Тиквешки Округ, именувана и како Округ Тиквеш или првично Кавадаречки Округ ― поранешна административна единица на територијата на Македонија, односно округ на Кралството Србија и Кралството СХС. Округот постоел во периодот 1913-1915 и 1918-1922 година.
Историја Кавадаречкиот Округ за прв пат бил основан во 1913 година, за време на Кралството Србија. Тој бил поделен на срезови (во превод околии) и првично се состоел од Валандовскиот, Гевгелискиот, Неготинскиот Срез, како и Окружниот Град Кавадарци кој не влегувал во ниеден срез. Во ноември 1913 година, Валандовскиот Срез бил преименуван во Дојрански Срез при што и неговото седиште било преместено во Дојран. Потоа Кавадаречкиот Округ бил преименуван во Тиквешки Округ. Тоа значело дека со втората административна промена, округот останал територијално ист.
Тиквешкиот Округ бил укинат од страна на Царството Бугарија, односно за време на окупацијата во Првата светска војна. Неговата територија била била доделена кон проширените Штипски и Струмички Округ.
За време на новата држава Кралство СХС, Тиквешки Округ бил обновен во рамки на покраината Јужна Србија и овој пат била проширена со Струмичко. Тој се состоел од срезовите: Дојрански, Гевгелиски, Кавадаречки, Неготински, Струмички Срез, како и Окружниот Град/Општина Кавадарци кој не влегувал во ниеден срез. Во 1922 година, според новата административна поделба, Тиквешкиот Округ бил укинат и бил заменет со поголемата Битолска Област.
Население Според пописот од пролетта 1913 година, Кавадаречкиот Округ имал 97,763 жители, односно вкупното население на Валандовскиот, Гевгелискиот, Неготинскиот Срез, и Окружниот Град Кавадарци. Округот се состоел од 20,109 домаќинства во кои живееле 50,346 мажи и 47,417 жени.
Според новата административна поделба настаната во есента 1913 година, и според прераспределените бројки од пописот од пролетта 1913 година, Тиквешкиот Округ имал 84,657 жители, односно вкупното население на Дојранскиот, Гевгелискиот, Неготинскиот, и Окружниот Град Кавадарци. Округот се состоел од 46 општини, 189 села, 5 заселоци, 3 градови (вароши), 3 паланки (варошици), и 5 манастири.
Според пописот од 1921 година, Тиквешкиот Округ имал 92,435 жители. Според верската припадност, 62,973 биле православни, 27,906 биле муслимани, 718 биле евангелисти, 666 биле гркокатолици, 159 биле римокатолици, додека 13 биле евреи. Според јазичната припадност, 73,210 биле Срби/Хрвати, 17,338 биле Турци, 882 биле Власи, 35 биле Германци, 34 биле Албанци, 19 биле Словенци, 11 биле Чехословаци, 8 биле Унгарци, 7 биле Руси, 3 биле Англичани, 1 бил Полјак, 1 бил Италијанец, 1 бил Французин, 885 припаднале во графата „останати и непознато“.
Поврзано Историја на административната поделба на Македонија Административна поделба на Србија Административни поделби на Југославија
Забелешки
Наводи