Ѕвончарски занает во Битола претставува духовно културно наследство според Националната класификација на културно наследство, чиј податок го издава УЗКН 3.1.5.7.17. /Институт за фолклор „Марко Цепенков“- Скопје

Датирање Врз основа на историските податоци и археолошки наоди, најстарите откриени ѕвона во светот датираат од периодот на 8-9 век п.н.е. Тие биле со мали димензии и најчесто се користеле во магиски цели, за повикување на населението на собири или други јавни настани, како и за најавување на различни видови на опасности. На територијата на Балканот, првите ѕвона, пред сè се мисли на црковни ѕвона и камбани, се споменуваат во периодот од XI век. Подоцна, на турска територија на Балканот, постоела забрана за црковни ѕвона, такашто наместо ѕвона се користеле клепала. Клепалата сè уште можат да се сретнат по старите македонски цркви и манастири. Од тие причини, ѕвончарскиот занает се појавил релативно доцна, на територијата на Битола, додека пак ѕвончарскиот занает кој се занимава со изработка на ѕвонци, клопотарци и „клакачиња“, својот зачеток го бележи на крајот на 19 век или почетокот на 20 век. Оваа констатација се потврдува и со истражувањата на информаторите, според кои станува збор за тројца браќа кои во Битола се доселиле од Грција, и кои всушност биле првите мајстори, ѕвончари. Нивни современик во еден одреден период бил мајсторот Јани Кокологос, Влав кој во Битола се доселил од Јанина, Р.Грција, и кој всушност како свој ученик го оставил и последниот ѕвончар во Битола, Иван Илиевски.

Опис на доброто Кога станува збор за ѕвончарскиот занает, неопходно е да се направи дистинкција во однос на двата видови занаети кои честопати во документацијата се среќаваат под исто име-ѕвончарски и леарски занает. Ваквата состојба во поглед на именувањето на ѕвончарскиот занает кој се протега во еден подолг временски период, произлегува од финалниот производ-ѕвоното или ѕвончето кое се произведува. Имено, постојат условно речено, две гранки на ѕвончарскиот занает кои може да биде диференцирани врз основа на техничко-технолошкиот процес на изработка на ѕвоната и видовите на финални производи кои тие ги произведуваат. Постојат две гранки на ѕвонарскиот занает кои може да бидат диференцирани врз основа на техничко-технолошкиот процес на изработка на ѕвоната и видовите на финални производи кои тие ги произведуваат.

Првиот тип на ѕвонарски занает како финален производ ги има ѕвоната и ѕвончињата со различна големина, кои се произведуваат од месинг во техника на лиење. Освен овие производи, оваа група на занаетчии произведувале и авани, шандани, различни машински делови по пат на лиење и сл. Поради ова, овие занаетчиите уште се нарекуваат и леари на ѕвонци.

Вториот тип на ѕвонарски занает повторно како финален производ има изработка на ѕвончиња со разлилна големина , но во овој случај ѕвончињата се изработуваат од декапиран лим и со различен техничко-технолошки процес од претходниот. Овие ѕвончиња се наменети за добитокот. Во зависност од видот на добитокот(овци, кози, говеда) постојат неколку видови ѕвончиња-клоптарци, ѕвонци или „клакачиња“.

Поради сличности кои произлегуваат во однос на финалните производи овие два занаети во најголем број случаи се ставаат во една група, па според тоа е речиси невозможно да се одреди точниот број на занаетчии кои во подалечното минато се занимавале со леарскиот и ѕвонасркиот занает. Сепак при проучување е утврдено дека само еден од мајсторите- Јани Кокологос се занимавал со производство на клопатарци, ѕвонци или „клакачиња“.

Процес на изработка:

Техничко-технолошкиот процес на производство на клопатарци, ѕвонци и „клакачиња“ вклучува поголем број на последователни фази за да се добие финален производ. Некои од овие фази се повторуваат во неколку наврати што најчесто зависи од големината на предметите-ѕвончиња, кои се произведуваат. Според големината тие носат бројни ознаки започнувајќи од број 1 за најмалите до број 10 за најголемите ѕвончиња.

Процесот на производство започнува со сечење на лимот според соодветни шаблони кои соодветствуаат на големината на финалниот производ. Дебелината на лимот кој се користи во производството на ѕвончиња може да се движи од 0.8мм, па сè до 1.3мм што повторно зависи од големината на ѕвончиња кои треба да се произведат. За помалите предмети се користи потенок лим додека за поголемите подебел. Сечењето на лимот се врши со помож на ноже за сечење лим.

Исечените парчиња лим-шаблони, кои се идентични по големина, се ставаат едно брз друго, при што помеѓу секое поединечно парче се става по малку пепел од огништето за да се избегне меѓусебно лепење на парчињата додека се загреваат во огништето. Така поставени лимените парчиња заедно поминуваат низ неколку фази на загревање и исчукување. Загревањето на лимените парчиња се врши на тој начин што тие, со помош на клешта со долга рачка, се запретуваат со зажарен јаглен и се оставаат неколку минути додека наполно не се усвитат. Штом лимот е доволно загреан парчињата со помош на клешта, со пократка рачка , се вадат од огништето и се ставаат врз соодветниот отвор во калапот.

Откако вжарените парчиња поставени едно врз друго се вадат од огнот, започнува процесот на нивно вообличување. Мајсторите и неговиот помошник наизменично удираат врз вжарените парчиња со помош на специфични „ѕвонарчиски“ чекани со речиси цилиндричен облик. Откако лимот ќе се олади, ќе стане тежок за обработка парчињата повторно се ставаат во зажареното огниште и процесот на загревање се повторува. Повторувањето на процесот зависи од големината на ѕвонците што е правопропорционално на дебелината на лимот, што значи за поголемите ѕвонци овој процес на загревање и исчукување е подолг. Честопати како некое непишано правило се случува големината на ѕвонците да соодветствува со бројот на загревање којшто е потребен додека да не се заврши комплетното вообличување на ѕвончето. Така на пример за ѕвонци со големина број 4 лимонот се загрева четири пати.

Откако ќе заврши процесот на обликување на ѕвонецот, лимените парчиња се одделуваат едно од друго и се оставаат да се изладат.

Вака исчуканите полусвиткани лимени парчиња понатаму се ставаат врз наковална каде се свиткуваат и се дообликуваат добивајќи ја соодветната форма на ѕвонците. Прицврстувањето на лимените страни се врши со помош на по една метална нитна- „перчим“ на двете страни па според тоа овој дел од процесот е и под терминот „перчимосвање“-(перчимосување).

Постојат два видови на ѕвончиња-со уши и без уши, познати под имињата „јанински“ односно „солунски“.

Ушите се формираат во горниот дел на ѕвонецот при самото превиткување и финално обликување на ѕвонците. Така кај потврдиот лим при превиткувањето може да настанат цврсти краеви- уши кои тешко можат да се израмнат односно заоблат, додека кај помеките лимени парчиња исчукувањето на краевите оди полесно и ѕвонците добиваат еден заоблен изглед.

Наредната фаза на изработка на ѕвонците е подготовка на кал во која освен смесата од земја и вода, се додава еден килограм крупна готварска сол и еден килограм ситна месингана прашина. Во оваа подготвена смеса се става секој ѕвонец со цел на надворешната страна комплетно да се облепи со соодветна смеса. Вака обложените ѕвонци потоа се оставаат да се исушат.  Облепувањето односно ставањето на каллива смеса е неопходно за да се зачува формата на ѕвончето кое во спротивен случај би се деформирало од топлината на огнот во процесот на повеќекратно загревање и во вообличувањето на секое поединечно ѕвонче.

Откако калта ќе се исуши во внатрешноста на ѕвончето се ставаат ситни парчиња на месинг и стакло, а поретко и бакар. Секој ѕвонец поединечно се става во загреаното и вжарено огниште и делумно се запретува во зажарениот јаглен. Мајсторот со помош на клешта со долга рачка, со една рака постојано ги придржува ѕвонецот, додека пак со другата рака со помош на метална шипка ја распоредува течноста од растопената смеса од месинг,стакло и бакар, по внатрешните ѕидови- споевите на ѕвонецот, односно на краевите каде сте поставени „перчимите“. На овој начин не само што се обезбедува своевидна цврстина на ѕвонците, туку се обезбедува и подобар звук. Количината на бакар која се става во ѕвонецот за да се растопи е минимална за да се избегне тапиот звук кој го произведува бакарот.Откако растопената смеса целосно ќе ги исполни споевите-краеви и ќе изврши целосно затворање на конструктивниот метален дел на ѕвонецот, тој се вади од зажареното огниште и се запретува во смеса од ситна јагленовна прашина која како отпад претходно е извадена од огништето и на која е додадена одредена количина на вода. Оваа постапка се изведува не само за да се излади ѕвонецот, туку и да се одлепи и отпадне смесата од кал која претходно се нанесува.

Откако ѕвонците ќе се изладат тие еден по еден се ставаат врз полусферичната наковална и се исчукуваат со помош на чекан. На тој начин се врши одвојување и на деловите од стаклената легура кои останале залепени во внатрешноста на ѕвонецот за време на неговото загревање, но и на остатоците од кал кои евентуално останале од надворешниот дел.

Наредната фаза на изработка на ѕвонците подразбира повторно исчекување на долните делови на ѕвонецот кој го сочинуваат неговиот отвор, создавајќи едно мало закривување на ѕидовите кон надвор. Оваа постапка се врши за да може полесно да се исече и израмни долниот дел-ободот од ѕвонецот сè до дел на спојување на страниците, а потоа повторно долниот дел на ѕвонецот се исчукува на наковалната.Исчукувањето се врши со цел да се истанчи долниот дел на ѕвонецот за да се добие потонок и почист звук, што секако зависи и од квалитетот на материјалот, но и од умешноста и слухот на мајсторот.

По постигнувањето и завршувањето на процесот на исчукување во внатрешноста на ѕвонецот се пристапува кон финалната фаза на изработка на ѕвонецот а тоа е ставањето на „глоси“.

Зборот „глоса“ доаѓа од грчкиот збор „γλῶσσα“, што значи јазик, а од страна на денешниот мајстор е прифатен како своевидно наследство од неговиот мајстор кои го довел овој занаер од Грција.

Глосите всушност се метални јазичиња кои се ставаат во внатрешноста на секој ѕвонец и тие удирајќи врз ѕидовите на ѕвонецот произведуваат соодветен звук. Големината на глосите завис од големината на ѕвонецот за кои се наменети. Тие се изработуваат од метални шипки кои претходно се загреваат во огништето и се исчукуваат додека да ја добијат соодветната дебелина. Долниот крај на глосата секогаш е потанок и делумно заоштрен за да произведе-создаде, подобар звук, и тој секогаш е подолг и го надминува ободот на ѕвонецот. Горниот дел на глосата пак се исчукува и свиткува на наковалната така да се создаде една мала алка со која глосата во внатрешноста на ѕвонецот ќе се прицврсти за долниот дел од рачката која петходно е ставена на секој ѕвонец. Ова всушност е и последната активност од процесот на изработка на ѕвонецот , по што предметот е веќе наменет за продажба.

Алати:

Алатките кои се користат во процесот на изработка на ѕвонците се релативно едноставни, но бројни.

Главниот елемент во ѕвонарската занаетчиска работилница е огништето. Тоа е изѕидано од тули и речиси не се разликува од огништата во другите занаетчиски работилници како на пр. ковачката, калајџиската и сл. Во минатото, до пред 30-40 години загревањето на огништето се вршело со помош на голем кожен мев кој подоцна под влијание на современите техничко-технолошки процеси бил исфрлен од употреба и заменет со електричен вентилатор. Во непосредна близина на самото огниште, изѕидан како интрегрален дел, се наоѓа еден отвор во кој се става сад со вода кој служи за гасење или ладење на јагленот и огништето.