Onosma javorkae — вид на растение од родот Onosma.
Опис Повеќегодишно тревесто растение, 15–40 цм високо. Стеблото е просто или разгрането, препокриено со четинести влакна, поставени на брадавичести израстоци на кои се наоѓа еден долг централен крак и прстен од куси, ѕвездесто распоредени влакна. Четинестите долги влакна на стеблото најчесто се прилегнати или поретко полустрчести до стрчести. Базалните и најдолните стеблени листови линејни, обично за време на цветањето се исушени. Стеблените листови се линејно-копјести 20-50 мм долги, 3–6 мм широки, приседнати, од двете страни препокриени со густи ѕвездести влакна поставени на брадавичести израстоци;, а најгорните стеблени листови во основата се проширени. Цветовите се приседнати или на многу куси дршки собрани во врвни срповидни соцветија. Чашката е долга околу 10 мм, а при формирањето на плодот малку се издолжува. Венчето е долго 18–22 мм, жолто, од надворешната страна препокриено со густи меки куси влакненца, околу двапати подолго од чашката. Оревчињата се јајцевидно-триаголни, во врвниот дел зашилени, 2,5 мм долги, мазни, сјајни.Владо Матевски: Флора на Република Македонија, том II, св. 1, стр. 93, издавач: МАНУ, Скопје, 2010
Живеалиште Расте по брдските пасишта, на варовнички камењари и карпи, како и на подлога со гипс.
Во Македонија Познат за долниот тек на клисурата на реката Радика, Долно Косоврасти, Дебар, клисурата на Црн Дрим, Галичица.
Се посочува за Љубаништа, Суво Поле, Бигла, Рамне, Петрина, Студенчишта, Демир Капија.
Во флористичката литература се среќаваат неколку податоци за присуството на видот Onosma echioides на територијата на Македонија: за Ресен, Валандово, Пристан, Чалакли, Прилеп, за Дојран – Дуб. Можно е некој од овие податоци да се однесува на Onosma javorkae, или пак тие би можеле да се поврзат со тесно лисната форма на Onosma heterophylla.
Наводи
Категорија:Флора на Македонија