Hypericum spruneri — вид повеќегодишно тревесто растение кое припаѓа на родот Hypericum и семејството кантариони (Hypericaceae). Видот за прв пат е опишан од швајцарскиот ботаничар Пјер Едмон Боасие.
Опис и распространетост Растение со височина до 60 см чии стебленца се групирани по неколку во група. Тие се исправени, неразгранети, цилиндрични, голи, сивкасто-зелени, во основата црвенкаво-кафеави. Лисјата се долги 30-60 мм, кожести; долните се елиптични, плоскави, стеснети кон основата и врвот, тапи, со ретки проѕирни жлезди и црни точки по рабовите; горните листови се триаголно-копјести, приседнати, заоблени во основата, рабовите свиткани надолу, врвот остар, горната страна зелена, долната сиво-зелена, со многу проѕирни жлезди и црни точки по рабовите; најгорните често со ушенца во основата, рабовите со ресести жлезди или назабени со жлезди на врвот на запците, а кај некои рабови има црни жлезди на кратки дршки. Цветовите се собрани во метличесто штитовидно соцветие. Прицветниците се долги 6-8 мм, тесни и заострени на врвот, со црни точкести жлезди по површината и ресести жлезди по рабовите и рабовите на ушенцата. Чашкините ливчиња се долги 5-6 мм, различно долги, тесно копјести, со точкести и издолжени црни жлезди и рабови со ресести жлезди. Венечните ливчиња се бледожолти, 2,5-3 пати подолги од чашката, со ретки црни жлезди по површината. Плодната кутијка е долга 6-7 мм, јајцевидно-цилиндрична, без дорзален канал, со многу силно испакнати меурести округли смолни жлезди. Семките се бубрежно-цилиндрични, долги 1 мм, со надолжни набрани ребра.
Расте покрај дабови шуми на варовнички камењари. Се среќава во Ресен меѓу селата Стење и Коњско, како и во клисурата на Црни Дрим кај Луково. Галерија
Наводи
Категорија:Кантарион (род) Категорија:Кантариони Категорија:Флора на Европа Категорија:Флора на Македонија