Охридскиот земјотрес од 1911 година — природна катастрофа која ги погодила градовите Поградец и Охрид, вечерта на 18 февруари 1911 година. Од низата земјотреси таа година најразорниот од нив се случил на тој ден во 21:35 часот.

Сеизмичност на областа Охридското епицентрално подрачје има голема сеизмичност, што може да се забележи од големиот број на случени земјотреси во периодот 1900–2015 година. Според историски податоци, освен за разурнувачки земјотрес од 527 г. н. е., постојат и податоци кои говорат за случување на силни земјотреси со магнитуда ML≥6 во 1906 г. и 1912 г. во ова подрачје.

Поместувањата долж јужните краеви на Пештанско–Петринскиот и Јабланичкиот Расед, како контрасно изразени раседи во релјефот, но и како рабни раседи на Охридската Депресија, продолжуваат и денес, условувајќи висока сеизмичка активност во јужниот дел на Охридското Езеро.

Епицентар Епицентарот на земјотресот бил на територијата на Горичкиот Санџак, тогаш во Отоманското Царство. Истиот ден се случиле уште 4 земјотреси со магнитуди од 5,9 степени според Рихтер и интензитети од 8 степени според EMSС-98. Серија натамошни потреси во областа продолжиле до февруари 1912 година, од кои десеттина биле со магнитуда ML <5.

Последици Земјотресот најсилно бил почувствуван во околината на Поградец, како и во с. Љубаништа во Македонија. Силината на земјотресот била почувствувана и во поширокиот регион – сè до Скопје и Скадар. Пропратен со помали оштетувања овој земјотрес е почувствуван и во градовите Елбасан, Кичево и Гостивар, а со послаб интензитет е почувствуван и во градот Лече во Италија и на грчкиот остров Крф. Главниот земјотрес е регистриран од повеќе сеизмолошки станици во Европа во тоа време.

Земјотресот предизвикал целосно урнување на поголем број станбени објекти во Поградец, но и во селата Старово, Тушемишта и Загоричани во Албанија. Големите оштетувања биле пропратени и со бројни човечки жртви. Сите станбени објекти кои го преживеале земјотресот биле сериозно оштетени, додека сите села во Поградечко биле целосно уништени. Сериозни оштетувања имало во градовите Горица и Билишта во Албанија, но и во Битола, Прилеп и Дебар, каде постојат податоци за оштетувања на ѕидови и рушења на оџаци. Сериозни биле оштетувањата и во градот Охрид, каде покрај оштетувањето на многу станбени објекти, постои и податок за целосно рушење на три џамии. Исто така сериозни биле оштетувањата и на верските објекти во с. Старово, каде постојат податоци за рушењето на минарињата на постојните џамии. За време на овој земјотрес, нивото на водата во Охридското Езеро пораснала за 50 см.

Наводи

Надворешни врски

Информации за земјотресот

Категорија:Земјотреси во Македонија Категорија:Земјотреси во Албанија Категорија:Земјотреси во 1911 година Категорија:Македонија во 1911 година Категорија:Отоманска Македонија Категорија:Отоманска Албанија Категорија:Албанија во 1911 година