„Три жени“ (германски: Drei Frauen) — збирка раскази на австрискиот писател Роберт Музил, првобитно објавена во 1924 година.
Содржина Збирката се состои од три раскази: „Григја“ (Grigia), „Португалка“ (Die Portugiesin) и „Тонка“ (Tonka).
Григја
Геологот Гомо ја прифаќа понудата на својот деловен соработник и заминува во едно италијанско село, каде треба да ги изведе подготвителните работи за обновување на старите рудници. Таму ја запознава Лена Марија Ленци, која ја нарекува Григја според името на нејзината крава. Тие започнуваат љубовна врска која по некое време Григја наеднаш ја прекинува, без да му ја каже причината на Хомо. Сепак, еден ден, тој ја повикува високо во планината, каде влегуваат во еден длабок ров и таму водат љубов. Тогаш, на влезот на ровот се појавува мажот на Григја, кој го затвора влезот со голем камен така што љубовниците остануваат заробени внатре. По некое време, Хомо забележува дека Григја ја нема крај него. Потоа, тој здогледува мал отвор на другата страна од ровот низ кој избегала Григја, а тој, целосно исцрпен од престојот под земја, воопшто не се обидува да излезе.Robert Muzil, Tri žene. Izdavačko preduzeće „Rad“, 1969, стр. 3-21.
Португалка Господинот фон Кетен се враќа во својот дворец во Италија, водејќи дома својата невеста, Португалка, по едногодишното свадбено патување. Непосредно пред пристигнувањето дома, тој веднаш се приклучува во војната против неговиот непријател, бискупот. Војната трае 11 години, исполнети со тешки борби, но без позначаен успех. Фон Кетен е водач на благородништвото и се истакнува во своето јунаштво во борбите при што неколкупати е ранет. За сето тоа време, само одвреме-навреме навраќа дома, каде останува кратко време. Португалката верно го чека сопругот кому во меѓувреме му раѓа двајца синови. По некое време, бискупот умира и така завршува долготрајната војна. На враќање кон дома, фон Кетен го каснува мува и тој паѓа болен. За време на неговото долго боледување, во дворецот доаѓа еден гостин, пријател на неговата сопруга од Португалија. Здравствената состојба на фон Кетен престанува да се влошува, но тој уште долго време не може да закрепне, а една гатачка му кажува дека ќе оздрави ако направи нешто, но без да му каже што е тоа. Еден ден, во дворецот доаѓа млада мачка која набргу се разболува, така што ја убиваат. Најпосле, една ноќ, фон Кетен се искачува по стрмната карпа до дворецот и веднаш оздравува. Сомневајќи се во верноста на сопругата, тој влегува во нејзината соба, но ја затекнува сама, а потоа дознава дека истата вечер португалскиот гостин отпатувал.Robert Muzil, Tri žene. Izdavačko preduzeće „Rad“, 1969, стр. 23-39.
Тонка Девојката Тонка живее со својата стара сестра и со нејзината ќерка. Еден ден, случајно ја здогледува едно момче, кое веднаш се заљубува во неа и набргу ја вработува како негувателка на баба му. Меѓутоа, по некое време, бабата умира, така што Тонка мора да се исели. Поради тоа, момчето набрзина ги завршува студиите и двајцата се селат во еден германски велеград. Тонка се вработува во продавница, а истовремено, по него наговор, се запишува и во вечерно училиште. Еден ден, за првпат водат љубов. По неколкугодишен заеднички живот, Тонка забременува, но тој се сомнева дека тој не е татко на бебето, зашто нејзината бременост започнала во времето кога тој бил отсутен. Набргу, Тонка се разболува, а тој не работи, така што запаѓаат во сиромаштија. Дознавајќи за бременоста, во градот пристига мајка му на момчето, која ѝ нуди пари на Тонка, ако си замине, но тој не сака да ја остави девојката, иако не е сигурен во татковството. Набргу, Тонка е отупштена од работата, па нивната положба уште повеќе се влошува. Него го зафаќа очај и љубомора, но во меѓувреме напорно работи на својот научен пронајдок. Притоа, тој постојано ја испитува Тонка, но таа упорно одбива да го признае неверството. Нејзината бременост напредува, но истовремено се влошува и нејзината здравствена состојба, така што е префрлена во болницата, каде набргу умира.Robert Muzil, Tri žene. Izdavačko preduzeće „Rad“, 1969, стр. 41-76.
За делото Иако не е познато дали Музил ги напишал трите раскази со намера да ги објави заедно во една книга, сепак тие имаат некои заеднички структурни елементи. Во секој расказ, без оглед на тоа што насловот се однесува на името на жена, во средиштето на дејствието е некој маж, така што во книгата, всушност, се раскажува за тројца мажи чија оптика ја определува перспективата на раскажувањето, додека женскиет ликови остануваат неми и читателот ретко има увид во нивните мисли. Исто така, во нив се прикажуваат предисторијата, погледите и плановите на машките ликови, додека жените секогаш остануваат во позадината: Григја е сопруга на некој селанец, Португалката е туѓинка, а потеклото на Тонка воопшто не се споменува. Уште повеќе, дури и имињата на женските ликови не се вистинити, зашто Григја се вика Марија Ленци, името Тонка е изведено од Антонија, а името на Португалката не се ни споменува. Во продолжение, дејствието во трите раскази се одвива во гранични подрачја во кои се мешаат два јазика и се мешаат различни елементи. Но, иако дејствието не се врти околу жените, со нив е поврзано нешто таинствено кое во текот на раскажувањето сè повеќе излегува на прв план. Уште повеќе, животите на тројцата мажи целосно се менуваат по средбата со овие жени. Исто така, заедничка црта на овие три раскази е неверството, кое е само предуслов за влезот во некои ирационални сфери, а во центарот на секој расказ е односот меѓу стварното и мистериозното. Во овие раскази Музил го развил својот специфичен „вивисекциски“ стил, расчленувајќи го живото ткиво на човечкото суштество за да допре до ирационалниот свет. На тој начин, овие раскази се подготовка на големото дело на кое Музил му го посветил целиот свој живот, романот „Човек без својства“.Zoran Konstantinović, „Robert Muzil“, во: Robert Muzil, Tri žene. Izdavačko preduzeće „Rad“, 1969, стр. 81-82.
Наводи
Категорија:Дела на Роберт Музил Категорија:Книги на германски јазик Категорија:Австриски раскази Категорија:Книги од 1924 година