Ричард Ентони Монсур (англ. Richard Anthony Monsour; 4 мај 1937 - 16 март 2019 година), професионално познат како Дик Дејл (англ. Dick Dale) бил американски рок-гитарист. Тој бил основоположник на сурф-музиката преку експериментирање со реверб (ехо). Дејл бил познат како „Крал на сурф-гитарата“, како што и бил наречен неговиот втор студиски албум.

Дејл бил еден од највлијателните гитаристи на сите времиња, а особено на почетокот од 1960-тите. Многу истакнати сурф-групи, како: The Beach Boys, Jan and Dean и The Trashmen, биле под влијание на музиката на Дејл и честопати во нивните албуми вклучувале снимки од песните на Дејл. Неговиот стил и музика влијаеле на гитаристи како: Џими Хендрикс, Пит Таунсенд, Еди Ван Хејлен и Брајан Меј.

Него му се припишува заслугата за популаризацијата на тремолото за електрична гитара, техника која денес често се користи во многу музички жанрови (како екстремен метал, џез-фузија, итн.). На неговата техника на брзо еднонотно стакато никој не можел да ѝ парира сè додека гитаристи како Еди Ван Хејлен не се појавиле на музичката сцена.

Тој се смета за еден од татковците на хеви-металот поради поместувањето на границите на засилувањето. Во соработка со Лео Фендер, Дејл, исто така, ги поместил границите на технологијата за електронско засилување, со што помогнал да се развие нова опрема способна да создаде длабоки и дотогаш нечуени звуци, а меѓу нив бил и првиот гитарски засилувач од 100 вати.History , Dick Dale official website Дејл, исто така, бил пионер во употребата на преносни ефекти на реверб.

По употребата на неговата композиција „Misirlou“ од Квентин Тарантино во филмот Евтини приказни, Дик Дејл се вратил на музиката и оттогаш објавил четири албуми и бил на светски турнеи. Тој бил номиниран за Греми во категоријата „Најдобра рок инструментална изведба“ за песната „Pipeline“ во соработка со Стиви Реј Вон. Дик Дејл се наоѓа на 31-во место на списокот од „100 најдобри гитаристи на сите времиња“ објавен од Ролинг Стоун во 2003 година и на 74-то место на новиот список објавен во 2011 година.

Дискографија

Студиски албуми

Како Dick Dale & His Del-Tones

Surfers' Choice (Deltone, 1962; Capitol, 1963; Sundazed, 2006) King of the Surf Guitar (Capitol, 1963; Sundazed, 2007) Checkered Flag (Capitol, 1963; Sundazed, 2007) Mr. Eliminator (Capitol, 1964; Sundazed, 2007) Summer Surf (Capitol, 1964; Sundazed, 2007)

Како Дик Дејл

Tribal Thunder (Hightone, 1993) Unknown Territory (Hightone, 1994) Calling Up Spirits (Beggars Banquet, 1996) Spacial Disorientation (Dick Dale/The Music Force, 2001)

Саундтрак-албуми

Pulp Fiction (1994) Rocket Jockey (1996)

Наводи

Категорија:Американци со полско потекло Категорија:Починати во 2019 година Категорија:Родени во 1937 година Категорија:Американски гитаристи Категорија:Музичари од Масачусетс Категорија:Музичари од Бостон Категорија:Сурф-музичари Категорија:Американски рокабили гитаристи