мини|243x243px|Едмунд Лејтон — „Тристан и Изолда“ Дворска љубов или куртоазна љубов — една од културно-историските форми на љубовта, заснована главно на односите меѓу мажот (младиот витез) и жената (дамата).

Дворската љубов претставува средновековен европски концепт на витешко благородништво и изразување на љубов и воодушевување. Како по правило, односите на дворската љубов биле тајни и се практикувале само меѓу благородништвото. Таа обично не постоела меѓу мажот и жената (сопружниците).

Дворската љубов се појавила во војводските и кнежевските дворови на Аквитанија, Прованса, Шампања, Бургундија, војводството Нормандија и Кралството Сицилија на крајот на единаесеттиот век. Во суштина, оваа љубов била дворско доживување што се наоѓало на границата помеѓу еротската желба и духовното усовршување. Денес тоа изгледа премногу противречно, како „љубов што истовремено е незаконска и таква што придонесува за морално самосовршување, која во себе ги обединува страста и дисциплината, понижувачкото и возвишеното, човечкото и трансцендентното“.Francis X. Newman, ed. (1968). The Meaning of Courtly Love, vii.

Потекло на поимот Поимот „дворска љубов“ (фр. amour courtois) за првпат е определен благодарение на трудот на Гастон Парис под наслов Études sur les romans de la Table Ronde: Lancelot du Lac, II: Le conte de la charrette, објавен во 1883 г. Трудот се заснова на истражување на трактатот на Кретјен де Троа — Lancelot, the Knight of the Cart (1177).

Парис ја определува дворската љубов како наука за обожување и благородни манири кон саканата личност. Вљубениот прифаќа зависност од својата сакана и се обидува да се направи достоен за неа, дејствувајќи смело и благородно. Тој ги исполнува нејзините желби, подложувајќи се на серија искушенија за да го докаже својот занес и приврзаност. Францускиот истражувач нагласува дека сексуалното задоволство е можно, но тоа не е главната цел или крајниот резултат. Меѓутоа, оваа љубов не е сосема платонска, бидејќи се заснова на сексуална привлечност.

Поимот и определбата на Гастон Парис набрзо биле широко прифатени во научната средина. Во 1936 г., Клив Стејплс Луис го напишал делото Алегорија на љубовта, со што дополнително го зацврстил поимот на дворската љубов како конкретен вид љубов, чии фундаментални одлики се: Понизност; Учтивост; Прељуба; Религија на љубовта.Lewis, C.S., The Allegory of Love, p. 2. (1936)

Подоцна, историчарите како Д. В. Робертсон Помладиот во 1960-тите, како и Џон С. Мур и Е. Телбот Доналдсон во 1970-тите, се однесуваат критички кон овој поим, нарекувајќи го „вештачки и современ изум“. Доналдсон го користи изразот „Митот за дворската љубов“, бидејќи поимот не се среќава во изворните средновековни текстови.

Иако поимот „дворска љубов“ во својот изворен облик (како cortez amors) може да се најде само во една зачувана провансалска песна од крајот на XII век (во лириката на Пеир од Оверњ), тој е тесно поврзан со поимот fin'amor („совршена љубов“ или „прекрасна љубов“). Овој израз често се појавува во провансалската и француската книжевност, додека на германски се преведува како hohe Minne. Покрај тоа, постојат и други изрази поврзани со „префинетоста“ и „љубовта“ што биле вообичаени во целиот среден век. И покрај критиките, определбата на Гастон Парис останува широко прифатена бидејќи таа не е чист неологизам, туку се заснова на конкретни описи на овој концепт што се сосредоточува на префинетоста како негова суштина.

Ричард Трашлер забележува дека „концептот на дворската книжевност е поврзан со идејата за постоење на конкретни текстови, пишувани и читани од мажи и жени што делеле заедничка и посебна култура“. Тој тврди дека во тогашната книжевност се среќаваат и „дворски“ и „недворски“ текстови, што укажува на тоа дека не постои јасен начин за определување на „префинетоста“ на еден текст. Ова создава проблем во јасното определување и тогашното разбирање на самата идеја за дворската култура.Busby, Keith, and Christopher Kleinhenz. Courtly Arts and the Art of Courtliness: Selected Papers from the Eleventh Triennial Congress of the International Courtly Literature Society. Cambridge, MA: D.S. Brewer, 2006. 679—692. Print.

Анализа Историската анализа на дворската љубов се врши на пресекот на различни историски школи. Една група историчари, кои се фокусираат на раниот среден век и нагласената патријархалност на тогашната теократија, ја гледаат дворската љубов како „хуманистичка“ реакција на пуританскиот став на Католичката црква. Според овие учени, дворската љубов овозможила издигнување на женственоста како носител на благородство, духовни и морални сили, што било во спротивност со тогашниот средновековен шовинизам што често ги поврзувал жените со „темни сили“. Осудата на дворската љубов од страна на Црквата на почетокот на XIII век како еретичка, овие истражувачи ја толкуваат како обид да се задуши еден вид „сексуален бунт“.

Од друга страна, други истражувачи сметаат дека дворската љубов е поврзана со напорите на Црквата да ги цивилизира грубите германски феудални обичаи на крајот на XI век. Исто така, постојат тези дека поради тоа што браковите во тоа време биле главно политички договори, се појавила потреба од други начини за изразување на личната романтична љубов. На тој начин, дворската љубов не била реакција против свештенството, туку алтернатива на формалниот брак. мини|238x238пкс|Смртта на Тристан и Изолда. Минијатура од XV век Вреди да се напомене дека во германскиот јазик уште во средниот век постоел конкретен збор — die Minne — за означување на дворската љубов и нејзината суштина. Во делото „Тристан“ на Рихард Вагнер, оваа љубов е персонификувана како божество (Liebesgöttin), наречено „госпоѓа Мина“ (Frau Minne).

Според етимологијата (од латинските memini — „се сеќава“ и mens — „ум“), именката Minne го нагласува присуството на душата во свеста на вљубениот и траењето на тоа присуство во облик на фантазам или спомен. Станува збор за љубов што целосно го обзема умот на вљубениот и го поттикнува да создава поезија за да го изрази своето внатрешно доживување. Ова одговара на она што средновековните богослови го нарекувале delectatio morosa (лат. „бавно задоволство“) — уживање во слатката замисла за отсутниот објект на желбата. Овој вид љубов најилустративно се гледа преку страста на поетот кон неговата „Дама на мислите“, особено во појавата „љубов на далечина“.

Германската терминологија поврзана со оваа авантура вклучува: Der Minnesang — поезија на трубадурите; Das Minnelied — љубовна песна; Der Minnesänger — трубадур (пејач на љубовта); Der Minnedienst — служба на љубовта; Der Minnetrank — љубовен напиток.

Токму користејќи го поимот Minne, фламанските бегинки од XIII век ги презеле одликите на провансалната „чиста љубов“ за да ја теоретизираат својата љубов кон Бога. Особено кај Хадевијх од Антверпен (почината околу 1260 г.), љубовното доживување познато како Minnemystik (минемистика) се одвива во две етапи:

Страсна желба: Добива облик на горлив и страстен копнеж (лат. aetus amoris, или на холандски orewoet), односно момент на уживање (ghebruken) во целосно единство со божественото. Лишување и возвишување: Означена со искуството на отсуство и лишување (ghebreken), страдање и тага.

Меѓутоа, тука станува збор за наизменично менување, па дури и за соживот на очигледни противречности. Тие одговараат на антитетичките чувства на радост и тага, во кои дворската поезија го гледала изразот на суштинската трансцендентна љубов.

Наводи

Надворешни врски

Категорија:Љубов Категорија:Меѓучовечки односи Категорија:Филозофија на љубовта Категорија:Етика Категорија:Трубадури Категорија:Среден век