Hypecoum pendulum — вид цветно растение од семејството афиони.
Опис лево|мини|200x200пкс Hypecoum pendulum е едногодишно растение со висина од 15-40 см. Стеблото е глатко, голо, полегнато или вертикално, разгрането од основата и во горниот дел, поретко неразгрането. Листовите во основата се собрани во розета, имаат сивозелена боја со долга дршка, 2-3 пати перести, перестите делови се линејни, на врвот постепено заострени. Стеблените листови се еднакви со базалните.
Неговите семки се со димензии 2 на 2,5 милиметри по големина. Тие се аголни и обликувани приближно како бубрег, со косен врв и закржлавена основа. Тие се портокалово-кафеави или светло кремасто-кафеави, без боцки на површината или имаат мали испакнатини слични на брадавици.
Цветовите се поединечни или во цветни дихазиуми по врвовите на гранчињата; цветните дршки се тенки и имаат должина од 4–10 mm. Чашкините ливчиња се две на број со жолтозеленикава боја и јајцевидна форма, со заострен врв и лесно отпаѓаат. Венечните ливчиња се четири на броја, со светложолта боја во 2 круга. Надворешните венечни ливчиња се ромбични, на врвот триделни, околу 10 mm долги, во основата клиновидни, а страничните делови се пошироки од средниот дел. Внатрешните венечни ливчиња се две на број, скоро еднакво долги со надвореш-ните, до средината насечени на три дела, страничните деловисе елиптични а на врвот тапи, жолти по боја. Средниот дел е подолг од страничните, во горниот дел скоро е круглест, со реси по работ, а во основата стеснет и завршува со тенка долга дршка.
Плодот има цилиндрична форма со, 4-5 см должина, свртен надолу со многу искривена дршка долга до 30 mm.
Таксономија Hypecoum pendulum за прв пат формално го опишал Карл Линеј во првото издание на „Species Plantarum“ во 1753 година. Во него, тој комбинирал три претходни имиња за видот и го забележал неговото живеалиште во „Галопровинција“, денешна јужна Франција.
Варијабилност Hypecoum pendulum var. parviflorum порано се сметал за посебен вид, H. parviflorum. Првично бил опишан од Балхашкото Езеро и се наоѓа околу Каспиското Море и источно до Хималаите. Порфириј Крилов станал првиот што го деградирал видот, доделувајќи му го името H. pendulum ssp. parviflorum во 1931 година. Џејмс Кален повторно го деградирал видот во сортата во 1966 година, забележувајќи дека постои серија средни форми помеѓу var. parviflorum и стандардниот var. pendulum . Единствените морфолошки разлики се карактерот на надворешните ливчиња и нивните лобуси.
Распространетост во Македонија
Hypecoum pendulum е распространет по песокливи места, насипи, меѓи и пасишта во низинските делови. Тоа не е многу често растение. Познато е само за централните делови, и тоа: околината на Скопје, Жеденска Клисура; Таорска Клисура, клисурата на р. Пчиња, Овче Поле и Делисинци и Аџибегово, Штип, Градско и Уланци.
Се посочува за Скопска Црна Гора, Велес, Неготино, Дреново, Тројаци (Прилепско), Чичево.
Наводи
Категорија:Растителни таксони опишани од Карл Линеј Категорија:Растенија опишани во 1753 година Категорија:Флора на Македонија Категорија:Афиони