Sidemen (се чита: Сајдмен) — британска колективна група составена од јутуберите, влијатели и интернет-личности: KSI, Miniminter, Zerkaa, TBJZL, Behzinga, Vikkstar123 и W2S. Групата создава видеа со различни предизвици, скечеви и коментари поврзани со видеоигри преку нивните Јутуб-канали, кои заклучно со октомври 2022 г. имаат вкупно над 138 милиони претплатници.
Освен Јутуб-содржините, Сајдмен се прошириле и во други деловни потфати. Во 2014 г. ја пуштиле модната линија Sidemen Clothing, по што во 2021 г. ги отвориле синџирот ресторани Sides и претплатничката апликација Side+. Во 2022 г. го претставиле својот алкохолен пијалак XIX Vodka, а во 2024 г. ја пуштиле својата житарска марка Best Cereal. Групата го проширила своето влијание и во веб-серии и документарно производство. Во 2018 г. настапиле во The Sidemen Show, серија на YouTube Premium со славни гости и светски предизвици. Во 2024 г. излегол документарецот на Netflix, The Sidemen Story, кој го прикажува нивниот десетгодишен развој и влијанието врз семрежната култура. Подоцна истата година, го создале сопствениот реалити гејм-шоу Inside.
Сајдмен активно се вклучуваат и во хуманитарни дејности, организирајќи хуманитарни фудбалски натпревари од 2016 г. наваму, преку кои досега се собрани над 8,5 милиони фунти за добротворни организации во Обединетото Кралство. Во мај 2025 г., Sidemen се видени како снимаат видео во Скопје, Македонија.
Членови Групата ги вклучува следниве членови:
Олаџиде „Џеј-Џеј“ Олатунџи — познат онлајн како KSI
Сајмон Минтер — познат онлајн како Miniminter
Џошуа Бредли — познат онлајн како Zerkaa
Тобит Браун — познат онлајн како Tobjizzle или TBJZL
Итан Пејн — познат онлајн како Behzinga
Викрам Барн — познат онлајн како Vikkstar123
Хари Луис — познат онлајн како Wroetoshaw или W2S
Наводи
Надворешни врски
Матична страница
Категорија:Британски јутубери