Coronilla cretica — едногодишен вид на растение од фамилијата бобови опишан од Карл Линеј во 1753 година.
Опис Coronilla cretica e eдногодишно растение, 20–70 цм високо. Стеблото е вертикално или во основата лачно искривено, разгрането, голо, обично со долги, сплескани влакна; дршката на листовите и дршката на соцветијата со долги, сплескани влакна. Листовите се непарно-перести, со 3–8 пара ливчиња; ливчињата долгнавесто-обратно-јајцевидни, 5–20 мм долги, на врвот рамни, тапи или плитко всечени, во основата клиновидни, на горната страна зелени, а на долната сивкастозелени. Базалните листови со дршки долги до 30 мм, а кон врвот на стеблото дршките се намалуваат до 5 мм; прилисниците слободни, ципести, линејни, 1–3 мм долги.
Соцветието е со 3–6 цветови; дршката на соцветието обично 1,5–2 пати подолга од пазувниот лист; брактеите слободни, 0,5–0,7 мм долги, со виолетови врвчиња. Чашката гола, 1,2–1,5 мм долга; двете горни запчиња околу 0,5 мм долги, линејни и поставени едно до друго; страничните и долното запче широко-триаглести, околу 0,2 мм долги. Венчето розово или бело, 4–6 мм долго; сите делови на цветот со еднаква должина; лаѓичката со клуновиден виолетов врв.
Мешунките 30–80 мм долги, 0,5–1 мм во пречник, прави, на врвот со срповидно искривен клун, цилиндрични, четириаглести, со 5–9 долги членчиња.
Распространетост во Македонија Coronilla cretica расте по варовнички камењари и покрај грмушести состоини. Растението се среќава кај Жеденската Клисура кај Рашче, клисурата на реката Треска, на Водно во Скопје, околината на Валандово, помеѓу Стар и Нов Дојран, и во Гевгелија.
Наводи
Надворешни врски
Категорија:Флора на Македонија Категорија:Флора на Украина Категорија:Бобови Категорија:Флора на Европа Категорија:Флора на Азија Категорија:Растенија опишани во 1753 година