Емануел фон Фридрихстал (12 јануари 1809 – 3март 1842) ― австриски патник, дагеротипист, ботаничар и аматерски археолог, кој патувал низ Балканот и во Централна Америка и ги документирал своите наоди.

Биографија Фон Фридрихстал бил роден во Ухрице во Австриското Царство (денешна Чешка Република). Се школувал во Виена на Терезијанската воена академија, и влегол во служба во австриската влада, но наскоро ја напуштил за да продолжи со научни патувања. Тој патувал низ Румелија во 1830-ти години, објавувајќи ги своите наоди во 2 книги: Патување во јужните делови на Грција (Reise in die südlichen Theile von Griechenland, 1838) и Српски политички, топографски, статистички и природно-историски податоци (Serbiens Neuzeit in geschichtlicher, politischer, topographischer, statisturischerund, 1840). Овие публикации му донесле репутација особено во ботаниката поради нивните описи на флората на Грција и Србија.

Во 1840 година, тој бил назначен за прв секретар на австриската легација во Мексико, каде што се заинтересирал за истражување на урнатините на цивилизацијата на Маите откако ги прочитал делата на Џон Лојд Стивенс и Фредерик Катервуд. Тој зборувал за своите планови со историчарот Вилијам Х. Прескот за време на патувањето во Бостон и купил апарат за дагеротипија во Њујорк. Отишол на Јукатан кон средината на 1840 година, и патувал низ Јукатан и Чијапас, и станал првиот човек што направил дагеротипии од урнатините на Маите и првиот Европеец во 19 век што ги посетил урнатините на Чичен Ица.

Фридрихстал се разболел за време на патувањата, веројатно од маларија, што го натерало да се врати во Европа во 1841 година, каде што починал во Виена во 1842 година. Оваа рана смрт го спречила да ги објави резултатите од неговите централноамерикански патувања, но тој поставил изложба на 25 дагеротипии во Њујорк, во Британскиот музеј во Лондон и во Париз, за што бил награден од Академијата за натписи и убави писма.

Наводи

Категорија:Фотографски пионeри Категорија:Починати во 1842 година Категорија:Родени во 1809 година Категорија:Австриски ботаничари Категорија:Ботаничари со авторски кратенки