Ботајската култура е праисториска археолошка култура (ок. 3700–3100 п.н.е.) во северниот дел на Средна Азија. Наречена е по населбата Ботај во денешен северен Казахстан. Ботајската култура има и две други големи наоѓалишта: Красни Јар и Василковка.
Археологија Ботајската култура се појавила со преминот од номадски начин на живот на ловците-собирачи на храна кои се исхранувале со разновиден дивеч во седентерен начин на живот со исхрана која главно се потпирала на коњско месо. Ботајските населби се состоеле од јамни куќи и биле релативно големи и постојани, од кои најголемата е населбата кај Ботај со над 160 куќи. Населението од Ботајската култура се поврзува со најраните докази за одгледување на коњи. Во и околу Ботајските населби се пронајдени огромни количества на коњски коски, што сугерира дека Ботајците чувале, па дури и го припитомиле коњот. Археолошките податоци укажуваат дека Ботајците биле седентерни сточари.
Голем број на истражувачи тврдат дека коњот бил припитомен локално од Ботајците. Претходно се мислело дека повеќето остатоци од коњи потекнуваат од дивиот коњ, Equus ferus, кој бил ловен со лакови, стрели и копја. Сепак, доказите од 2009 за садови кои содржеле млеко од кобила и коњски коски се показател дека коњите биле одгледувани после припитомувањето околу 3,500 п.н.е., што е околу 1,000 години порано од што претходно се мислело. Ботајските коњи се предци на Пржевалскиот коњ, и придонесуваат со 2.7% во потеклото на современите домашни коњи. Тоа значи дека современите коњи биле припитомени во други центри.
Сепак, поновите студии кои го анализирале забниот камен кај човечките остатоци сугерираат отсуство на конзумација на млечни производи помеѓу Ботајците, што ги отфрла претходните заклучоци за молзење на кобилите врз основа на присуството на животински масти на пронајдената керамика.
Damgaard et al. (2018) потврдиле дека Ботајските коњи не се предци на современиот домашен коњ Equus caballus, но сепак биле припитомени.
Иако Ботајската култура е современа со другите металопреработувачки култури од бакарното и раното бронзено време од Евроазиската Степа, не постојат докази за металургија во Ботајските населби. Алатките биле произведувани од камења и коњски коски.
Наводи
Библиографија
Надворешни врски
Категорија:Археолошки култури Категорија:4 милениум п.н.е.