Вакцина против голема кашлица — вакцина која штити од голема кашлица (пертусис). Постојат два главни типови на оваа вакцина: инактивирана вакцина која содржи цели клетки и ацелуларна. Целоклеточната вакцина има ефикасност од околу 78%, додека ацелуларната од 71–85%. Ефикасноста на вакцината се намалува помеѓу 2 и 10% секоја наредна година после вакцинирањето, при што тоа е поголемо кај ацелуларната вакцина. Вакцината е единствено достапна во комбинација со тетанус и дифтерија вакцини. Се смета дека вакцината против голема кашлица има спасено над 500.000 животи во 2002 година.

Препораки Вакцинирање на мајката за време на бременоста може да го заштити и бебето. Светската здравстена организација и Центарот за контрола и превенција на болеста на САД препорачуваат сите деца да бидат вакцинирани за голема кашлица и оваа вакцина да биде вклучена во календарот за редовна имунизација. Кај децата се препорачуваат три дози почнувајќи од шест неделна возраст. Дополнителни дози може да се дадат кај поголеми деца и возрасни. Тука спаѓаат и лица со ХИВ/СИДА.

Безбедност Ацелуларните вакцини почесто се користат во развиените земји поради помалиот број на несакани ефекти. Помеѓу 10 и 50% од лицата кои примиле целоклеточна вакцина развиваат црвенило на местото на инјектирање и треска. Фебрилни конвулзии се јавуваат кај помалку од 1% од примателите. Кај ацелуларната вакцина можна е кратка појава на оток на рамото. Несаканите ефекти од двете типови на вакцини, а особено од целоклеточната, се поретки кај помали деца. Целоклеточните вакцини не треба да се користат после седумгодишна возраст. Сериозни долгорочни невролошки проблеми не се поврзани со двата типа на вакцина.

Историја Вакцината била разработена во 1926 година. Се наоѓа на Списокот на есенцијални лекови на СЗО.

Наводи

Голема кашлица