Герас Цунев (1914 -1943)

Роден е на 24 февруари 1914 год. во Струмица. Потекнува од занаетчиско семејство а основно и средно образование завршува во родниот град. По отслужувањето на воениот рок во Белград, се враќа повторно во Струмица. Заради непомирливоста со големосрпскиот гнет врз македонскиот народ Герас е во редовите на најпрогресивната младина на градот, учествувајќи во повеќе манифестации на пркос како во градот така и низ Македонија.

Со доаѓањето на бугарската окупација во 1941 год. тој е истиот непокорлив и бунтовен Македонец кој не трпи туѓи ропства па е од првите денови на окупацијата во движењето на отпорот. Учествува во организирањето на мрежата на отпорот во акциите на собирање оружје, муниција и др. материјали неопходни за вооружена борба. Уште во ноември 1942 год. со Васил Доганџиски, Јаким Стојков и Ванчо Китанов и уште еден илегалец се членови на првата партизанска група од струмичко кои заминуваат на Плачковица кај селои Козбунар каде треба да се соединат со групите од разбиениот Велешки одред за да се формира силна ударна партизанска група.

Во тешките зимски услови, сместени се во една планинска куќа. Бугарите со време, дознаваат за местото и на почетокот од јануари 1943 год., организираат голема акција со воено-полициски сили од Штип и Радовиш при што е извршено опколување на куќата каде е сместена партизанската струмичка група. Започнува жестока битка. Бугарите дејствуваат од митралези и со сите можни оружја а партизаните одвнатре возвраќаат со се што имаат од оружје. По извесно време од борбата прв паѓа изрешетан од бугарските рафали Васил Доганџиски а по него и Јаким Стојков кој најпрвин е тешко ранет а набргу умира додека соборците возвраќаат кон Бугарите... Герас добива еден погодок во плеќите но иако ранет дејствува до последен куршум а во текот на борбата се слушаат и од кај Бугарите крикови и офакања. Ванчо Китанов трга во пробив и погоден паѓа кон еден дол надвор но Бугарите занесени со дејствијата кон колибата и возвратниот оган кон нив од таму и не забележуваат како тој се извлекува па иако ранет се довлечкал подоцна дури до градот каде го превземаат на лекување од движењето на отпорот (во куќата на Златеви). Храбриот Герас одговара на бугарскиот оган трчајќи од еден до друг прозорец правејќи слика дека во колибата се повеќемина но се пообилно крвари а и по вториот куршум кај рамото веќе почува да ја губи свеста и по некое време паѓа во бесознание и во обилие од крв.

Бугарите подоцна го превземаат и носат во штипската болница каде по преврските и враќањето во живот почнуваат со нови измачувања за да проговори за мрежата на движењето на отпорот. Деновите минуваат а Герас останува нем. Конечно како последица од тешките измачувања и раните Герас Цунев умира на 21 јануари 1943 год. до крај пркосејќи му на окупаторот и не изустувајќи ниту збор за движењето. Загина за слободата на Македонија и македонскиот народ.