Војаџер 1 (; во превод: „Патник“) — американска вселенска сонда, која го истражува Сончевиот Систем од 5 септември 1977 г. Основната мисија на вселенската програма „Војаџер“ се состоела во истражување на Јупитер и Сатурн. „Војаџер 1“ станал првата вселенска сонда што направила подробни снимки од сателитите на овие планети. По завршувањето на основната мисија, сондата пристапила кон извршување на дополнителна мисија за истражување на оддалечените региони на Сончевиот Систем, вклучително и Кајперовиот Појас и границата на хелиосферата.
„Војаџер 1“ е најбрзата вселенска сонда што го напушта Сончевиот Систем, а исто така и најоддалечениот објект од Земјата создаден од човекот. Тековната оддалеченост на „Војаџер 1“ од Земјата и од Сонцето, брзината на неговото движење и статусот на научната апаратура се прикажуваат во реално време на мрежното место на НАСА.
На вселенското летало е прицврстено куќиште со златна плоча, на која за евентуалните вонземјани е запишана местоположбата на Земјата, а исто така се снимени и низа слики и звуци.
Конструкција на апаратот Масата на апаратот при полетот изнесувала 798 кг, а масата на корисниот товар — 86 кг. Должината изнесувала 2,5 м. Телото на апаратот претставува десетострана призма со централен отвор. На телото е вграден рефлектор на насочената антена со пречник од 3,66 метри.Космонавтика, энциклопедия. М., 1985. Електричното напојување го обезбедуваат три радиоизотопни термоелектрични генератори поставени на шипка, кои користат плутониум-238 во облик на оксид (поради оддалеченоста од Сонцето, соларните панели би биле бескорисни). Во времето на полетот, вкупното ослободување на топлина од генераторите изнесувало околу 7 киловати, а нивните силициум-германски термопари обезбедувале електрична моќност од 470 вати. JPL Како што се распаѓа плутониум-238 (неговиот период на полураспад изнесува 87,7 години) и доаѓа до деградација на термопарите, моќноста на термоелектричните генератори опаѓа. Остатокот од плутониум-238 изнесува околу 44 % од почетниот. Освен шипката за електричните генератори, на телото се прицврстени уште две: шипка со научни инструменти и посебна шипка за магнетометарот.
Управувањето со „Војаџер“ го вршат три компјутерски системи. Овие системи можат да се препрограмираат од Земјата, што овозможува менување на научната програма и заобиколување на настанатите дефекти. Главната улога го има командниот компјутерски потсистем (англ. computer command subsystem), кој содржи два независни блока на работна меморија од по 4096 машински збора и два процесори, кои можат да работат и како заемни дубликати и независно. Капацитетот на уредот за складирање податоци врз основа на магнетна лента изнесува околу 536 мегабити (до 100 слики од телевизиските камери). Во системот за триосна ориентација се користат два сончеви сетилници, сетилник за ѕвездата Канопус, инерцијална мерна единица, како и 16 реактивни микромотори. Во системот за корекција на траекторијата се користат четири такви микромотори. Тие се направени за осум корекции со вкупно зголемување на брзината од 200 м/с.
Има две антени: ненасочена и насочена. Двете антени работат на честота од 2113 MHz за прием и 2295 MHz за пренос (S-појас), а насочената антена работи и на 8415 MHz за пренос (X-појас). Моќноста на зрачењето изнесува 28 W во S-појасот и 23 W во X-појасот. Радиосистемот на „Војаџер“ пренесувал поток на информации со брзина од 115,2 kbps од Јупитер и 45 kbps од Сатурн. На одредена етапа од мисијата била примена шема за компресирање на слики, за што бил препрограмиран вградениот компјутер. Исто така бил активиран експерименталниот кодер на податоци што го поседувал „Војаџер“: шемата за корекција на грешки во примените и пренесените податоци била променета од Голеевиот двоичен код во Рид-соломонов код, со што бројот на грешки бил намален за 200 пати.
На бордот на апаратот е прицврстена златна плоча, на која за потенцијалните вонземјани се наведени координатите на Сончевиот Систем и се снимени низа Земјени звуци и слики.
Во комплетот на научната апаратура спаѓаат следниве инструменти: Телевизиска камера со широкоаголен објектив и телевизиска камера со телеобјектив, чиј секој кадар содржи 125 kB информации. Инфрацрвен спектрометар, наменет за истражување на енергетскиот баланс на планетите, составот на атмосферите на планетите и нивните спутници, како и распределбата на температурните полиња. Ултравиолетов спектрометар, наменет за истражување на температурата и составот на горните слоеви на атмосферата, како и на одредени параметри на меѓупланетарната и меѓуѕвездената средина. Фотополариметар, наменет за истражување на распределбата на метанот, молекуларниот водород и амонијакот над облачниот слој, како и за добивање информации за аеросолите во атмосферите на планетите и за површината на нивните спутници. Два детектори на меѓупланетарна плазма, наменети за регистрација како на жешката подзвучна плазма во магнетосферата на планетите, така и на студената надзвучна плазма во сончевиот ветер. Исто така се поставени и детектори за бранови во плазмата. Детектори на наелектризирани честички со ниска енергија, наменети за истражување на енергетскиот спектар и изотопниот состав на честичките во магнетосферите на планетите, како и во меѓупланетарниот простор. Детектори на космички зраци (честички со висока енергија). Магнетометри за мерење на магнетните полиња. Приемник за регистрација на радиозрачењето на планетите, Сонцето и ѕвездите. Приемникот користи две заемно исправени антени со должина од по 10 метри.
Повеќето инструменти се изнесени на посебна шипка, а дел од нив се поставени на вртежна платформа. Телото на апаратот и инструментите се опремени со различна топлинска изолација, топлински штитови и пластични заштитни засенчувачи.
Наводи
Надворешни врски
NASA Voyager website Voyager 1 Mission Profile by NASA's Solar System Exploration Where is Voyager? – Powered by NASA's Eyes on the Solar System – NASA/JPL Position of Voyager 1 (Live-Counter) Voyager 1 (NSSDC Master Catalog) Heavens-above.com: Spacecraft Escaping the Solar System – current positions and diagrams JPL Voyager Telecom Manual Voyager 1 Has Outdistanced the Solar Wind
Категорија:Вселенски сонди на НАСА Категорија:Распространување на радиобранови Категорија:Космонаутиката во 1977 година Категорија:Истражување на Јупитер Категорија:Истражување на Сатурн