Наталија Ноеми „Теди“ Синклер (моминско: Капучини; англ. Teddy Natalia Noemi Sinclair; родена на 15 август 1986) ― англиска пејачка и глумица. Снимала музика под различни псевдоними, а меѓу најпознатите се: Наталија Килс (англ. Natalia Kills) и Вербалишс (англ. Verbalicious). Денес таа е пејачка во групата Cruel Youth, која исто така издава музика и под името The Powder Room.

Наталија Синклер е родена во Брадфорд, Западен Јоркшир. Нејзината мајка, Ноеми Кери-Фишер, по потекло била од Уругвај, а нејзиниот татко Едвард Фишер бил од Јамајка. Наталија детството го поминала во Лондон и Барселона покрај нејзините баба и дедо Ноеми и Фред Кери, а студирала на колеџот за музика и драма во Јоркшир. Во 2008 година, се преселила во Лос Анџелес за да ја продолжи нејзината музичка кариера.

Под името Наталија Килс, Синклер потпишала договор со заедничкото вложување од: will.i.am Music Group, KonLive Distribution и Cherrytree Records; со таа издавачка куќа го издала нејзиниот прв албум, Perfectionist (2011). Од албумот произлегле умерено успешните синглови: „Mirrors“ и „Free“ (со will.i.am). Истата година, во соработка со американското електронско дуо LMFAO, таа пеела на нивниот хит-сингл „Champagne Showers“, кој станал нејзино најуспешно издание досега. Во 2013 година го издала нејзиниот следен албум Trouble. Во 2015 година за нејзино сценско име го избрала Теди, а следната година основала своја група Cruel Youth. Групата истата година го издала ЕР-то +30mg (2016).

Синклер исто така напишала песни и за: Ејнџел Хејз, Мадона и Ријана. Во 2017 година била номинирана за Греми награда затоа што била ко-текстописец на песната од Ријана „Kiss It Better“. Во март 2015 година, Синклер и нејзиниот сопруг Вили Мун биле отпуштени како судии од новозеландскиот X Factor поради нивните остри коментари кон еден натпреварувач.

Дискографија Perfectionist (2011) Trouble (2013)

Наводи

Надворешни врски

Категорија:Живи луѓе Категорија:Англиски поп-пејачки Категорија:Родени во 1986 година Категорија:Сите статии со непотврдени изјави Категорија:Пејачи од Брадфорд Категорија:Англиски телевизиски глумици Категорија:Електропоп музичари Категорија:Денс-поп музичари Категорија:Англиски глумици