Хобит: Неочекувано патување () — авантуристички филм во жанрот епска фантастика од 2012 г., во режија на Питер Џексон, по сценарио на Френ Волш, Филипа Бојенс, Џексон и Гиљермо дел Торо, заснован на романот Хобит од Џ. Р. Р. Толкин. Ова е првиот филм од кинотрилогијата Хобит, кој служи како предговор кон кинотрилогијата на Џексон, Господарот на прстените.
Дејството се одвива во Средната Земја шеесет години пред основните настани од трилогијата Господарот на прстените, а делови од филмот се адаптирани од додатоците на Враќањето на кралот. Филмот ја раскажува приказната за Билбо Багинс (Мартин Фриман), кого волшебникот Гандалф (Ијан Макелен) го убедува да ги придружува тринаесетте џуџиња предводени од Торин Дабовштит (Ричард Армитиџ) во потрагата по Самотната Планина за да ја повратат од змејот Смауг. Во глумечката екипа исто така влегуваат Кен Стот, Кејт Бланчет, Ијан Холм, Кристофер Ли, Хјуго Вивинг, Џејмс Несбит, Елајџа Вуд и Енди Серкис, како и Силвестер Макој, Бари Хамфрис и Ману Бенет.
Премиерата на филмот се одржала на 28 ноември 2012 г. во Велингтон, по што следеле премиери на 12 декември во остатокот од Нов Зеланд и 14 декември во САД од страна на компанијата Warner Bros. Pictures, речиси девет години по излегувањето на филмот Господарот на прстените: Враќањето на кралот. Премиерата во Македонија била на 31 јануари 2013 г.
Филмот добил мешани одзиви од критичарите и заработил повеќе од 1,017 милијарди долари на киноблагајните, со што станал четвртиот филм со најголема заработка во 2012 г. Филмот освоил многу награди; на 85-тото доделување на наградите „Оскар“ бил номиниран за Најдобра сценографија, Најдобра шминка и фризура, како и за Најдобри визуелни ефекти.
Двете продолженија, Пустошот на Смауг и Битката на петте војски, биле објавени во 2013 и 2014 г. соодветно.
Содржина
Накај својот 111-ти роденден, хобитот Билбо Багинс започнува да ја запишува целосната историја на своето авантуристичко патување од пред 60 години за својот внук Фродо.
Многу пред учеството на Билбо, кралот на џуџињата Трор од лозата на Дурин владеел со напредниот народ на џуџињата во пештерите сместени под Самотната Планина, сѐ додека не пристигнал змејот Смауг. Откако го уништил блискиот град Дејл, Смауг влегол во внатрешноста на планината и ја зазел, земајќи ги сите богатства на џуџињата, вклучувајќи го и драгоцениот камен Аркенстон. Повлекувајќи се заедно со преживеаните џуџиња од Еребор, внукот на Трор, Торин Дабовштит, ги видел кралот Трандуил и неговата војска од шумски виленици на соседниот рид и бил шокиран што тие заминуваат наместо да му помогнат на неговиот народ. Ова довело до вечна омраза на Торин кон вилениците.
Во Шир се појавува волшебникот Гандалф Сивиот и му предлага на 50-годишниот Билбо Багинс да замине на патешествие, но претпазливиот хобит учтиво одбива. Како и да е, Гандалф црта волшебен знак на вратата од неговата дупка, и набрзо во домот на хобитот се појавуваат непоканети гости — Торин и неговиот одред од џуџиња, кои ги вклучуваат: Балин, Двалин, Фили, Кили, Дори, Нори, Ори, Оин, Глоин, Бифур, Бофур и Бомбур. Шумните џуџиња безобѕирно ја заземаат кујната и дневната соба на Билбо, опустошувајќи ги неговите залихи. Излегува дека целта на Гандалф, кој се појавува набрзо потоа, е да го најми хобитот како вешт „крадец“, кој, според него, е способен да им помогне на џуџињата во наоѓањето на влезот во Самотната Планина. Џуџето Балин дури му предлага на домаќинот да потпише договор со кој му се гарантира удел од 1/14 од богатството во случај на успех.
Првично нерешителниот Билбо категорично одбива, и покрај тоа што Гандалф го потсетува на подвизите на неговиот предок што го победил кралот на гоблините во Битката кај Зелените Полиња. Но откако наутро џуџињата го напуштаат неговото живеалиште, тој го менува мислењето и во брзање го стигнува одредот заедно со потпишаниот договор.
Набрзо дружината паѓа во стапица кај тројца тролови, кои се подготвувале да вечераат со коњите на џуџињата. Откако Билбо неуспешно се обидува да ги ослободи животните, целиот одред станува плен на гладните џинови. Снаодливиот хобит ги замајува тапоглавите тролови, а Гандалф, кој се појавува со утринските зраци, ги изложува на сончева светлина, претворајќи ги во камен. Дружината ја наоѓа пештерата на троловите и богатствата во неа, вклучувајќи два виленички меча. Торин и Гандалф земаат виленички мечеви — Оркрист и Гламдринг, а Гандалф наоѓа и мал виленички бодеж, кој му го дава на Билбо наместо меч.
Волшебникот Радагаст Кафеавиот ги наоѓа Гандалф и дружината и раскажува за средбата во Дол Гулдур на југ од Мрачната Шума со Некромантот, маѓепсник што ја сквернави Мрачната Шума со темно волшепство. Бегајќи од орките, Гандалф ја води групата низ скриен премин во Ривендел. Таму лордот Елронд им раскажува на волшебникот, Билбо, Торин и Балин за тајниот знак што укажува на тајната врата на картата на дружината. Тајниот знак ќе биде видлив само на Денот на Дурин. Подоцна Гандалф присуствува на Белиот совет, составен од Елронд, леди Галадриела и волшебникот Саруман Белиот, и го покажува моргулскиот бодеж — оружје на Кралот Вештер од Ангмар, што Радагаст го нашол во Дол Гулдур како знак дека Некромантот е поврзан со можното враќање на Саурон. Додека Саруман изразува загриженост за поважното прашање за походот на џуџињата, барајќи од Гандалф да му стави крај, Гандалф телепатски ѝ соопштува на Галадриела дека го очекувал тоа и им рекол на џуџињата да одат напред без него.
Дружината заминува во Магливите Планини, каде што се наоѓа во средината на битка меѓу камени гиганти. Групата се сокрива во пештера и паѓа во рацете на гоблини, кои ги носат џуџињата кај својот водач — Врховниот Гоблин. Билбо се одвојува од џуџињата и паѓа во пукнатина, каде што го запознава Голум, кој случајно го испушта златниот прстен. Скривајќи го прстенот во џебот, Билбо се соочува со самиот Голум. Тие играат игра со гатанки, правејќи договор: Голум ќе му го покаже излезот на Билбо ако тој победи, или ќе го изеде ако изгуби. Билбо на крајот победува прашувајќи го Голум што има во неговиот џеб. Забележувајќи дека неговиот прстен е изгубен, Голум сфаќа дека тој е кај Билбо и го брка. Билбо открива дека прстенот му дава невидливост, но кога има прилика да го убие Голум, му го штеди животот од сомилост. Хобитот бега од пештерата, проследен од гневните проклетства на Голум.
Во меѓувреме, Врховниот Гоблин им раскажува на заробените џуџиња дека водачот на орките, Азог Осквернувачот, кој своевремено го убил кралот на Еребор, Трор, и ја изгубил раката во битката кај Источните Порти на Морија, назначил награда за главата на Торин. Се појавува Гандалф и им помага на џуџињата да побегнат, убивајќи го притоа Врховниот Гоблин. Билбо наоѓа излез од планината и му се приклучува на одредот, чувајќи го во тајност својот новодобиен прстен. Дружината паѓа во заседа на Азог и неговиот одред орки и се сокрива на дрвјата што растат на работ од провалијата, при што Митрандир предизвикува пожар користејќи запалени шишарки. Торин се бори со Азог, но губи бидејќи е тешко ранет од белиот варг. Билбо го спасува Торин од орките и му се спротивставува на Азог, додека дружината е спасена од орлите. Групата се наоѓа на карпата Карок, каде што Гандалф го лекува Торин. Торин му се заблагодарува на Билбо за спасението.
Дружината ја гледа во далечина Самотната Планина. Дрозд, кршејќи полжав од камен, го буди заспаниот Смауг.
Улоги
| Мартин Фриман || Билбо Багинс |- | Ијан Макелен || Гандалф |- | Ричард Армитиџ || Торин Дабовштит |- | Грејам Мактавиш || Двалин |- | Кен Стот || Балин |- | Ејдан Тарнер || Кили |- | Дин О’Горман || Фили |- | Марк Хедлоу || Дори (исто така го позајмил гласот на тролот Берт) |- | Џед Брофи || Нори |- | Адам Браун || Ори |- | Џон Кален || Оин |- | Питер Хамблтон || Глоин (исто така го позајмил гласот на тролот Вилијам) |- | Џејмс Несбит || Бофур |- | Стивен Хантер || Бомбур |- | Вилијам Кирчер || Бифур (исто така го позајмил гласот на тролот Том) |- | Кејт Бланчет || Галадриела |- | Хјуго Вивинг || Елронд |- | Кристофер Ли || Саруман |- | Бенедикт Камбербач || Саурон / Некромантот |- | Енди Серкис || Голум / Смеагол |- | Ману Бенет || Азог Осквернувачот |- | Елајџа Вуд || Фродо Багинс |- | Ли Пејс || Трандуил
Наводи
Надворешни врски
Категорија:Филмови од 2012 година Категорија:Американски филмови Категорија:Новозеландски филмови Категорија:Американски фантастични филмови Категорија:Филмови на англиски јазик Категорија:Филмови на Warner Bros. Категорија:Филмски продолженија Категорија:Филмови на New Line Cinema Категорија:Филмови на MGM Категорија:Американски авантуристички филмови Категорија:Американски 3D-филмови