Француска академија ( ) — главен француски совет за прашања поврзани со францускиот јазик. Академијата официјално била основана во 1635 година од кардиналот Ришелје, главен министер на кралот Луј XIII. Била укината во 1793 година за време на Француската револуција, а ја обновил Наполеон Бонапарт во 1803 година како дел од „Институтот на Франција“ (Institut de France). Таа е најстарата од петте академии на институтот. Академијата има должност да дејствува како официјален орган за јазикот, а нејзина задача е да објавува официјален речник на јазикот.
Академијата се состои од четириесет членови, познати како („бесмртниците“). Новите членови ги избираат самите членови на Академијата. Академиците обично ја вршат функцијата доживотно, но можат да поднесат оставка или да бидат исклучени поради недолично однесување. Филип Петен, именуван маршал на Франција по Битката кај Верден во Првата светска војна, бил избран во Академијата во 1931 година, а по неговото управување со Вишиева Франција во Втората светска војна, бил принуден да поднесе оставка од своето место во 1945 година.
Историја десно|мини| Кардиналот Ришелје, основачот на Академијата Академијата ги влече своите корени во неформалната литературна група која произлегла од салоните што се одржувале во Отел де Рамбује (Hôtel de Rambouillet) кон крајот на 1620-тите и почетокот на 1630-тите. Групата почнала да се состанува во куќата на Валентен Конрар, со цел да ја задржи неформалноста и во тоа време броела девет члена. Кардиналот Ришелје, главен министер на Франција, се прогласил за заштитник на групата, а во пресрет на официјалното создавање на академијата, во 1634 година биле назначени нови членови. На 22 февруари 1635 година, на настојување на Ришелје, кралот Луј XIII издал кралска повелба (litterae patentēs) со коja формално ја основал институцијата. Според кралската повелба запишана во Парискиот парламент на 10 јули 1637 година, Француската академија требала „да работи со сета можна грижа и трудољубивост, за да му даде точни правила на нашиот јазик и да го направи способен да ги изразува уметностите и науките“. Француската академија е одговорна за регулирањето на француската граматика, правопис и литература.
Модел за академијата на Ришелје била Accademia della Crusca, основана во Фиренца во 1582 година како прва академија посветена на отстранување на „нечистотиите“ од еден јазик. Со нејзиното основање се формализирала веќе доминантната позиција на тосканското наречје во Фиренца како модел за италијанскиот јазик. Фирентинската академија го објавила својот речник (Vocabolario) во 1612 година.
За време на Француската револуција, Националниот конвент ги укинал сите кралски академии, вклучувајќи ја и Француската академија. Во 1792 година бил забранет изборот на нови членови за замена на починатите, а во 1793 година биле укинати и самите академии. Сите тие во 1795 година биле заменети од едно единствено тело наречено „Институт на Франција“ (Institut de France). Наполеон Бонапарт, како прв конзул, одлучил да ги обнови поранешните академии, но само како „класи“ (одделенија) во рамките на Институтот. Втората класа на Институтот била одговорна за францускиот јазик и ѝ соодветствувала на поранешната Француска академија. Кога Луј XVIII дошол на престолот во 1816 година, на секоја класа ѝ била вратена титулата „Академија“, па така втората класа повторно станала Француска академија. Од 1816 година, постоењето на Француската академија е непрекинато.
Претседателот на Франција е „заштитник“ или покровител на Академијата. Првично оваа улога ја имал кардиналот Ришелје, а по неговата смрт во 1642 година, го наследил Пјер Сегие, канцелар на Франција. Кралот Луј XIV ја презел функцијата по смртта на Сегие во 1672 година, и оттогаш францускиот шеф на државата секогаш е заштитник на Академијата. Од 1672 до 1805 година, официјалните состаноци на Академијата се одржувале во Лувр, а од 1805 година, Француската академија се состанува во Колеж де Катр Насион (Collège des Quatre-Nations, денес познат како Палата на Институтот). Останатите академии во рамките на Институтот на Франција исто така се состануваат во оваа палата.
Членство
Француската академија има четириесет седишта и секое од нив има посебен број. Кандидатите ги поднесуваат своите пријави за точно одредено место, а не за Академијата воопшто; доколку се слободни неколку места, кандидатот може да се пријави за секое од нив посебно. Бидејќи од новоизбраниот член се бара да одржи пофален говор за својот претходник на церемонијата на инаугурација, не е реткост потенцијалните кандидати да одбијат да се пријават за одредено место само затоа што не го ценат или не го сакаат својот претходник..
Членовите се познати како „бесмртниците“ (les immortels) во врска со мотото на Академијата, À l'immortalité („До бесмртност“), кое е врежано на официјалниот печат на повелбата доделена од кардиналот Ришелје.
Еден од „бесмртниците“ се избира од неговите колеги за вечен секретар на Академијата. Секретарот официјално се нарекува „вечен“ (француски: Secrétaire perpétuel) бидејќи функцијата ја извршува доживотно, но има право да поднесе оставка, по што може да биде прогласен за „почесен вечен секретар“. По Втората светска војна, тројца вечни секретари поднеле оставка поради старост и биле прогласени за почесни. Вечниот секретар дејствува како главен административен раководител и претставник на Академијата. Други двајца функционери, директор и канцелар, се избираат со мандат од три месеци. Најстариот член, според датумот на неговиот избор, е декан на Академијата..
Новите членови ги избира самата Академија, додека првичните членови биле назначени од основачот. Кога ќе се испразни некое место, секое заинтересирано лице може да поднесе пријава до вечниот секретар за да стане кандидат. Алтернативно, и самите членови на Академијата можат да номинираат други кандидати. Изборот се врши со мнозинство гласови од членовите кои гласаат, при што е потребен кворум од најмалку дваесет члена. Доколку ниту еден кандидат не добие апсолутно мнозинство, изборот се поништува и мора да се спроведе одново во подоцнежен термин. Изборот станува валиден дури откако покровителот на Академијата, претседателот на Франција, ќе даде свое одобрение, иако тоа во пракса претставува само формалност. десно|мини| Ремон Поенкаре бил еден од петте француски претседатели кои станале членови на Француската академија. Овде е прикажан во традиционалната зелена униформа (habit vert) на Академијата. Новиот член потоа официјално стапува на должност на состанок на Академијата, каде што мора да одржи пристапен говор кој вклучува и пофалба за претходникот на чие место доаѓа. Потоа следи говор од еден од постојните членови. Осум дена подоцна се одржува јавен прием, за време на кој новиот член држи говор во кој им се заблагодарува на своите колеги за изборот. Поради оваа традиција, во една прилика на новоизбраниот член Жорж де Порто-Риш не му бил приреден јавен прием, бидејќи пофалниот говор за неговиот претходник се сметал за незадоволителен, а тој одбил да го преработи. Жорж Клемансо, пак, целосно одбил да биде примен бидејќи се плашел дека на свеченоста ќе го пречека и ќе му држи говор неговиот политички непријател Ремон Поенкаре.
Членовите остануваат во Академијата доживотно. Советот може да разреши академик само поради сериозно недолично однесување. Првото исклучување се случило во 1638 година, кога Оже де Молеон де Грание бил протеран поради кражба. Најновите исклучувања се случиле на крајот од Втората светска војна, кога Филип Петен, Абел Бонар, Абел Ерман и Шарл Морас биле исклучени поради нивната соработка со режимот во Виши. Во целата историја на Академијата, вкупно 20 членови биле исклучени од нејзините редови.
Досега имало вкупно 742 бесмртници, од кои единаесет биле жени. Маргарита Јурсенар била првата жена избрана во 1980 година, но дотогаш имало 25 неуспешни женски кандидатури кои датираат уште од 1874 година. Во Академијата можат да бидат избрани, и биле избирани, и лица кои немаат француско државјанство. Покрај тоа, иако повеќето академици се писатели, не е неопходно кандидатот да биде професионален книжевник за да стане нејзин член. Низ историјата, Академијата вклучувала бројни политичари, адвокати, научници, историчари, филозофи и високи католички свештеници. Пет француски претседатели биле нејзини членови: Адолф Тиер, Ремон Поенкаре, Пол Дешанел, Филип Петен и Валери Жискар д’Естен. Како член бил избран и еден странски шеф на држава – сенегалскиот поет Леополд Седар Сенгор, кој во 1983 година станал првиот Африканец во Академијата. Други познати членови биле: Волтер, Монтескје, Виктор Иго, Александар Дима Синот, Емил Литре, Луј Пастер, Луј де Број и Анри Поенкаре.
Многу значајни француски писатели никогаш не станале членови на Француската академија. Во 1855 година, писателот Арсен Усе го смислил изразот „четириесет и прво седиште“ за заслужните поединци кои никогаш не биле избрани, било затоа што нивните кандидатури биле одбиени, затоа што никогаш самите не се кандидирале, или пак затоа што починале пред да се ослободи соодветно место. Меѓу истакнатите француски автори кои никогаш не станале академици се Жан-Жак Русо, Жан-Пол Сартр, Жозеф де Местр, Оноре де Балзак, Рене Декарт, Дени Дидро, Ромен Ролан, Шарл Бодлер, Гистав Флобер, Молиер, Марсел Пруст, Жил Верн, Теофил Готје и Емил Зола.
Униформа
Официјалната униформа на членовите е позната како l'habit vert („зелена униформа“). Оваа униформа, која се носи на свечените церемонии на Академијата, за првпат била воведена за време на реорганизацијата на Институтот на Франција од страна на Наполеон Бонапарт. Се состои од долг црн капут и дворог шешир со црни пердуви, кои се богато извезени со мотиви на зелени маслинови лисја, во комбинација со црни панталони или здолниште. Покрај тоа, членовите – со исклучок на свештенството – носат и церемонијален меч (l'épée).
Членовите сами ги сносат трошоците за своите униформи. Самата униформа чини околу 50.000 долари, а писателот Амин Малуф изјавил дека неговите вкупни трошоци за прием изнесувале околу 230.000 долари. Мечевите можат да бидат особено скапи бидејќи се изработуваат индивидуално. Поради високите цени, честопати се основаат специјални комитети кои собираат средства за финансирање на опремата на новите членови.
Улога на авторитет за францускиот јазик
Академијата е официјален француски авторитет за јазичната практика, речникот и граматиката на францускиот јазик.
Речник Академијата објавува речник на францускиот јазик, познат како Dictionnaire de l'Académie française. Ова дело го составува специјална комисија составена од неколку (но не од сите) членови на Академијата.
Академијата досега објавила четиринаесет изданија на речникот, од кои три биле прелиминарни, девет целосни и два додатоци на специјализирани зборови.Classiques Garnier numérique , Corpus of Dictionaries of the French Academy (from the 17th to the 20th Century), Retrieved 2011-03-17 Тие се:
Прелиминарни изданија: (од А до Aversion/Аверзија ), предиздание, Франкфурт на Мајна, 1687 (од А до Confiture/Конфитир ), предиздание, Франкфурт на Мајна, 1687 (од А до Neuf/Неф ), предиздание, Париз, 1687 Целосни изданија: („1-во издание“), Париз, 1694 („2-ро издание“), Париз, 1718 година („3-то издание“), Париз, 1740 година („4-то издание“), Париз, 1762 година („5-то издание“), Париз, 1798 година („6-то издание“), Париз, 1835 година („7-мо издание“), Париз, 1879 година („8-мо издание“), Париз, 1932–1935 („9-то издание“), Париз, 1992–2024 Дополнителни изданија за науките, уметностите и технологијата: Корнеј, Томас, , Париз, 1694 Баре, Луј, , Париз, 1842
Деветтото издание било завршено во 2024 година со објавувањето на неговиот четврти том (од R до Zzz), додека првиот том (од A до enzyme / ензим) излегол во 1992 година. Претходно, во 1778 година, Академијата се обидела да состави „историски речник“ на францускиот јазик, но оваа идеја подоцна била напуштена, а работата никогаш не напредувала подалеку од буквата „А“.
Англизми