Шјан од Хан (2 април 181 – 21 април 234), со лично име Лиу Сје (劉協) и куртоазно име Бохе, бил 14-тиот и последен цар од династијата Источен Хан во Кина. Тој владеел од 28 септември 189 година, па сè до неговата абдикација и последователниот крај на династијата на 11 декември 220 година.
Лиу Сје бил син на Лиу Хонг (царот Линг) и помлад полубрат на неговиот претходник, Лиу Биен (царот Шао). Во 189 година, на осумгодишна возраст, тој станал цар откако војсководецот Донг Џуо, кој ја презел контролата врз централната власт на династијата Хан, го симнал од престолот царот Шао и го заменил со Лиу Сје. Новокрунисаниот Лиу Сје, историски познат како цар Шјан, всушност бил марионетски владетел под контрола на Донг Џуо. Во 190 година, кога коалиција од регионални војсководци започнала казнена кампања против Донг Џуо во име на ослободувањето на царот Шјан, Донг Џуо наредил уништување на царската престолнина Луојанг и присилно ја преселил престолнината, заедно со нејзините жители, во Чанг-ан. По атентатот на Донг Џуо во 192 година, царот Шјан паднал под контрола на Ли Џуе и Гуо Си, двајца поранешни подредени на Донг Џуо. Разните регионални војсководци формално го признавале легитимитетот на царот Шјан, но никогаш не презеле акција за да го спасат од заробеништво.
Во 195 година, за време на судирот помеѓу Ли Џуе и Гуо Си, царот Шјан успеал да побегне од Чанг-ан и да се врати во урнатините на Луојанг, каде набрзо се нашол во безизлезна ситуација. Една година подоцна, војсководецот Цао Цао со својата војска влегол во Луојанг, го примил царот Шјан, го зел под своја заштита и го придружувал до Сју, каде што била воспоставена новата царска престолнина.
Иако Цао Цао формално му бил лојален на царот Шјан, тој de facto управувал со централната власт. Тој вешто го користел царот Шјан како „адут“ за да го зајакне својот легитимитет додека ги напаѓал и елиминирал ривалските војсководци во неговиот обид повторно да го обедини царството Хан под власт на централната влада. Успехот на Цао Цао изгледал неизбежен сè до зимата 208–209 година, кога ја изгубил одлучувачката Битка кај Црвените карпи (Battle of Red Cliffs) против јужните војсководци Сун Чуен и Лиу Беи. Оваа битка го поплочила патот за подоцнежното појавување на Трите кралства: Веи, Шу и Ву.
Кон крајот на 220 година, неколку месеци по смртта на Цао Цао, неговиот наследник Цао Пи го принудил царот Шјан да абдицира. Потоа, ја основал државата Цао Веи, прогласувајќи се за нов цар – настан што го означил формалниот крај на династијата Хан и почетокот на периодот на Трите кралства во Кина.
Сменетиот цар Шјан ја добил благородничката титула Војвода од Шанјанг (кинески: 山陽公) од Цао Пи и го поминал остатокот од својот живот во удобност и уживајќи повластен третман. Тој починал на 21 април 234 година, околу 14 години по падот на династијата Хан.
Семејна позадина Лиу Сје е роден во 181 година како син на царот Линг и една од неговите сопруги Ванг Ронг (王荣). За време на бременоста, Ванг Ронг, плашејќи се од царицата Хе сопругата на царот Линг, земала лекови со намера да предизвика абортус, но обидот бил неуспешен. Набрзо откако го родила Лиу Сје, љубоморната царица Хе ја отрула ставајќи отров во нејзината храна. Царот Линг бил гневен и сакал да ја симне царицата од престолот, но евнусите се молеле во нејзино име, па таа не била сменета.
Лиу Сје бил израснат лично од мајката на царот Линг, царицата-вдовица Донг, и бил познат по претпазливата титула „Маркиз Донг“. (Ова било поради суеверие; имено, царот Линг претходно изгубил неколку синови, па затоа и Лиу Сје и неговиот постар полубрат Лиу Биен биле познати по такви титули; Лиу Биен, бидејќи бил одгледан од Ши Зимјао, бил познат како „Маркиз Ши“). Лиу Биен бил роден од царицата и бил постар, но царот Линг сметал дека неговото однесување не е доволно сериозно и затоа размислувал да го именува Лиу Сје за престолонаследник, но се колебал и не можел да донесе конечна одлука.
Кога царот Линг починал во 189 година, неговиот доверлив и влијателен евнух, Џиен Шуо, сакал прво да го убие братот на царицата Хе, главниот генерал Хе Џин, за да го постави Лиу Сје на престолот. Поради тоа, му подготвил стапица на Хе Џин за време на средбата што требало да ја одржат. Хе Џин дознал за планот и дејствувал превентивно, прогласувајќи го Лиу Биен за нов цар. Подоцна истата година, царот Шао му ја доделил на Лиу Сје титулата „Принц од Бохај“ (渤海王), а подоцна неговата титула била променета во „Принц од Ченлиу“ (陳留王).
Доаѓање на престолот и пад на династијата Хан
Подемот на Донг Џуо Откако Лиу Биен станал цар, Хе Џин станал најмоќниот функционер во царскиот двор, па тој и неговиот советник Јуан Шао набрзо склучиле заговор за истребување на евнусите. Меѓутоа, тие биле одбиени од царицата-вдовица Хе, па затоа смислиле план тајно да им наредат на неколку војсководци да напредуваат кон престолнината Луојанг за да ја принудат царицата-вдовица да се согласи со нивните барања. Еден од тие војсководци бил Донг Џуо, кој во ова видел можност да преземе контрола врз централната власт.
Планот на Хе Џин бил откриен од страна на евнусите, кои му поставиле стапица и го убиле. Тогаш, Јуан Шао ги повел своите сили во палатата и ги убил повеќето од евнусите. Преостанатите евнуси на почетокот ги зеле младиот цар и Лиу Сје како заложници, но на крајот биле принудени да извршат самоубиство кога битката се свртела против нив.
Кога Донг Џуо пристигнал на местото на настанот, импресиониран од сопствената моќ и неимпресиониран од нервозниот цар Шао, го принудил младиот цар да му го отстапи престолот на Лиу Сје. Ова било делумно поради тоа што Лиу Сје бил одгледан од царицата-вдовица Донг, која иако не била во роднинска врска со Донг Џуо, тој ја почитувал поради истото презиме. Лиу Сје се качил на престолот како цар Шјан. Донг Џуо потоа ги убил царицата-вдовица Хе и поранешниот цар Шао, и воспоставил цврста контрола врз политичката сцена.
Присилно преселување на запад и смртта на Донг Џуо мини|Коли и коњаница, детал од мурал од гробницата Дахутинг (打虎亭漢墓) од доцната источна династија Хан, лоцирана во Женгжу, Хенан . Во пролетта 190 година, голем број локални функционери, кои формирале лабава коалиција предводена од Јуан Шао, брзо се кренале на бунт против Донг Џуо. Иако сè уште стравувале од неговата воена моќ тие не напредувале директно кон Луојанг, Донг Џуо исто така се плашел од нивната заедничка сила, па затоа одлучил да ја пресели престолнината на запад во старата престолнина на Хан, Чанг-ан, која била поблиску до неговата база на моќ во провинцијата Лианг (денеска Гансу). На 9 април 190 година, тој го принудил царот Шјан да се пресели во Чанг-ан и го запалил Луојанг, оставајќи го градот речиси целосно во урнатини.
Откако се распаднала бунтовничката коалиција, дел од функционерите, предводени од Ванг Јун и Лу Бу, го убија Донг на 22 мај 192 година. Некое време се чинеше дека режимот на Хан може да се врати во нормала, бидејќи Ванг Јун брзо воспоставил релативно пријателски односи со локалните функционери кои му се спротивставувале на Донг, но во тој момент дејствувале повеќе како локални воени водачи. Сепак, поради неуспехот на Ванг Јун да ги смири поранешните подредени на Донг Џуо, тие кренале бунт и го убиле Ванг.
Враќање кон урнатините на Луојанг мини|Детал од сцената на банкет, мурал од гробницата Дахутинг (打虎亭漢墓) од доцната династија Источна Хан, лоцирана во Женгжу, Хенан . Поранешните подредени на Донг Џуо, предводени од Ли Џуе и Гуо Си, ги ставиле царот Шјан и царскиот двор под своја контрола. Меѓутоа, Ли Џуе и Гуо Си немале сериозни амбиции, а нивната неспособност во управувањето го продлабочила распадот на Царството Хан на режими на војсководци. Во 195 година, Ли Џуе и Гуо Си имале голем судир; додека војувале, Ли го зел царот Шјан како заложник, а Гуо ги зел царските службеници за заложници . Подоцна истата година, по мировните преговори, Ли Џуе и Гуо Си се согласиле да му дозволат на царот Шјан да се врати во Луојанг. Но, штом царот го напуштил Чанг-ан, тие зажалиле за својата одлука и почнале да го гонат со своите трупи. Иако никогаш не успеале да го заробат, дворот на царот Шјан останал осиромашен и неспособен да се грижи за себе и по враќањето во Луојанг, му недостигале дури и основните животни намирници. Многу службеници починале од глад. Во тоа време, стратегот на Јуан Шао, Џу Шоу, предложил да го пречека царот Шјан во својата база во провинцијата Џи за да ја преземе контролата врз централната власт. Сепак, другите стратези, Гуо Ту и Чунју Ќунг, се спротивставиле – водени од погрешната логика дека ако го стори тоа, ќе мора да му се покорува на царот Шјан при носењето клучни одлуки. Јуан Шао ги послушал и никогаш повеќе не размислувал да го прифати царот Шјан.
Цврста контрола од страна на Цао Цао Она што Јуан Шао не сакал да го направи, го направил Цао Цао. Во тоа време, Цао Цао бил релативно помал војсководец, гувернер на провинцијата Јен (која ги опфаќала денешен западен Шандунг и источен Хенан), со седиште во Сју (денешен Сјучанг, Хенан). Тој ја увидел стратешката предност во тоа да го има царот под своја контрола и заштита, па во 196 година тргнал на запад кон Луојанг. Откако постигнал договор со генералите на царот Сјен, Дунг Ченг и Јанг Фенг, убедувајќи ги во својата лојалност, тој влегол во Луојанг и иако технички ја делел власта со нив, всушност тој ја имал главната команда.
За разлика од Донг Џуо, Цао Цао знаел како да ги смири генералите и благородниците. Иако им давал малку моќ, тој се погрижил тие да останат почестени, па затоа во царскиот двор имало минимален отпор против него. Освен тоа ја преселил престолнината во Сју за да ја потврди својата контрола врз централната власт, а кога Јанг Фенг му се спротивставил, тој го поразил околу ноември 196 година и успеал да го пресели главниот град.
Цао Цао започнал да издава царски едикти во името на царот Шјан – вклучувајќи и еден остро срочен едикт со кој го осудил Јуан Шао за преземање на соседните провинции – иако со истиот тој едикт сепак му ја доделил на Јуан високопочесната функција „Голем командант“. Цао Цао и царот Шјан одржувале површински срдечен однос, но тоа не ги спречило двата големи судири помеѓу Цао и другите функционери во дворот. мини|Апсењето на сопругот Донг со беспомошниот цар Сјиан во позадина, од илустрација на историскиот роман „Романса на трите кралства“ од династијата Ќинг . На почетокот на 199 година, додека Цао Цао се соочувал со голем воен судир против Јуан Шао, Донг Ченг тврдел дека примил таен едикт издаден од царот Шјан (скриен во појас) и влегол во заговор со Лиу Беи, Џонг Џи и Ванг Фу за атентат врз Цао Цао. При крајот на 199 година, Лиу Беи започнал бунт и чекал Донг Ченг да преземе мерки во престолнината, но во 200 година заговорот на Донг бил откриен, па тој, заедно со Џонг Џи и Ванг Фу, биле погубени. Подоцна, Лиу Беи бил поразен од Цао Цао и принуден да побегне на територијата на Јуан Шао. Ќерката на Донг Ченг, која била една од сопругите на царот и била бремена,Цао Цао наредил да биде погубена, иако царот Шјан лично се обидел да интервенира за неа.
Сопругата на царот Шјан, царицата Фу Шоу, лута и престрашена поради начинот на кој починала придружничката Донг, му напишала писмо на својот татко, Фу Ван, во кое го обвинила Цао Цао за суровост и индиректно го замолила да започне нов заговор против него. Фу Ван се плашел од Цао Цао и никогаш не презел ништо во врска со писмото, кое било откриено во 214 година. Цао Цао бил гневен и го принудил царот Шјан да ја смени царицата Фу.