Свадбарината или данокот наречен resm-i arus се наплатувал во Османлиската империја за добивање право на брак. Овој данок се наплатувал како од муслиманите, така и од христијаните. Исто така се наплатувал и од вдовиците и разведените кога стапувале повторно во брак. Во постојната архивска документација, било да се тоа разни законски прописи или пописни дефтери и сл., за овој вид данок се употребуваат следниве називи: Resm-i arus, Resm-i arusane, Resm-i gerdek или Gerdek değeri.
Во кануннамето на Мехмед II од 1488 год., на она место каде што се зборува за овој вид данок, е заведено дека од богати девојки што стапувале во брак се земало 60 акчиња, ако девојката е од семејството со средна материјална положба се наплатувало по 40 акчиња, ако била сиромашна 20, а ако била сосем бедна 10 акчиња.
Паѓа во очи дека во кануннамето нема податоци за тоа, дали вдовиците при повторно стапување во брак плаќале данок за свадбарина и во колкав износ. Инаку во бројните кануни и кануннамиња од подоцнежно време, може да се констатира дека износот на овој данок бил различен во разни области или санџаци. Има појави кога од девојките се земало по 40 акчиња на име свадбарина, а од вдовиците по 20. Има други случаи кога и од девојките и од вдовиците се земало по 30 акчиња.
Интересен е податокот што го среќаваме во кануннамето на султан Сулејман Величествениот од почетокот на неговото владеење, каде што се зборува за тоа дека едната половина од данокот на свадбарина во таканаречените „неслободни тимари“ му припаѓала на спахијата-тимарот, а од другата половина на субашијата.
Литература
Категорија:Економија на Отоманското Царство