Август Фридрих Албрехт Шенк (23 април 1828 – 1 јануари 1901 година) бил сликар роден во Гликштат во Војводството Холштајн, кое во тој период се наоѓало под данска контрола, но сепак како дел од Германската Конфедерација. Својот животен и работен век го поминал пред се во Франција. По националност истовремено бил и француз и германец . мини| Страдание, 1878 година, се чува во Националната галерија на Викторија Шенк бил ученик на Леон Когние во Франција. Станал популарен по своите пејзажи и слики со претстави на животни. Во 1855 година за првпат јавно биле изложени неговите дела. Неговото најпознато дело Страдание, е масло на платно каде е насликана овца како жали над мртвото јагне додека околу нив кружат злокобни црни гаврани. Сликата била откупена од Националната галерија на Викторија во Мелбурн во 1880 година. Во 1885 година е прогласен за витез на Легијата на честа. Починал во Екуен во близина на Париз.

Биографија Како млад, Шенк го напуштил Гликштат кој тогаш бил сè уште под данска власт, со цел да заработи како трговец со вино во Германија, Русија и на крајот во Португалија. По пет години во Португалија, се преселил во Париз, каде што се посветил на сликарството. Таму се обучувал кај Леон Когние (1794–1880), професор на Училиштето за ликовни уметности. Подоцна, Шенк трајно се преселил во Франција.

На 27 години, тој дебитирал како сликар на Светската изложба во Париз во 1855 година. Во 1857 година учествувал на годишната изложба на Шлезвиг-Холштајн. По тоа следувал успешен креативен период, при што станал особено познат по своите слики на животни.

Околу 1862 година, Шенк и неговата сопруга Лудовика Стапачинска, родум од Варшава, се преселиле во Екуен, град сместен на околу 20 километри од Париз, познат како уметничка колонија. Екуенската школа привлекувала познати уметници, вклучувајќи ги Шарл-Франсоа Добињи, Жан-Батист-Камил Коро и Мери Касат. Сè уште има траги од Шенк во Екуен денес: улицата де ла Бовет, каде што се наоѓале неговиот дом и атеље, во негова чест била преименувана во улица Огист Шенк во 1906 година. Неговата слика Студен ветер виси во градското собрание, додека сликата со наслов, Божјото јагне - Агнус деи, виси во црквата.

За време на својот живот, Шенк уживал национална слава, при што големите музеи ги откупувале неговите дела. Подоцна, неговите слики станале дел од колекции на музеи ширум светот. Во неговата слика Изгубени, тој прикажал стадо овци чувано од две кучиња. Во преден план, овците се збиени заедно во снежната бура, додека во позадина се гледа споменик со крст, давајќи религиозна симболика. Денес, оваа слика е изложена во Метрополитен музејот на уметност во Менхетен .

Август Шенк починал на 1 јануари 1901 година. Погребан е во Екуен.

Наводи

Категорија:Починати во 1901 година Категорија:Родени во 1828 година Категорија:Германски сликари