена на календарското време и сезонските критични периоди, што несомнено е времето кога се одигрува Прилепскиот карневал. Овие светкави елементи на нивната маска имаат своја определена функција, бркање на злите духови, а истата функција ја имаат и нивните ѕвона кои стануваат поизразити при движењето на мечкарите. На главата се става кожа од овца со крзното однадвор, а некои ставаат и рогови од вол. За изработката на маските се користат кожи од вол за изработка на брадата и опашката. Изработка на една маска се потребни најмалку 4-5 кожи, а за нејзино целосно оформување е потребен околу еден месец. Како и во сите карневали и овде маскираните лица носат реквизити, кои се присутни и во другите карневали како што се стапови, ѕвонци, и клопотарци. Она што прави впечаток е тоа што оние ликови што се наоѓаат во фазата на метаморфоза визуелно и знаково можат да бидат маркирани како полу или како наполно метаморфизирани во една или во друга квалитетна состојба. Во карневалите таков метаморфизиран лик е ликот на мечката што коинцидира на некој начин со ликот на Мечкарот. Култот на мечката е еден од најдревните и најразвиените, тој се појавил напоредно, најверојатно во исто време кај различните народи.
Овој лик зема важно место во митолошките претстави, во кои ликот на мечката е поврзан со божицата Артемида и нејзината сопатничка Калисто, која својот завет на невиност го нарушила соблазнета од Зевс (во некои варијанти Аполон) и за казна била претворена во мечка од страна на Артемида. Според некои истражувачи во тој мит е одразена една од карактеристичните црти на архаичниот брачен ритуал, во кој невестата често се споредува со мечка. Поткрепа на овие размислувања наоѓаме во митологијата во која мечката како и змијата и змејот е носител на плодноста. Аналогно на ова Мечкарите како центарлни ликови во Прилепскиот карневал, ги претставуваат демоните на предците и се носители на новиот живот односно плодородието. Од реквизитите сите носат стапови и ѕвона, а се следени од зурли и тапани. Како и повеќето карневали од овој тип во текот на карневалот се губат сите социјални функции, а однесувањето на учесниците во карневалот е слободно. Во ток контекст Мечкарите за време на своето движење, ги удираат минувачите со стапови и ги посипуваат со пепел од торбите што ги носат. Прилепчани им плаќаат на „мечкарите“ за да си го откупат сопствениот живот, но и за да им бидат простени „гревовите“ што ги направиле во текот на годината. Како резултат на промените кои ги доживуваат обичаите со маски со текот на времето, се појавуваат ликови кои се надвор од традиционалната основа на обичајот. Во таа смисла може да се каже дека тие денес се составен дел од Прилепскиот карневал.
Во игрите што се изведуваат на прагот на новото годишно време се слави привременото ослободување од востанованото уредување, се укинуваат хиерархиските односи и норми. Имајќи ги предвид сите наведени карактеристики ќе кажеме дака овде станува збор за празник во кој е инкорпорирана вечната обнова на придодата.
Овој празник во прилепскиот крај се смета за касапски празник, па заради тоа маскираните дружини ги посетуваат куќите на касапите, следени со зурли и тапани. Во смисла на традицијата треба да се каже дека утредента на првиот ден од постот касапите се собираат на касапски посен грав се верува дека тие тоа го прават за да си ги ,,измијат гревовите“ ги што ги направиле, а се во тесна врска со нивниот занает.
Потекло Голем број на истражувачи претпоставуваат дека карневалите, особено во онаа форма во која се изведува во Прилеп водат потекло од Дионизиските обреди и другите свечености кои секако биле нивна предходница. Оваа теза се темели врз низата сличности и паралели коишто произлегуваат од елементите кои ги сочинуваат и времето во кое се одигруваат. Хистијанската скарма на овие обичаи е резултат на црковната пракса од времето на воспоставувањето на христијанството кога деновите од паганскиот годишен календарски циклус се врзуваат за некои христијански светци или периоди од христијанскиот календар со цел тие обичаи да се христијанизираат. Во оваа смисла некои истражувачи сметаат дека од средината на декември, па се до почетокот на март, календарот на стариот Рим и календарот на христијанството во голема мерка се поклопуваат. Истражувањата што ги правел Хулио Каро Бароја во однос на стариот римски календар и современите христијански празнувања се базираат на некои европски традиции, но сметам дека можат соодветно да се применат и врз состојбата со карневалите на Балканот и во Македонија. Во оваа смисла можат да се повлечат некои паралели во однос на современите карневали и старогрчките и особено староримските празници.
Според информаторите маскирните поворки во Прилеп постоеле од памтивек, а според некои записи дека маскирни поворки во градот се организирале пред 200 можеби и повеќе години.
Поврзаност Машките поворки (Мечкари) можат да се поврзат со празниците Прочка и Велигден како непосреден составен дел од нивното празнување. Но, исто така според изгледот на маските, реквизитите што се користат и намената, може да се направи релација со останатите машки поворки кои се познати во Р Македонија и на Балканот во овој период од годината. Во карневалот што на празникот Прочка се одржува во Прилеп, онаков каков денес го познаваме, се задржани архаичните магиски елементи на карневалот преку главните ликови во карневалот Мечкарите и особено нивните маски. Според изгледот на самата маска која е составена од превртени кожи, ѕвона околу појасот и реквизитите што ги ностат: стапови и торба со пепел, овие поворки може да ги поврземе со маскираните поворки од зимскиот календарски циклус.
Посебни карактеристики Посебноста овде се согледува со самата поставеност на маскираната поворка во народното календародносно врзувањето за празникот Прочка, додека најголем број од поворките во Р Македонија се врзани за празникот Василица и некрстените денови. Исто така во однос на поворките во Македонија, Мечкарите се единствени по врзувањето за одредена професија како што е касапската.
Во основа маската и нејзината функција се исти како кај поворките што се среќаваат за Василица, во Р Македонија како и кај повеќето Блакански поворки кои се среќаваат на преминот од зима во пролет, а кои своите маски ги темелат врз користењето на кожи од животни. Истото може да се каже и во однос на користењето на реквизитите како што е стапот и торбата со пепел. Посебноста овде во однос на другите маскирани попворки во Македонија, може да се согледа во делот од маската што го покрива лицето која е изработена со разнобојна монистра, додека кај другите поворки лицето се исцрнува.
Посебноста може да се согледа и во однос на верувањето дека Мечкарите се сметааат за заштитници на Прилеп. Исто така тие покрај тоа што одат по градските улици ги посетуваат и домовите на касапите, што претсвува посебност во однос на другите поворки во Р Македонија. Посебноста тука може да се согледа и во откупот на гревовите од страна на оние чии домови се посетувани од страна на Мечкарите.
Загрозеност на доброто 1.Степен на загрозеност Мечкарските поворка во поблиското минато, а осбено денес сосема ја изгубила својата првобитна намена, тие денес се составен дел на Прилепскиот и другите карневали во земјата и во странство заедно со современите маскирани учесници.
2.Причини и фактори на загрозеност Причините за промените што се случуваат во врска со фоклорното наследство, а воедно и за неговата загрозеност од целосно исчезнување, е промената на функцијата што доброто ја има во животот на населението, а подоцна секако е условено и со некои надворешни фактори како што се: -промената во начинот на живот на луѓето;
-промената на портребите на колективот;
-промента на начинот на живот и стопанисување на населението;
Презентираност и популаризираност на доброто Главен репрезент на добото претствуваат настапите на здружението „Мечкари“ од Прилеп на карневалите во земјата и во странство. Доброто поширако е препознатливо и презентирано преку филмот на Соња Ризовска- Јовановска „Прилепски Мечкари“ Од научен аспект доброто се презентира преку учество на собири во земјата и во странство и преку објавување на трудови кои се однесуваат на доброто од фолклористи од земјата и од странство.
Негување на доброто Организирани облици Доброто се негува во Прилеп, преку организирањето на Прилепскиот карневал, во кој активно учество имаат и Мечкарите преку здужението “Прилепски Мечкари“. Манифестацијата што за празникот Прочка се организира во Прилеп го прави овој град дел од Европската асоцијација на карневалски градови, што подразбира учество на карневалски групи од различни европски градови во Прилеп и возвратно учество на Прилепските мечкари во карневалските настани што се организираат во тие градови.