Жетварско пеење во Р Македонија е културно наследство со националка класификација за Духовно културно наследство- обичаи 3.1.4.2.1.3. ( Според националната класификација за културно наследство)/Институт за фолклор „Марко Цепенков“- Скопје

Датирање на доброто За прв пат македонското жетварско пеење се спомнува во пишаните извори од крајот на XIX век.

Опис на доброто Жетварско пеење во Република Македонија претставува фолклорно наследство кое постои во еден функционален систем на различни типови музички слоеви. Спаѓа во групата трудови песни кои и припаѓаат на старата обредно пеачка традиција. Појавата на жетварските песни и нивниот специфичен начин на изведување биле тесно поврзани со жетварската работа и животот на жетварите.

Космогониската основа на обредното жетварско пеење го одразува духот во руралната средина, бидејќи е поврзано со одредени обреди и магиски дејства кои се практикувале поради длабоко вкоренетото верување дека Сонцето,исто како и Месечината, имаат мистично влијание врз човечкиот живот и врз се тоа што е поврзано со него, дека поседуваат надприродна моќ и влијаат врз целокупното човечко делување, значи и врз самата работа и мејзиниот исход. Главна улога во жетварски обреди, работи, како и во пеењето имала жената. Таа истовремено ги извршувала жетварски работи, но исто така знаела да го води и пеењето. Самите жетварски пеачки имаат своја сопствена претстава за смислата на музиката, за нејзиното место и функционално значење, како и за вкупната естетска вредност на овој вид и начин на пеачко изразување. Жетварските песни по својата тематика се многу разновидни, се среќаваат теми поврзани со:

а) Работата, кои имаат одредено место во периодот на жетвата и се пеат: „наутро” , „на пладне”, „пред вечер” и „на враќање” од нивите; тие имаат строго утврден обредно магиски карактер и обреден момент во кој се изведуваат.

Се пееле посебни песни при:

-„започнувањето на жетвата”(песни за првата жетварка, која е највредна и која најубаво пее);

-„првата пошта”(така што постоеле песни за најдобриот „поштаџија” - лицето кое ја започнува жетвата);

-за последната жетварка „опашарка” или „крајџика”, песни за жетварката која заостанува во работата и други песни „додека жетварите се одморале”;

Сите овие песни се проткаени со љубовни мотиви и сцени.

б) Семејните односи. Бројни се песните во кои е опеано наджнејувањето, односно:

-младата невеста и нејзиниот девер,

-потоа песни со митолошки сижеи, во кои се укажува на постоењето на остатоци од култот кон билките и култот на митските суштества, со единствена цел да се објасни човечката жртва, што претставува доказ за нејзината архаичност и уникатност;

-меѓу младите жетвари, проткаени со љубовни мотиви и инцестни врски.

в) Жетварски песни од времето на отоманското владеење, кога жетварите жнееле на беговските ниви и „чифлици”, во кои сликовито се изнесени настаните од тешкиот живот на жетварите во услови на присилна работа - ангарија. Во нив е јасно изразена свеста на селанецот дека плодовите на нивната работа ги користел феудалниот господар.

г) Жетварски песни на космогинска основа, во кои се говори за забраните при вршењето на полските работи. Народниот пеач на еден посебно колоритен начин, со високи уметнички достигнувања и стил, ги изразил табуата во стиховите на песните и реакцијата на вишите сили поради непридржувањето до забраните со кои се санкционира жетвата и насилното собирање и терањето на работа на полските работници во празничните денови од страна на сопствениците на нивите.

Според начинот на интерпретација, жетварските песни и припаѓаат на категоријата „развлечени” песни, односно песни на „долг глас”. Синкретичноста на овој вид песни е одраз на ритуалната активност на обредената група, како единствен нејзин носител кој поседува една општа форма, а песната се изведува со нејзината целокупна обредна и синкретична функција.

Во услови на повеќегласно пеење,песната е неразделна од колективниот начин на интонирање на жетварскиот глас,а естетското доживување се раѓа во сплотеноста на звукот при интерпретацијата на овие трудови песни.

Потекло

Жетварско пеење, како дел од духовната култура, е во тесна врска со степенот на технолошки развој на пре-индустриското аграрно оштество, односно уште од првата појава на земјоделието. Тоа е забекежливо по некои архаични елементи во обичаите, обредите и верувањата при изведување на жетварските песни, како и по начинот на пеењето, односно антифоно-бурдонскиот тип на пеење, чии траги се задржале во жетварското пеење до денешни дни. Денес жетварските песни се примаат како чисто естетско доживување од страна на рецептивното уво на современиот човек и истажувач, па така жетварските песни претставуваат скапоцено наследство на аграрниот традиционален фолклор на македонскиот народ.

Посебни карактеристики

Посебноста на македонското жетварско пеење се манифестира преку:

Колективноста на изведбите, која се изразува како во работата така и во пеењето. Колективната работа е придружена од колективно пеење, што укажува на тесната врска меѓу работниот процес и потребата за ослободување, односно духовна релаксација за врее на тешката летна полска работа;

Силно нагласена улога на жената како во процесот на жетва така и во жетварското пеење; Техниката на групното жетварско антифоно пеење, односно изведување; наизменично во информација на две или три групи по три пеачки, што зависи од бројот на пеачките: најпрвин настапува првата група пеачки, пеејќи ја мелодијата од првата мелострофа, и кога таа ќе заврши со своето излагање, настапува втората група, преземајќи ја мелодијата од првата група со идентично повторување на мелострофите во еден континуиран тек, без застој и во жнеењето и во пеењето; кога ќе заврши втората група со излагањето на текстот и мелодијата од првата мелострофа, повторно се јавува првата група пеејќи ја втората мелострофа итн. На тој начин се создава клучно антифоно пеење на песните во рамките на целокупниот обреден начин, што укажува на една пеачка практика во Македонија која поттикнува уште од почетокот на XIV-от век (според византиски извори: Н.Грегорас);

Прекините (цезурите) во стихобите и мелодите кои се јавуваат на крајот на првиот мелостих или на крајот од мелострофата; Интерактивниот однос меѓу текстот и мелодијата при кој жетварското пеење настанало како резултат на фонетскиот процес на зборовите и музиката, кој се развивал во текот на едно подолготрајно искуство. Позначајните елементи при создавањето на жетварските песни, кои директно влијаат врз формата и структурата на пеењето се:

а) Метричката структура на стихот;

Во основата на стихот на македонските жетварски песни застапени се:

-симетричниот осмерец VIII: (4,4),

-асиметричниот осмерец VIII: (5,3),

-епскиот десетерец X: (4,6);

-десетерецот X: (5,5); и други;

б) Видовите рефрени и нивната функција според:

-Местоположбата во мелостихот: помеѓу стиховите (вметнати рефрени или впев); на крајот од стихот (припев);

-на почетокот на мелостихот (запев);

-Според должината на рефрените кратки рефрени (најчесто како интерполации) и долги рефрени (како посебен дел или поголем дел од пеаната песна);

в) Метроритмичките карактеристики (жетварските песни се карактеристични по големиот број на метроритмички типови,бо кои постои поклопување, претежно на поетските и на музичките акценти и речиси секоја песна има свој сопствен, специфичен метроритмички образец; на образувањето на ритмичките формули на 2/4 и 3/4 гиусто,рубато и аксак ритмовите, 7/8 -ски такт, во кој троделниот сегмент се наоѓа на првото акцентско место, а врз чија основа лечат трохејот и дактилот, се карактеристични за ритамот на македонското оро);

г) Мелопоетските форми (структурата на пеаниот стих настанала од нејзините обредномагиски функции; најзастапената појава во текстовите на Македонското жетварско пеење е повторувањето на текстот кое главно е поврзано со повторувањето на мелодијата. Со повторувањето на пеаниот стих или на неговиот член настанува пеаната строфа.

д) Музичките форми на жетварските песни можат да се формираат:

-со повторување на текстуелните и музичките делови АА, АА1 или Ааб;

-со повторување на стихот во два различни музички дела АБ;

-со повторување на првиот или на вториот член од стихот во троделни,четвороделнии повеќеделни музички форми;

ѓ) Каденците и нивната функција кои имаат двојна функција:

-да ја заклучат пеаната пенса како мелопоетска целина (заклучни каденци);

-да го навестат крајот на еден дел од пеаната песна,т.е. на една помала мелопоетска целина;

е) Бурдонскиот тип на пеење,како основна форма на звучно обликување на една мелодија врз основа на неподвижен втор глас.

ж) Структурата на двогласот во жетварските песни се темели на секундното созвучје,кое се образува меѓу VII-то и I-то стапало,најчесто во каденцата. По правило, VII-то стапало го исполнува првиот глас, а I-то стапало вториот глас.

ѕ)Извикувањето како изразно средство стои:

-во основата;

-на крајот, долг надолен со глиссандо; краток надолен со глиссандо; долг статичен без глиссандо; краток статичен без глиссандо; краток нагорен без глиссандо; краток нагорен со глиссандо;

и) Богатата народна теринологија поврзана со локалните називи за типот на пеењето со извикување: „пеење на и”, „гласоечко”, „викоечко” или „виканечко” и термини поврзани со техниката на изведување: „гласа”, „пеја”, „бучи”, „бучачки”, „слагачки”, „вртачки” и сл.

Вредности и значење на доброто

Жетварско пеење во Република Македонија обединува повеќе карактеристики на старата вокална традиција. Како автентично и зачувано добро во меморијата на носителите, тоа е од непроценливо значење за културниот идентитет на населението. Неговата интегралност изразена преку степенот на единство на неговите форми и функции во висока мера ги задоволува критериумите за неговото културно, уметничко, научно и општествено значење.

Критериуми врз кои е извршена валоризација на доброто

Критериуми што се однесуваат на својствата на доброто

Автентичноста- секоја област во Република Македонија се одликува со сопствен стил на жетварско пеењењ. Автентичноста на жетварското пеење во Република Македонија е изразена преку зачуваните архаични структурни елементи (антифониот начин на изведување, извикувањата, бургонскиот двоглас и др.); Реткоста- степенот за начувување на жетварското пеење во република Македонија претставува вистинска реткост што постои збирно духовно добро кое е зачувано во оваа мера, не само во архивска смисла туку и како културно наследство во меморија; Единственоста- жетварското пеење во република Македонија е единствениот најрепрезентативен вид пеење од североисточна Македонија во 60-те и 70-те години на XX век кога групи девојки од тие краеви оделе на жетва по полињата низ цела македонија, па дури и во јужна Србија. Колективниот карактер на работата најсилно е изразен преку духот на заедништвото изразено низ овој тип на пеење. Разновидноста- жетварското пеење во република Македонија претставува комплекс од разновидни стилски особеносрти на национален музички фолклор преку кој се изразува целото богатство на музичко-фолклорните дијалекти својствени на овој жанр. Интегралноста- е изразена преку синкретичното единство на формите и функциите на жетварското пеење во република Македонија. Зачуваноста- жетварското пеење во републока Македонија е сочувано до одредена мера, сепак се појавуваат тенденции на претопување на овој вид кон други видови на традиционално пеачко израмнување. Староста- македонското жетварско пеење претставува најстар и најархаичен слој на вокално музичко изразување, а се идентификува според пронајдените етнографски извори, синкретичноста на овој вид на пеење со жетварскиот обред и сл.; Тоа се маркерите за неговата старост.

Критериуми што се однесуваат на функциите на доброто

Воспитно-образовната функција - едукација на младите генерации дека жетварското пеење во Република Македонија се практикувало во Македонија во едно поблиско и во едно подалечно минато;