Бананарама (англ. Bananarama) ― англиска поп-група основана во Лондон во 1980 година. Првата постава ја сочинувале трите пејачки: Сара Далин, Шивон Фејхи и Карен Вудвард. Фејхи ја напуштила групата во 1988 година и била заменета со Џеки Осаливан. По заминувањето на Осаливан во 1991 година групата продолжила да постои како дуо. Групата се наоѓа во Гинисовата книга на рекорди за најмногу пласмани на британските топ-листи од целосно женска група.
Историја
1980-1983: Почетоци и подем Бананарама била основана во септември 1980 година откако тинејџерките и пријателки од детството Сара Далин и Керен Вудворд се преселиле од Бристол во Лондон и заедно со Шивон Фејхи решиле да создадат група. Нивното име, делумно, го позајмиле од песната од Roxy Music, „Pyjamarama“.
Во 1981 година, Бананарама го снимиле нивниот прв демо-запис, „Aie a Mwana“, преработка на песна од Black Blood, испеана на свахилски јазик. Поради успехот на демо-записот, Бананарама потпишале со издавачката куѓа Дека (подоцна London Recordings) и останале со таа издавачка куќа до 1993 година.
Нивниот прв голем успех го забележале со синглот „Shy Boy“ од 1982 година, кој се искачил на 4-то место на британската топ-листа за синглови. Ова ги отворило вратите за успехот на нивниот прв албум, Deep Sea Skiving (1983), кој содржел неколку успешни синглови како: „Really Saying Something“ и „Na Na Hey Hey (Kiss Him Goodbye)“.
1984-1986: Светска популарност и песната „Venus“ Првиот голем успех во Соединетите Американски Држави групата го забележала во 1984 година со топ-10 хитот „Cruel Summer“ чиј успех бил потпомогнат со вклучувањето на песната во саундтракот за филмот „Карате Кид“ (1984). Песната набрзо станала светски хит. Била рангирана на 44-то место на списокот од „100 најдобри песни од 80-тите“ објавен од VH1. Списанието Билборд ја ставило песната на 13-то место на нивниот список „100 најголеми хитови од женски групи на сите времиња“.
Нивниот втор албум, Bananarama бил издаден во 1984 година. Албумот, покрај „Cruel Summer“, го содржел и хит-синглот: „Robert De Niro’s Waiting“. Во 1984 година, Бананарама учествувале во синглот од Band Aid, „Do They Know It's Christmas?“ и биле единствени изведувачи кои учествувале на оригиналните верзии од Band Aid од 1984 година и на верзиите од Band Aid II од 1989 година.
Во 1986 година, групата го издала третиот студиски албум, True Confessions. Албумот го содржи комерцијално најуспешниот сингл на групата досега, „Venus“, преработка на песната од Shocking Blue од 1969 година. Песната се искачила на прво место на Billboard Hot 100 во САД. Музичкиот спот за „Venus“ бил често емитуван на MTV.
1987–1991: Промени во составот и нови албуми Wow!, четвртиот студиски албум на Бананарама, бил издаден на 4 септември 1987 година. Албумот бил целосно продуциран и конапишан со продукциското трио Сток, Ејткен и Ватерман. Тензиите меѓу пејачката Шивон Фејхи и триото во врска со пишувањето песни и лирската содржина ја поттикнале Фејхи да замине од Бананарама пет месеци по објавувањето на албумот. Албумот се искачил на 26-то место на топ-листата за албуми во Велика Британија и 44-то место на американскиот Билборд 200, но се искачил на прво место во Австралија. Албумот бил сертифициран со злато од Британската фонографска индустрија (BPI) на 3 февруари 1988 година.
„Love in the First Degree“, еден од нивните најголеми хитови во Велика Британија, бил номиниран за најдобар сингл на Британските музички награди во 1988 година. По објавувањето на третиот сингл од Wow! на почетокот од 1988 година, Фејхи – која се омажила за Дејв Стјуарт од Јуритмикс – ја напуштила групата. Нејзиниот последен настап како член на групата го имала на доделувањето на Британските музички награди во февруари 1988 година. Подоцна таа станала член на поп-дуото Shakespears Sister.
По заминувањето на Фејхи, на групата во март 1988 година ѝ се приклучила Џеки Осаливан. Синглот „I Want You Back" бил повторно снимен со Осаливан, како и преработката на песната од The Supremes „Nathan Jones" која била номинирана за најдобро видео на Британските музички награди во 1989 година. Таа година, Бананарама влегла во Гинисовата книга на рекорди како целосно женска група со најмногу пласмани на топ-листите во Обединетото Кралство во историјата, рекорд кој сè уште го држат.
Во 1989 година, групата ја започнала првата светска турнеја, која вклучувала концерти во Северна Америка, Источна Азија и Велика Британија. Албумот на Бананарама, Pop Life (1991), содржел поширок спектар на музички жанрови, вклучувајќи: реге, фламенко и ајсид-хаус. Сингловите: „Only Your Love“, „Preacher Man“, преработката на „Long Train Running“ од Doobie Brothers и „Tripping on Your Love“ биле последни изданија на групата со Осаливан.
1992–денес: Бананарама како дуо и подоцнежни активности Во 1992 година, Далин и Вудворд како дуо имале топ-30 хит во Велика Британија со „Movin' On“, кој бил прв сингл од албумот од 1993 година, Please Yourself. Други синглови од албумот биле „Last Thing on My Mind“ и преработка на песната од 1976 година „More, More, More“ од Андреја Тру.
Во 2002 година, групата го издала The Very Best of Bananarama за да ја прослави 20-годишнината од основањето на групата, вклучувајќи ги и нивните синглови издадени од 1981 до 1993 година.[ Allmusic review] Во 2005 година, Далин и Вудворд соработувале со Murlyn Music Group за да го продуцираат албумот Drama. Групата продолжила со издавање нови материјали и редовно да настапува на концерти, особено на ретро-поп настани. мини|Бананарама во 2018 година На 23 април 2017 година, Фејхи повторно се приклучила на Бананарама. Во февруари 2018 година, одржале четири концерти во Северна Америка: Лос Анџелес, Сан Франциско и Њујорк во САД и Торонто во Канада. Нивните последни концерти како трио биле во август 2018 година.
На 19 април 2019 година, Далин и Вудворд го објавиле нивниот нов албум In Stereo. На 29 април 2022 година, Далин и Вудворд ја објавиле песната „Favourite“ од нивниот дванаесетти студиски албум Masquerade, кој бил објавен на 22 јули 2022 година.
Членови
Сегашни членови
Сара Далин (1980-денес) Керен Вудворд (1980-денес)
Поранешни членови
Шивон Фејхи (1980–1988, 1998, 2002, 2017–2018) Џеки Осаливан (1988-1991)
Дискографија
Студиски албуми
Deep Sea Skiving (1983) Bananarama (1984) True Confessions (1986) Wow! (1987) Pop Life (1991) Please Yourself (1993) Ultra Violet (1995) Exotica (2001) Drama (2005) Viva (2009) In Stereo (2019) Masquerade (2022)
Наводи
Надворешни врски
Bananarama discography at Discogs
Категорија:Англиски женски поп-групи Категорија:Денс-поп групи Категорија:Музички групи основани во 1981 година Категорија:Музички групи од Лондон Категорија:Англиски новобранови групи Категорија:Англиски денс-групи Категорија:Музички групи основани во 1980 година