„Во џунглата на градовите“ (германски: Im Dickicht der Städte) — драма од германскиот модернистички драматург Бертолт Брехт. Напишана помеѓу 1921 и 1924 година, a првата театарска продукција под наслов „Во џунглата“ била во Резиденцтеатарот во Минхен, со премиера на 9 мај 1923 година. Режисер на оваа продукција бил Ерих Енгел, а сценографијата ја дизајнирашл Каспар Нехер. Во глумечката екипа биле Ото Вернике како Шлинк, трговецот со дрва, Ервин Фабер како Џорџ Гарга и Марија Копенхефер како неговата сестра Мери. Претставата била изведена и во Берлин, каде што Брехт бил вработен како драматург, и премиерно била прикажана на 29 октомври 1924 година, со истиот режисер и сценограф, но во скратена верзија, со нов пролог и наслов „Џунгла: пропаѓање на едно семејство“. Фриз Кортнер го играл Шлинк, а Валтер Франк го играл Џорџ. Дел од екипата биле и Франциска Кинц, Пол Билд, Матијас Виман и Герда Милер. Вилет и Манхајм известиле дека оваа продукција „не била успешна“.

Брехт ја ревидирал претставата речиси до нејзината конечна форма, која веќе го добила насловот „Во џунглата на градовите“, и поднаслов што ја прогласува „борбата меѓу двајца мажи во големиот град Чикаго“ - во 1927 година, кога била поставена во Хесишес Ландестеатарот во Дармштат, во режија на Карл Еберт.

Во прологот на претставата, Брехт им кажува на своите гледачи:

„Се наоѓате во Чикаго во 1912 година. Ќе бидете сведоци на необјаснив боречки натпревар помеѓу двајца мажи, и ќе го набљудувате падот на едно семејство кое се преселило од прериите во џунглата на големиот град. Не грижете се за мотивите на борбата; концентрирајте се на влоговите. Не бидете пристрасни при оценување на техниката на противниците, и држете го погледот вперен во крајот.“

Заплет Џорџ Гарга и Шлинк се прикажани како двајца метафорични боксери заглавени во меѓусебна борба, во текот на целата претстава. Шлинк е богат трговец со дрва, а Гарга е книжар.

Претставата започнува со Шлинк и неговите соучесници, особено Скини, Црвот и Бабунот. Тој се обидува да го потплати Гарга да даде добро мислење за една книга, но Гарга одбива да продаде. Како резултат на тоа, Шлинк му објавува војна, и почнува да ја уништува книжарницата. Мејнс пристигнува и наскоро го отпушта Гарга. Откако Гарга заминува, Шлинк ја плаќа штетата, и заминува и тој.

Гарга пристигнува во дрварницата, а Шлинк се прави слуга на Гарга. Гарга го прифаќа предизвикот и веднаш го тера бизнисот да го продаде истото количество дрва двапати, со што измамува еден од купувачите. Тој поканува офицер од Армијата на спасот во собата, и ветува дека ќе му ја подари целата зграда ако офицерот им дозволи да го плукаат во лице. Потоа Шлинк оди кај офицерот и плука по него.

Шлинк оди да живее со Црвот. Сестрата на Гарга, Мари, се сели кај него, откако се заљубила. Девојката на Гарга, Џејн, е исто така таму, која работи како курва за Бабунот. Набргу потоа, Гарга решава да оди на Тахити. Шлинк пристигнува во куќата на Гарга, и им нуди да работи за нив и да им обезбеди пари ако му дадат место за престој.

Иако сите мислат дека Гарга отишол на Тахити, се испоставува дека тој никогаш не го напуштил Чикаго. Наскоро оди во хотелот каде што престојува Шлинк. Кога дознава дека Мари живее таму, се вознемирил дека Шлинк ги презел и неговата сестра и неговото семејство. Гарга се обидува да го натера Шлинк да се ожени со Мари, но се исплашува и трча кај Манки, која радосно се согласува да ја земе. Гарга, исто така, го тера Шлинк да му ги даде сите преостанати пари.

Во меѓувреме, Гарга се вратил дома, и се оженил со својата поранешна девојка Џејн, откако ја украл од Бабунот. Неговото семејство живее многу добро со парите што му ги дал Шлинк. Додека ја славел свадбената вечера, Шлинк пристигнува со писмо во кое го информира дека ќе мора да оди во затвор три години за склучување лажна зделка со дрва. Гарга решава да оди во затвор, иако тоа ќе му го уништи семејството. Кога неговата мајка го слуша ова, таа го напушта семејството. Гарга пишува писмо во кое го обвинува Шлинк за силување на неговата сестра, и за злоупотреба на неговата сопруга. Тој го става писмото во џеб, и му кажува на татка си дека ќе ѝ го даде на полицијата писмото на денот кога ќе го ослободат од затвор.

Три години подоцна, Гарга ѝ го дава писмото на полицијата. Шлинк е принуден да избега, a Гарга зема неколку мажи и го посетува Кинескиот хотел за да им покаже што се случило со неговата сестра и со сопругата. И Мари и Џејн сега се проститутки во хотелот, а Џејн не сака дури ни да размисли да се врати со Гарга. Шлинк успева да се врати во хотелот откако го запалил својот дрвен двор. Тој му кажува на Гарга дека борбата сè уште не е завршена и дека треба веднаш да избегаат.

Во шатор надвор од Чикаго, Гарга сфаќа дека борбата била околу обидот да се допре друга личност со тоа што ќе ја мрази. Сепак, тој решава дека борбата траела предолго. Гарга се прогласува себеси за победник, и си заминува. Мари пристигнува, и го гледа Шлинк како умира во шаторот. Таа го брани неговото мртво тело од разбеснетата толпа што пристигнала да го линчува.

Назад во Чикаго, Гарга го продава изгорениот дрвен двор на Манки, и потоа Гарга решава да оди во Њујорк.

Премиерата била прекината од нацисти Претставата „Во џунглата на градовите“ премиерно била прикажана во театарот Резиденц во Минхен на 9 мај 1923 година, со Ервин Фабер и Ото Вернике во главните улоги на Гарга и Шлинк. Премиерата била прекината неколку пати од нацистите, кои викале, свиркале, и фрлале смрдливи бомби кон актерите на сцената. Тоа предизвикало скандал што станал очекуван дел од премиерите на Брехтовите драми и мјузикли за време на Вајмарската Република. Продукцијата ја режирал Ерих Енгел - неговата прва Брехтова продукција во она што ќе стане долга соработка со Брехт, која траела до смртта на Брехт во 1956 година. За време на паузата пред почетокот на пробите, Брехт, Енгел и Фабер соработувале со Карл Валентин, и други актери од Минхен за да направат краток, комичен филм, „Тајни на берберницата“.

Познати продукции Светски познатиот германски режисер Петер Штајн ја режирал значајната продукција на оваа драма во Минхен во 1968 година, кога бил помошник-режисер во тамошниот театар, а пред да го основа влијателниот театар во Западен Берлин неколку години подоцна. Дитер Ласер, познат на англиската публика по неговата улога како д-р Јозеф Хајтер во „Човечката стоногалка“ (2010), го имал своето филмско деби во улогата на Коли Кауч.

Ал Пачино глумел во краткотрајна продукција во театарот „Круг во квадратот“ во Њујорк во 1979 година, во режија на познатиот романски режисер Ливиу Чиулеи.McDowell, W. Stuart. "Acting Brecht: The Munich Years," The Brecht Sourcebook. (Routledge, 2000) p. 71–83.

Џудит Малина режирала продукција на претставата во „Ливинг театар“ во Њујорк, чија премиера била на 16 декември 1960 година.

Во октомври 1991 година, Рут Бергаус ја режирала претставата во театарот „Талија“ во Хамбург како дел од серија „поврзани текстови“, како што ги нарекла таа (меѓу кои била и „Смртта на Дантон“ на Бихнер).

Литература

Брехт, Бертолт . 1927. Во џунглата на градовите . Превод од Герхард Нелхаус. Во собрани драми: Една . Уредник: Џон Вилет и Ралф Манхајм. Бертолт Брехт: Драми, поезија и проза. Лондон: Метуен, 1970. . стр. 117–178. Мич, Тони. 1994. „Раните драми на Брехт.“ Во Томсон и Сакс (1994, 43–55). Мекдауел, В. Стјуарт. 2000. „Актерството Брехт: Минхенските години“, Брехтовата збирка со извори, Керол Мартин, Хенри Биал, уредници (Routledge) стр. 71–83. ISBN 0-203-97955-9 . Мекдауел, В. Стјуарт. 1977. „Продукција на Брехт-Валентин: Мистериите на една берберница “, В. Стјуарт Мекдауел, Списание за изведувачки уметности, том 1, бр. 3 (зима), стр. 5. Томсон, Питер и Глендир Сакс, уредници. 1994. Кембриџскиот придружник на Брехт . Кембриџски придружници на литературата. Кембриџ: Кембриџ Универзитетски Прес. ISBN 0-521-41446-6 . Вилет, Џон . 1967. Театарот на Бертолт Брехт: Студија од осум аспекти. Трето ревидирано издание. Лондон: Метуен, 1977. ISBN 0-413-34360-X . Вилет, Џон и Ралф Манхајм . 1970. Вовед и уредничка белешка за текстот. Во Собрани драми: Една од Бертолт Брехт. Уредник: Џон Вилет и Ралф Манхајм. Бертолт Брехт: Драми, поезија и проза. Лондон: Метуен. ISBN 0-416-03280-X . стр.vii–xvii и 441–449. Вилет, Џон и Ралф Манхајм. 1979. Вовед и уреднички белешки. Собрани драми: Две од Бертолт Брехт. Бертолт Брехт: Драми, поезија, проза Сер. Лондон: Метуен, 1994. ISBN 0-413-68560-8 .

Наводи

Надворешни врски

Целосен текст на (издание од 1927 година) во дигиталната библиотека „ХатиТраст“ Информации за продукцијата од 1924 година во Deutsches Theater во Берлин. Страница за продукција од 1924 година во Берлин.

Категорија:Драми од Бертолт Брехт