десно|мини|230x230пкс|Надгробникот на Лујо Безереди и неговата сопруга Марија на гробиштата во Чаковец Лујо Безереди (; 1898 — 1979) — хрватско-унгарски вајар и сликар.
Живот и дело Роден е во Нова, Кралство Унгарија, во семејство на татко Унгарец Словак и мајка Хрватка. По нивната смрт се преселил во Чаковец (тогашна Чакторња), каде што го завршил основното образование и училиштето за наставници.
Во 1917 г. бил ангажиран во војска. Учествувал во основањето на краткотрајната Српско-унгарска Република Барања-Баја, а по нејзиниот пад, пребегнал во Југославија — каде што накратко бил притворен во Осиек.
Подоцна студирал на Педагошкиот колеџ во Будимпешта, а во 1922 г. се запишал на Академијата за ликовни уметности во Загреб. Еден период емигрирал во Бугарија, каде што работел повремени физички работи, сѐ додека не се вработил во фабрика за тули во Пловдив. Таму, во слободно време, почнал да изработува предмети од глина.
Во 1922 г. се вратил во Загреб и продолжил на одделот за вајарство на Академијата. Негови професори биле Рудолф Валдец, Роберт Франгеш-Михановиќ и Франо Кршиниќ. Иако Кршиниќ високо ја ценел неговата работа, Безереди поради недостаток на средства морал да ги прекине студиите и да изработува керамика за продажба за да преживее. Во овој период живеел во крајна сиромаштија. Својата прва самостојна изложба во Загреб ја отворил во 1927 г.
Помеѓу 1936 и 1941 г. живеел во Белград. По германската окупација на градот во 1941 г., пребегнал во Будимпешта, каде се приклучил на антифашистичка група поврзана со Британската разузнавачка служба.
Како материјал за своите скулптури најчесто користел теракота, а негова омилена техника била енгобата — иако повремено користел и фајанс и глазирање. Неговото творештво се одликува со социјални мотиви вдахнати од секојдневниот живот во градот и селото.
Во 1942 г. се вратил во Чаковец. Работел како наставник по цртање, но набрзо бил отпуштен поради неговите цврсти начела. Останал во градот до својата смрт, продолжувајќи неуморно да твори. На почетокот создавал фигуративна уметност, додека во подоцнежната фаза се свртел кон апстрактната скулптура. Од 1927 до 1969 г., неговите дела биле претставени на бројни самостојни и групни изложби низ Хрватска, како и во Белград и Виена.
Во 1968 г. бил одликуван со југословенски Медал за заслуги од втор степен, а во 1969 г. ја добил престижната награда „Владимир Назор“ за животно дело.
Безереди ја донирал целата своја колекција од 485 уметнички дела на Музејот на Меѓимурје во Чаковец. Погребан е на градските гробишта во истиот град.
Галерија
Надворешни врски Животопис во Хрватскиот биографски лексикон (на хрватски) Безереди — реномиран уметник од Меѓимурје
Категорија:Хрватски вајари Категорија:Унгарски вајари Категорија:Апстрактни вајари Категорија:Луѓе од Чаковец Категорија:Починати во 1979 година Категорија:Родени во 1898 година