Trifolium velenovskyi — вид на детелина опишан од Вандас. Во Каталогот на животот не се наведени подвидови.
Опис Растението е двегодишно, а понекогаш и повеќегодишно, високо 10–30. Стеблото е исправено или приподигнато, разгрането, со плитки надолжни бразди и густо покриено со прилегнати влакна насочени нагоре, кои во основата се кукесто свиткани. Листовите се без влакна. Листовите се широкоелиптични до долгнавесто-обратнојајцевидни, со клиновидна и цела основа, заоблен врв и ситно назабен раб, при што се најшироки во средината. Базалните листови имаат дршки двапати подолги од листната плочка, кај средните стеблени листови дршките постепено се скратуваат, а кај најгорните се покуси од листната плочка. Прилисниците се голи, јајцевидно-копјести, во основата проширени и заоблени, со ушенца што го обвиваат стеблото.
Соцветијата се полусферични до јајцевидни, составени од 30–40 цветови и не се многу густи. Дршките на соцветијата се долги и два до три пати подолги од пазувните листови, а по површината се густо покриени со прилегнати влакна. Цветовите се долги 7–8 мм, а цветните дршки се приближно половина од должината на трубестиот дел на чашката и исто така се густо влакнести.
Чашката е долга 3–4 мм, гола и со линејно-шиловидни запци. Нејзиниот трубест дел е долг околу 1 мм. Горните запци се долги колку трубестиот дел на чашката или малку подолги, додека долните се три до четири пати подолги од него. На врвот имаат една до три долги влакна, а понекогаш и по работ се јавуваат ретки долги влакна. Венчето е златножолто и по прецветувањето потемнува. Барјачето е долго 7–8 мм и има надолжни бразди. Крилцата се околу една третина покуси од барјачето, а лаѓичката е долга околу половина од барјачето. Плодот е мешунка со столпче приближно еднакво долго како самата мешунка.
Распространетост во Македонија Trifolium velenovskyi расте по брдски и планински пасишта, камењари, шумски рабови и по проретчени шуми на надморска височина од 1000 до 2000 метри. Растението е многу често во Македонија и се среќава на планините Скопска Црна Гора (Групче), Јакупица, Караџица, Китка, Шар Планина, Бистра, Крчин (Дешат), Илинска Планина, Галичица, Пелистер, Ниџе со Кајмакчалан, Кожуф, Осогово, Плачковица, Голак (Делчевско), Дабничка Планина (Прилепско), клисурата на Кадина Река, клисурата на реката Радика, Мавровскиот регион, селото Баниште во Дебар, селото Светораче и планината Буковиќ во Кичево, Крушево, Сивец и манастирот Трескавец во Прилеп, во Кавадарци на летувалиштето Михајлово, Делчево и Македонска Каменица.
Наводи Heywood,V.H. & Ball,P.W., 1968 Leguminosae.In:Flora Europaea Vol.2.ed.Tutin,T.G.et al. Vandas,K., 1889 Sitz.-Ber.Bohm.Ges.Wiss.Vol.1888
Надворешни врски
Категорија:Детелина Категорија:Флора на Македонија