Рајан Гравенбергх (роден на 16 мај 2002 година, во Амстердам) — холандски фудбалер, на и на холандската репрезентација.

Биографија Гравенберх е роден во Холандија од родители со суринамско потекло. Неговиот постар брат Данзел е исто така поранешен фудбалер.

Во август 2025 година, Гравенберх и неговата партнерка Синди Пероти го објавиле раѓањето на нивното прво дете, ќерката Џотс.

Технички карактеристики Играч од среден ред, кој може да игра во неколку улоги како медијано, плејмејкер и мецала. Одличен во изнесување на топката, благодарение на добриот и разноврсен дриблинг кој му помага да се ослободи од притисокот на противниците, но и добрата основна техника која ја поседува.

Поради неговата физичка сила, елегантните движења и добриот шут од далечина, тој често е споредуван со Пол Погба.

Клупска кариера Ајакс Гравенберх се приклучил на младинската академија на Ајакс во 2010 година и напредувал низ младинските категории. На 7 јуни 2018 година, тој ја добил наградата „Трофеј Абделхак Нури“, која се доделува на најдобриот талент во академијата на Ајакс. Истиот ден го потпишал својот прв професионален договор со Ајакс, во трајност до 2023 година. Своето деби како професионален фудбалер, Гравенберх го направил со Јонг Ајакс, резервниот тим на Ајакс, во победата со 5–2 во Ерсте дивиси против Дордехт на 24 август 2018 година.

Гравенберх го направил своето деби за првиот тим на Ајакс на 23 септември 2018 година, во поразот со 3–0 од ПСВ во Ередивиси. Тој станал најмладиот играч на Ајакс што настапил во Ередивиси, на возраст од 16 години и 130 дена, надминувајќи го рекордот од 16 години и 242 дена поставен од Кларенс Седорф. Три дена подоцна, го имал својот прв старт за Ајакс, постигнувајќи гол во победата од 7–0 во Купот на Холандија против Те Верве, со што станал најмладиот стрелец во историјата на клубот.

На 25 ноември 2020 година, Гравенберх го постигнал својот прв гол во Лигата на шампионите во победата од 3–1 против Митјиланд во групната фаза.

На 18 април 2021 година, Гравенберх го постигнал првиот гол во победата од 2–1 против Витесе во финалето на Купот на Холандија.

Бајерн Минхен

На 13 јуни 2022 година, Гравенберх потпишал петгодишен договор со германскиот клуб Бајерн Минхен. Сумата на трансферот изнесувала околу 18 милиони евра, со дополнителни 5 милиони во бонуси. Своето деби во Бундеслигата го имал на 5 август 2022, во победата со 1-6 на гостувањето кај Ајнтрахт Франкфурт, заменувајќи го Марсел Забицер во 57-мата минута од натпреварот. На 31 август, тој го постигнал својот прв гол и забележал асистенција во победата од 5–0 против Викторија Келн во Купот на Германија. Во дресот на Бајерн, Гравенберх одиграл само една единствена сезона, забележувајќи во сите натпреварувања 33 настапи и еден гол, придонесувајќи за освојувањето на титулите во Бундеслигата и Суперкупот на Германија.

Ливерпул На 1 септември 2023 година, на последниот ден од трансферниот прозорец во Премиер лигата на Англија, Гравенберх потпишал петгодишен договор со Ливерпул Износот кој „црвените“ го платиле, официјално ностанал необјавен, но се проценува дека бил околу 40 милиони евра. Своето деби со Ливерпул го имал на 16 септември, влегувајќи како замена за Мохамед Салах во судиското продолжение од натпреварот добиен во гости против Вулверхемптон Вондерерс.

На 21 септември, Гравенберх упатил долго додавање во шеснаесетникот што се претворило во асистенција за голот на Луис Дијас, неговата прва асистенција за Ливерпул, во натпреварот од групната фаза на Лига Европа против ЛАСК, кој завршил со победа на „црвените“ од 3–1. На 5 октомври, го постигнал својот прв гол за Ливерпул во победата од 2–0 против Јунион Сен Жилоаз повторно во Лига Европа. Гравенберх започнал неколку натпревари во Премиер лигата во октомври и ноември 2023 година, поради отсуството на стандарниот првотимец Кертис Џонс поради суспензија и повреда. На 21 април 2024 година, го постигнал својот прв гол во Премиер лигата во победата од 3–1 против Фулам.

На почетокот на сезоната 2024–2025, Гравенберх бил преместен од новиот менаџер Арне Слот во подлабока улога во средниот ред, како централен дефанзивен играч во формацијата 4-2-3-1. Тој добил пофалби за своите настапи во оваа нова позиција, особено за доминацијата во победата од 3–0 против Манчестер Јунајтед на Олд Трафорд. Тој, исто така, бил широко пофален и од аналитичарите за настапите во оваа улога. На 27 април 2025 година, Ливерпул го победил Тотенхем со 5–1, успех со којшто си ја обезбедиле титулата во Премиер лигата, а Гравенберх асистирал за вториот гол во натпреварот постигнат од Алексис Макалистер. Гравенберх добил пофалби за својот придонес во успешната сезона и пробивот во новата улога во средниот ред. На крајот од сезоната, тој ја освоил наградата Млад играч на сезоната во Премиер лигата.

На 7 март 2026 година, Гравенберх потпишал нов шестгодишен договор со клубот, кој според извештаите ќе го задржи во клубот до 2032 година.

Репрезентативна кариера Гравенберх ја претставувал Холандија во неколку младински селекции: под 16, под 17 и под 19 години. На 4 септември 2020 година, на 18-годишна возраст, тој дебитирал за холандската репрезентација под 21 година во победата со 7-0 на гости против Белорусија одигран во Жодино. Три години подоцна, иако веќе бил редовен член на сениорската репрезентација, Гравенберх се вратил во репрезентацијата под 21 година и учествувал на Европското првенство во категоријата, играјќи ги сите три натпревари во групната фаза, после која неговата земја била елиминирана од турнирот.

Тој првпат бил повикан во сениорската репрезентација во ноември 2020 година. Своето деби го имал на 24 март 2021 година во натпреварот од Квалификациите за Светското првенство 2022 против Турција. На 2 јуни 2021 година, Гравенберх бил избран во составот на Холандија за Европското првенство 2020. Четири дена подоцна, тој го постигнал својот прв погодок во дресот на холандската репрезентација во победата од 3–0 против Грузија во пријателски натпревар пред почетокот на турнирот. На Европското првенство, Гравенберх се појавил како замена во вториот натпревар од групата против Австрија, и ги одиграл сите 90 минути во последниот натпревар од групата против Македонија.

На 29 мај 2024 година, Гравенберх бил повикан во составот за Европското првенство 2024 во Германија, но таму не настапил ниту еднаш.

Хронологија на репрезентативните настапи

Титули Клупски Ајакс Ередивиси : 3 2018–2019, 2020–2021, 2021–2022 Куп на Холандија : 2 2018-2019, 2020-2021

Бајерн Минхен Бундеслига : 1 2022-2023 Суперкуп на Германија : 1 2022

Ливерпул Премиер лига : 1 2024-2025 ЕФЛ куп : 1 2023-2024

Репрезентативни Холандија под 17 Европско првенство за играчи под 17 години : 1 2018

Наводи

Надворешни врски

Рајан Гравенберх на soccerway Рајан Гравенберх на transfermarkt Рајан Гравенберх на espn Рајан Гравенберх на whoscored

Категорија:Живи луѓе Категорија:Холандски фудбалери Категорија:Фудбалери на ФК Ајакс Категорија:Фудбалери на ФК Бајерн Минхен Категорија:Фудбалери на ФК Ливерпул Категорија:Родени во 2002 година Категорија:Фудбалери на Светско првенство 2026