Ноќ на Галактичката железница, познат и како Ноќ во возот на Сребрената Река () — долгометражен анимиран филм од 1985 г., во режија на Гисабуро Суги, заснован на истоимената сказна на Кенџи Мијазава. Филмот има изразени надреални елементи и поставува длабоки прашања за животот и смртта.
Наслов Меѓународниот наслов на филмот Ноќ на Галактичката железница потекнува од англискиот превод (постојат варијанти како Night on the Milky Way Railway, Night on the Galactic Railroad и Night Train to the Stars). Како и да е, во насловот на изворната сказна се користи изразот „Сребрена Река“ (поетски синоним за Млечниот Пат), кој си поигрува со симболиката на реката и течењето на водата, што е од големо значење за самиот заплет.
Освен тоа, филмот содржи и оригинален превод на насловот на јазикот есперанто (Nokto de la Galaksia Fervojo). Ова е направено во знак на почит кон Кенџи Мијазава, кој бил голем љубител за есперанто од идеолошки причини и често позајмувал зборови од овој јазик за своите дела. Сите текстови и натписи што се појавуваат во кадарот се напишани на есперанто. На пример, во една од сцените може да се види натписот Dio, pli apud vin („Поблиску, Боже, до Тебе“).
Заплет и уметнички особености Филмот раскажува за патувањето на двајцата млади пријатели Џовани и Кампанела во таинствен воз што патува низ вселенското пространство. На постојките во возот влегуваат патници за кои, со текот на времето, станува јасно дека во стварноста се веќе мртви. Разговорите со патниците и бавното патување на младите ја сочинуваат фабулата на филмот.
Самата приказна може да се одликува како поучна. Во согласност со тоа, создавачите избрале раскажувачка и визуелна естетика што не е својствена за аниме, туку потсетува на магичен реализам.
Карактеристична црта на филмот е тоа што главните ликови се антропоморфни мачки. Ова воопшто не се објаснува во самиот филм и не потекнува од изворната сказна. Во филмот се појавуваат и човечки ликови, но тоа не предизвикува никаква дисонанса кај самите ликови. Подоцна, режисерот Гисабуро Суги го применил истиот метод и во филмот The Life of Budori Gusuko, исто така адаптација на дело на Мијазава.
Потеклото на мачките доаѓа од фантазијата на мангаката Хироши Масумура, за кого тие се омилени ликови. Во своето творештво, тој го создал светот „Земјата Атагул“, во кој живеат луѓе и мачки. Според зборовите на мангаката:„Во истата секунда кога на приказната ќе ѝ додадете човечко лице, целосно се менува чувството. Таа почнува да се определува преку ликот што сум го нацртал. Сакав да го избегнам тоа“.Визуелната естетика на филмот потсетува на европското сликарство од периодот на модерната и модернизмот. Експерименталноста на визуелниот и раскажувачкиот дел е потврдена со доделувањето на наградата „Нобуро Офуџи“ за извонредност и иновации во анимираниот филм.
Кенџи Мијазава преку своето творештво изнесувал постулати на верски концепт што го развил врз основа на сопственото разбирање на будизмот и христијанството, па затоа овој аспект е важен за разбирање на филмот. Самата сказна била напишана под влијание на длабока лична криза предизвикана од смртта на неговата помала сестра Тоши.
Режисерот Гисабуро Суги, од една страна, сакал да ги исклучи премногу очигледните верски мотиви, но од друга страна, ги нагласил со воведување нови ликови што ги нема во изворната сказна, како што е слепиот радист што ги слуша сите несреќи на светот.
Наводи
Надворешни врски
Категорија:Јапонски филмови Категорија:Филмови на јапонски јазик Категорија:Филмови од 1985 година Категорија:Аниме-филмови