Куќа на Зденко Буста — куќа во скопската населба Дебар Маало. Таа е прогласена за Споменик на културата под називот Зграда на ул. „Орце Николов“ бр. 115.
Историја Градбата била проектирана во 1935 година, а била изградена во 1936 година како поединечна семејна куќа на Зденка Буста. Куќата е дело на познатиот архитект Јан Дубови.
Зградата била прогласена за значајно културно наследство врз основа на Уп. бр. 18-526 од 9 октомври 2015 година.
Фасадата била изолирана во 2017 година, и била обработена со демит фасада обоена во два тона. Куќата била обновена во 2018 година.
Во неодредено време биле направени се повеќе промени: во однос на изворниот проект, куќата се разликува во делот на поткровјето, каде рамната тераса на југоисточниот дел која зафаќала две третини од габаритот е затворена и претворена во големо поткровје; покривот на северниот балкон бил продолжен во должина еднаква со габаритот на куќата; oд јужната страна била направена промена кај застаклената веранда на приземјето која е затворена и со новоизградени скали е поврзана со дворот, а вертикално над неа дограден е вертикален волумен; во разни периоди било работено на освежување на фасадите, кои биле обојувани во други бои но секогаш во два тона, а последната состојба е од 2020 година; дворот бил преграден на преден и заден двор.
Архитектура и особености Куќата e пример на модерната архитектура со елементи на експресионизам изразен преку мотивот на аголно заоблување кое е дополнително нагласено со едноставен полукружен орнамент изработен од ковано железо. Главниот влез во градабата е од улицата „Орце Николов“, каде е повлечен во парцелата. Куќата се состои од сутерен, приземје, и кат. Куќата е меѓу ретките примери во Скопје каде целата градба е изведена под рамен покрив. Во приземјето и катот има станбени содржини. Во куќата се влегува преку вовлечен средишен скалишен простор кој води во овално дизајниран гардеробер и ходник околу кои се наредени просториите за домување. Вертикалното поврзување со катот и подрумот е преку друг сет на скали. Во подрумот, освен подрумски простории, имало просторија наменета за централното греење и просторија за перење и сушење алишта. Основите на катовите се решени функционално и се со современ концепт. Градбата била изградена во масивен систем. Според изворниот технички опис, зградата била подигната од тврд материјал со намена за домување на сопствениците. Темелите и подрумските ѕидови биле изработени од набиен бетон. Ѕидовите на приземјето и на првиот кат се од тула во варов малтер. Градбата има стандардна армирано-бетонска меѓукатна конструкција меѓу подрумот и приземјето, а таа помеѓу приземјето и мансардата е ребреста армирано бетонска плоча. Куќата има рамни покриви и рамна тераса со изолација. Било предвидено сите лимарски работи да бидат изведени од ферцинк лим бр. 18. Новиот покрив е покриен со поцинкуван лим. Изведени невидливи олуци. Фасадата била малтерисана и обоена во два тона, со особени подробности. Новата фасада има сиво цокле изработено во кулир техника, а над цоклето ѕидовите се малтерисани. Влезните скали биле изведени од вештачки мермер. Надворешната столарија била од борово дрво со дрвени заштитни ролетни на високо приземје. Новата надворешна столарија е со ПВЦ рамки на прозорците и ПВЦ заштитни ролетни. Куќата е слободностоечка во двор кој е ограден кон улицата со метална ограда поставена на низок бетонски ѕид со влезни порти изработени од ковано железо.
Внатрешните ѕидови биле малтерисани во два слоја. Подната обработка во собите била делумно со патос од даски од пресуван лесонит, а делумно паркет. Внатрешната столарија била изработена од сув чам.
Куќата има статус на значајно културно наследство со режим на заштита од втор степен. Контактната зона на градбата е со режим на заштита од трет степен.
Поврзано Зграда на бул. „Илинден“ бр. 41 Зграда на Детски културен центар „Карпош“ (бул. „Илинден“ бр. 53) Зграда на бул. „Илинден“ бр. 63 Зграда на бул. „Илинден“ бр. 68 Рубенова палата (Зграда на бул. „Илинден“ бр. 80) Зграда на ул. „Орце Николов“ бр. 83а Зграда на ул. „Орце Николов“ бр. 88 Зграда на ул. „Орце Николов“ бр. 108 Зграда на ул. „Орце Николов“ бр. 109 Зграда на Министерството за култура (ул. „Ѓуро Ѓаковиќ“ бр. 61) Зграда на ул. „Аминта Трети“ бр. 17 Зграда на ул. „Наум Наумовски - Борче“ бр. 82 Зграда на ул. „Наум Наумовски - Борче“ бр. 88 Зграда на ул. „Раде Кончар“ („Живко Чинго“/„Боемска“) бр. 4а Зграда на Ташковиќ Зграда на Кубеш
Наводи
Надворешни врски
Службено мрежно место на Управата за заштита на културното наследство
ул. „Орце Николов“ бр. 115 Категорија:Дебар Маало Категорија:Појавено во 1936 година во Македонија