Луис Мигел Гаљего Бастери (шпански: Luis Miguel Gallego Basteri, роден на 19 април 1970 година) — мексикански пејач и музички продуцент. Случајно бил роден во Порторико. Мајка му била Италијанка, а татко му Шпанец. Често бил нарекуван Ел Сол де Мексико (Сонцето од Мексико), изведено од начинот на кој го викала мајка му како дете: „Ми сол“ (Моето сонце). Луис Мигел пеел различни музички жанрови и стилови, како: поп-песни, балади, болеро, танго, џез, биг-бенд и маријачи. Луис Мигел исто така се смета за единствениот латино-пејач од неговата генерација кој не преминал на англо-пазарот за време на „Латинската експлозија“ во 1990-тите.

И покрај тоа што снимал песни само на шпански јазик, Луис Мигел бил латино-изведувач со најголема продажба во 1990-тите, а негова заслуга била популаризацијата на болеро-жанрот кај пошироката публика. Продал околу 60 милиони музички записи, со што е еден од латино-музичарите со најголема продажба.

Неговата кариера ја започнал во Мексико во 1981 година. На 14-годишна возраст, ја добил неговата прва Греми награда за дуетот со Шина Истон „Me Gustas Tal Como Eres“, со што е еден од најмладите изведувачи добитници на Греми во музичката историја. Во 1991 година, RIAA го прогласила неговиот албум „Romance“ (1991) за еден од најпродаваните латино-албуми на сите времиња. Тој бил прв латино-изведувач кој добил два платинести сертификати за албуми на шпански јазик во САД, за Romance и Segundo Romance. Списанието Билборд го навело како изведувач со најмногу топ-10 хитови на Билбордовата топ-листа латино-песни. Неговиот албум Cómplices, издаден во 2008 година, стигнал до 10-то место на Билборд 200; неговиот последен албум, ¡México Por Siempre!, бил објавен во 2017 година и со него по втор пат се искачил на прво место на топ-листата за регионални мексикански албуми од Билборд.

Луис Мигел е познат и по високата заработувачка од неговите настапи во живо. Тој бил латино-музичар со најголема заработка откако Box score почнал да ги следи податоците за турнеите во 1990 година, со вкупна заработка од 278,5 милиони долари. За време на неговата турнеја Luis Miguel Tour, која започнала во 2010 година, тој посетил 22 држави во Северна Америка, Јужна Америка и Европа, и за три години одржал вкупно 223 концерти; ова била најдолга турнеја и турнеја со најголема заработка од еден латино-музичар. Во октомври 2020 година, списанието Билборд го ставило Луис Мигел на второ место на списокот на „Најдобри латино-музичари на сите времиња“.

Наводи

Надворешни врски

Luis Miguel at AllMusic

Категорија:Добитници на Греми Категорија:Живи луѓе Категорија:Родени во 1970 година Категорија:Статии со извори на шпански (es) Категорија:Статии со hCards Категорија:Статии со краток опис Категорија:Добитници на Светски музички награди Категорија:Пејачи на шпански јазик Категорија:Мексикански поп-пејачи Категорија:Мексикански пејачи Категорија:Мексиканци со италијанско потекло Категорија:Мексиканци со шпанско потекло Категорија:Мексикански глумци Категорија:Латино-поп-пејачи Категорија:Пејачи на италијански јазик Категорија:Болеро-пејачи