Австралиско-тајландски мировен договор — договор со кој завршила Втората светска војна меѓу Австралија и Тајланд, а бил потпишан во Бангкок на 3 април 1946 година. Целосниот наслов на мировниот договор е „Конечен мировен договор меѓу Владата на Австралија и Владата на Сијам“. Тоа бил еден од првите изрази на австралискиот суверенитет и независност во надворешните работи откако Статутот на Вестминстер стапил на сила во 1942 година.
Позадина мини|Австралиски и холандски воени заробеници во Тарсау во Тајланд, 1943 година|260x260пкс Во ноември 1941 година, како што растела загриженоста за војна со Јапонците во Пацификот, тајландскиот министер за правда, Таван Тамронгнавасават, се сретнал со австралискиот премиер, Роберт Гордон Мензис, во Канбера за време на турнејата на добра волја низ Британската империја во Азија. Овој состанок бил наменет да ја увери владата на Австралија за неутралноста на Тајланд. Британците вршеле притисок врз Австралијанците да воспостават легација во Бангкок, но вторите сепак претпочитале нивните интереси да бидат застапувани од Вестминстер. На 8 декември, Јапонците го нападнале Тајланд, а Тајланѓаните брзо ги прифатиле јапонските услови за транзит на нивните армии. На 21 декември, Тајланд потпишал широк воен сојуз со Јапонија. Сојузничкото бомбардирање на Тајланд веќе започнало кога, на 25 јануари 1942 година, тајландската влада им објавила војна на Велика Британија и САД. Додека вторите одбиле да ја прифатат акцијата како слободна и не го сметале Тајланд за ништо друго освен за окупирана земја, Велика Британија одговорила со иста мера. Бидејќи Австралија тогаш немала претставништво во Бангкок, Канбера побарала од Швајцарците да ја известат тајландската влада на 2 март дека им објавила војна на Тајланд. Немало одговор, а Тајланѓаните тврделе по војната дека немале намера да војуваат со Австралија и не биле свесни за конвенцијата дека Австралија е во војна секогаш кога е во војна Британија. Во тоа време во Австралија имало само единаесет Тајланѓани, а сите биле набљудувани од Службата за безбедност на Одделот за истраги на Комонвелтот. Некои Австралијанци, претежно вработени во рудниците за калај, биле интернирани заедно со Британците во Тајланд.
Преговори Во октомври 1945 година, владата на Чифли го испратила потполковникот Алан Џ. Истман од австралиската армија како нивен претставник во Бангкок, окупиран од сојузниците. Џ.К.Р. Прауд, австралискиот политички претставник во Сингапур, го сумирал ставот на владата во однос на мирот со Тајланд кога го советувал Истман дека „смртта во Сијам на толку многу австралиски воени заробеници е факт што не можеме да го игнорираме“. Британците предложиле Австралија да преговара за свој мировен договор со Тајланд, а накратко се разгледувала можноста Истман да се постави на функцијата министер во Тајланд, но било одлучено да не се воспостават целосни дипломатски односи со држава со која Австралија сè уште била во војна. Истман бил назначен за конзул и учествувал во англо-тајландските преговори што се воделе во Сингапур дури и пред да се добие кралска согласност за неговото конзулство. Бидејќи Тајланд никогаш формално не признал воена состојба со Австралија, тој го сметал посебниот договор со Австралија како техничка работа. Условите на Австралија биле едноставно Тајланд да ја прекине својата воена состојба со Велика Британија и да ги прифати мировните услови на Велика Британија. Инсистирале на судење на соработниците со Јапонците, на што Тајланѓаните негодувале, како и на репарации во врска со рудниците за калај. Тајланѓаните се обиделе да го затворат поранешниот премиер Плаек Фибунсонгхрам со цел да спречат каков било сојузнички трибунал пред да го потпишат Англо-тајландскиот мировен договор на 1 јануари 1946 година.
По британскиот мировен договор, Истман разменил ноти со тајландскиот преговарач, принцот Виваданаџаја Џајанта, потврдувајќи дека посебен договор со Австралија ќе биде потпишан најдоцна до 3 април. Владата во Канбера размислувала да го повлече од Бангкок во тој момент, но тој инсистирал на негово задржување сè додека трае процесот за утврдување на барањата за надомест. Тој не бил повлечен сè додека не биле разменети ратификации на мировниот договор во мај. Во 1950 година, Тајланд се согласил да плати 6 милиони фунти надомест на владите на Велика Британија и Австралија за воена штета на нивните рударски операции за калај. Австралискиот дел изнесувал нешто повеќе од 1 милион фунти.
Наводи
Извори
Тиравит, Киан [Киен Теравит] (1979). Австралиско-тајландски односи: Тајландска перспектива. Повремен труд бр. 58. Сингапур: Институт за југоисточни азиски студии. Батерсби, Пол (2000). „Нелагоден мир: Британија, САД и потрагата по воени репарации од Тајланд од страна на Австралија, 1945–1952“. Австралиски журнал за меѓународни односи. 54 (1): 15–31.
Категорија:Договори од Втората светска војна