Разгранета незаборавка () — цветен растителен вид од семејството Boraginaceae. Неговите живеалишта вклучуваат прерии, покрај патишта и тревни насипи.
Опис Ова е едногодишно растение, високо од 5 до 45 см. Стебленцето ѝ e вертикално, поретко подигнато, неразгрането или често речиси од основата разгрането, во долниот дел со стрчести, а во горниот дел со прилегнати влакна. Базалните листови се собрани во розета, копјести, издолжено копјести до лопатовидни затапени, во основата стеснети во куса дршка, долги се до 40 мм, широки од 3 до 10 мм, препокриени со четинести полустрчести влакна на мали брадавичести израстоци. Стеблените листови се копјести или елиптични, приседнати, долги до 30 мм, широки 3 до 6 мм, со слична влакнавост како и базалните листови. Цветовите се собрани во врвни или странични, растресити срповидни соцветија, кои при образувањето на плодот се издолжуваат, без прицветни листови. Цветните дршки при образувањето на плодот се одвај подолги од чашката или се со еднаква должина, стрчести или благо свртени кон горниот дел на оската на соцветието. Чашкатае yвончевидна, при цветањето е долга 1,5 до 2,5 мм, при образувањето на плодот полуотворена или отворена, долга 3,5 до 4 мм, до половината всечена на 5 издолжено-триаголни сегменти, во основата со густи, кукести влакна, отпаѓа. Венчето е светлосино до сино, проширениот дел од венчето е со пречник од 1,5 до 3 мм. Оревчињата се јајцевидни, без развиен раб, долги 1 до 1,2 мм, широки 0,6–0,9 мм, светлозелени до темнокафеави, со мала неправилно заоблена лузна со сунѓересто ткиво во основата каде што се прикрепува за чашката.
Живеалиште Живеалишта на разгранетата незаборавка се покрај патишта на рудерални места, брдски пасишта, чистини во дабови и букови шуми, ливади, помеѓу грмушки. Се наоѓа на надморски височини од 250 до 1400 метра.
Распространетост Ареалот на разгранетата незаборавка ги опфаќа Скандинавија, Средна и Атлантска Европа, Средоземјето, Црноморје, Иран и Северна Африка.
Во Македонија Скопје – Гази Баба, Водно, Матка, с. Љубин, Јакупица – с. Нежилово, Китка – Тисовица, Скопска Црна Гора – с. Бродец, с. Побожје, Рамно, клисурата на р. Пчиња – с. Катланово, Катлановска Бања, манастирот „Св. Јован“; Жеденска Клисура – с. Радуша, Коловозиште; Таорска Клисура; Велес – Дервен, Баир, клисурата на реката Тополка; Бабуна – Мукос; Куманово – с. Пчиња, с. Пелинце, с. Малотино, Средорек; Билина Планина – с. Луке, с. Подржи Коњ; Овче Поле – Богословец; Штип – Исар; Неготино – с. Пепелиште; Кавадарци – Дупкарево, с. Ресава, Витачево, Мушов Гроб; Демир Капија – с. Градец, с. Удово, с. Миравци; Валандово – с. Чалакли, с. Калково, с. Давидово, манастирот „Св. Ѓорѓија“; Дојран – с. Ѓопчели, Ачикот, с. Николич; Струмица – с. Банско, с. Габрово; Виница – с. Црн Камен, с. Јакимово; Плачковица, Голак, Огражден; Пијанец – с. Илиово; Манговица – с. Мечкуевци, Руен; Сува Гора – с. Беловиште; Осој; Маврово – „Кожа“, Бунец; Бистра – с. Галичник, с. Сенце, с. Лазарополе; клисурата на реката Радика – Бошков Мост; Добра Вода – с. Јагол Доленци, с. Папрадиште; Кичево – Илиница; Дебарца – Белчишко Блато; Охрид – с. Вапила; Галичица – с. Љубаништа, с. Трпејца, Војтина, Калино; Преспа – (†) Царина, Езерани, Голем Град, с. Стење; Пелистер – с. Маловиште, с. Нижеполе; Мариово – Селечка Планина, с. Рапеш, с. Орле, Бобиште, с. Маково, с. Старавина; Прилеп – с. Тројаци, с. Дрен, Маркови Кули; Азот – с. Мартолци, с. Теово; Ниџе – Кајмакчалан, Церова Полјана; Кожуф – с. Ума, с. Мрежичко, Михајлово, с. Рожден – Арничко; Гевгелија: Смрдлива Вода; Јабланица – Дримкол, с. Дренок; Стогово – с. Гари; Кораб – с. Бибај, с. Жужње; Шар Планина – с. Лешок, с. Варвара.
Наводи
Категорија:Незаборавка Категорија:Флора на Македонија Категорија:Флора на Европа