Континент Кукулино — роман на македонскиот писател Славко Јаневски, дел од циклусот Кукулино, издаден во 1996 година.
Содржина Романот „Континент Кукулино“ од Славко Јаневски претставува роман од циклусот Кукулино, со оглед на тоа дека и во неговиот наслов стои самото име. Имено, тука авторот се навраќа на мотивот за иселувањето, (чиј зачеток го имаше во „Омарнини“ од 1972), па иселените Кукулинци се во централно внимание на авторот. На почетокот на романот самиот автор се обраќа на читателот со белешката дека романот претставува „колаж од секакви раскажувања и од можни необјавени записи на некои кукулински доселеници во Австралија или на нивни двојници во некој друг свет. Тој тука се оградува од претпоставката дека со овој нов роман го дополнува циклусот Кукулино, кој досега во временски распон од првата година на осмиот век до 2096 година.“ Јаневски нагласува дека не се работи ни за хроника, затоа што недостасуваат веродостојни факти и лица. Тој дејството на својот роман го сместува во иднината кога ќе се читаат, доколку се читаат. Самиот роман започнува со едно необично предание за Континент Кукулино, кој е недофатлив пловечки остров, и ликот на Ник Горјанец, легенда со мноштво имиња (Никодим Цапарски, Никуш од Костур, Коле Воденски, Никифор Преспански), без свој одраз на сликите, чудотворец, кој неважно е дали е жив човек или сенка од преданијата.
Преку необична раскажувачка постапка, Јаневски ја гради структурата на својот расказ, напоредно давајќи ги судбините на ликовите во пловечкиот континент и старата земја Кукулино.
Воведот во романот е насловен како „По делтата на преданијата како вовед“, каде се поврзуваат минатото и сегашноста/ иднината. Понатаму романот е конципиран во три дела: Семејни крстопати, Не секогаш сон и Бездна.
Романот „Континент Кукулино“ се вклопува во сета повеќевековна историја на Кукулино, и на некој начин, иако далеку од нас, ја дополнува, зафаќајќи дел од денешниот живот. По овој роман на Јаневски, Кукулино се среќава за последен пат во романот напишан пред неговата смрт во 2000 година, „Депонија“, каде ликот на Богоја Сандевски се сретнува повторно. Славко Јаневски, Континент Кукулино, Мисла, Скопје, 1996
Наводи
Категорија:Македонски романи Категорија:Дела на Славко Јаневски Категорија:Книги од 1996 година Категорија:Појавено во 1996 година во Македонија