Еминем (Сент Џозеф, Мисури, САД, ), вистинското име Маршал Брус Метерс (познат и под називот Слим Шејди) е американски рапер, продуцент и глумец. Еминем се здобил со огромна популарност во 1999 г. по објавувањето на неговиот прв комерцијален албум The Slim Shady LP, кој освоил Греми награда за најдобар рап албум. Неговиот следен албум The Marshall Mathers LP, станал најбрзо продаваниот соло-албум во американската музичка индустрија. Албумот го издигнал Еминем во музичките височини, што резултираше со отворање на неговата сопствена продукциска куќа Шејди Рекордс. Како последица на неговиот комерцијален успех, рап групата од Детроит Д12, во која воедно членува и тој, премина од андерграунд во меинстрим рап.

The Marshall Mathers LP и неговиот трет студиски албум The Eminem Show исто така освоиле Греми награди за најдобар рап албум, правејќи го Еминем првиот рапер со оваа статуетка за три последователни албуми. Истата награда повторно ја освоил во 2010 со албумот Relapse, вкупно негова 11-та Греми награда. Во 2003 г. освоил Оскар за најдобра филмска музика со песната „Lose Yourself“ од филмот 8 Милја, во кој ја толкувал главната улога. „Lose Yourself“ сè уште го држи рекордот за рап песна со најмногу поминати недели на позицијата број 1 на американската топ листа. По турнејата во 2005 г. Еминем се повлекол од музичкиот живот. Во 2009 г. го издадал албумот насловен Relapse, негов прв студиски проект по Encore од 2004. Со Relapse ја заработил неговата 4-та награда за најдобар рап албум, или дотогаш 11-то негово признание од ова натпреварување. Во 2010 г. Еминем го издадал својот седми албум Recovery, кој претставувал шести последовен број 1 албум за раперот во САД, но доживеал успех и во останатите земји од светот.

Од страна на Vibe магазинот во 2008 беше прогласен за најдобар рапер на сите времиња. Вклучувајќи ја неговата работа со Д12, Еминем има вкупно девет број 1 албуми на американската Билборд 200 листа (7 соло албуми и 2 со неговата група). 13 синглови од неговата дискографија достигнале број 1 на светските топ листи. Во декември 2009 г. на Еминем му беше доделена наградата Музичар на деценијата 2000-2009 од страна на Билборд. Со продадени 40 милиони албуми во САД и околу 100 милиони во светот, Еминем е најпродаваниот музичар на 21-от век и најпродаваниот рапер на сите времиња.„Еминем е најпродаван музичар на декадата“- USA Today

Ран живот Еминем е роден под името Маршал Брус Метерс на 17 октомври, 1972 г. во Сент Џозеф, Мисури, како син единец на Дебора Нелсон Метерс-Бригс и Маршал Брус Метерс Јуниор. Има корени кои водат од Англија и Германија. Неговиот татко го напуштил семејството кога Еминем имал 18 месеци, па затоа бил израснат само од неговата мајка во голема сиромаштија. Сè до неговата 12 година, немал постојано место на живеење, бидејќи често се преселувал низ различни градови во Мисури, сè до неговото конечно доаѓање во Ворен, населба во Детроит.

Откако го слушнал албумот Licensed to Ill на Бисти Бојс како тинејџер, Маршал се почнал да се интересира за рап музиката. На возраст од 14 години, под псевдонимот М&М, почнал аматерски да пишува стихови. Се приклучил на групата Bassmint Productions, и ја направиле нивната прва касета Steppin' Onto The Scene. Групата подоцна го сменила името во Soul Intent и под тоа име го објавиле нивниот прв сингл „Fuckin' Backstabber“. Иако посетувал средно училиште, често учествувал на freestyle битките во источен Детроит. И покрај првичниот неуспех да се наметне во оваа доминантно афроамериканса музика, полека почнал да го привлекува вниманието на андерграунд публиката. Двапати повторувал 1 година средно поради бројните отсуства и слабите оценки. Средното училиште го напуштил на 17 годишна возраст.

Во 1991 г. неговиот чичко Роналд „Рони“ Нелсон извршил самоубиство пукајќи си во главата. Маршал бил многу близок со него, и бил запрепастен од семејната трагедија. Во негова чест, на неговата лева рака истетовирал „Рони, почивај во мир“. Неговата смрт ја спомнува во песните „Stan“ и „Cleanin' Out My Closet“.

Музичка кариера

1992-1997: Тешките почетоци Првиот допир со рапот го почувствувал за време на маалските фристајл двобои, каде тој самиот земал активно учество. Бил забележан од браќата Марк и Џеф Бас, кои му дозволиле да го сними својот прв албум во нивното студио Bassmint. Албумот се викал Infinite, а со него Еминем се обидувал да го пронајде својот рап стил и тоа како сакал да звучи на микрофонот. Овој период од кариерата бил музичко созревање и обид за оформување на својата хип-хоп поезија. Овде се зачетоците на подоцнежната соработка со Royce da 5'9", кога во 1998 г. ја снимиле нумерата „Bad Meets Evil“, чиј наслов подоцна го искористиле како име на групата. Песната се нашла како претпоследна нумера на наредниот соло албум на Еминем.„Биографија на Еминем“- Biography of Celebrities

Освен соло кариера, Маршал се посветил и на работа со неговата група од Детроит, Д12. Групата се состоела од шест членови, меѓу кои биле Еминем и петте негови најблиски другари од детството. Целосното име на рап групата е Dirty Dozen, или во превод Валканата Дванаесетка. Ова име го добила поради тоа што секој член имал свое алтер его. Слим Шејди било алтер егото на Еминем. Овој состав останал прилично анонимен сѐ до бомбастичниот успех на Еминем, кога ќе добијат можност и самите да издадат свои албуми.

1997 г. била пресудна во музичката кариера на Еминем, бидејќи токму тогаш го снимил мини-албумот The Slim Shady EP. На ова ЦД за првпат го промовирал своето второ јас - Слим Шејди, и го насликал како ментално нестабилен манијак. Тематски албумот раскинува со содржината на Infinite, и говори за предозираност со дрога, секс и крвничко насилство. Истата година го освоил и второто место на Рап Олимпијадата во Њу Џерси, што била доволна препорака Д-р Дре да му понуди договор за издавање албуми под капата на неговата продуцентска куќа.„Животната приказна на Маршал Метерс“- Eminem.net

Едно од позначајните работи во неговата рана кариера е заедничката песна „Fuck Off“ со Кид Рок, исто така музичар од Детроит. Оваа песна се нашла на албумот Devil Without a Cause на Кид Рок кој излегол наредната, 1998 г. Магазинот The Source, специјализиран за случувањата хип-хоп културата, го вброил името на Еминем како еден од најталентираните и надежни рапери чие време допрва ќе дојде.

1998-1999: Комерцијален пробив Со посредство на Џим Јовин, директорот на Интерскоп продукција, мини албумот The Slim Shady EP ќе стигне до рацете на рап гуруто Д-р Дре. Овој бил воодушевен од креативноста и луцидноста на Еминем побарал итен состенок со него. По начелно постигнатиот договор на задоволство на двете страни, првичните сесии за снимање на првиот вистински албум на Еминем започнале. Било однапред решено албумот да се вика The Slim Shady LP, бидејќи би претставувал содржинско продолжување на претходниот материјал, и најмногу затоа што карактерот на Слим Шејди би бил во центарот на вниманието.

По процесот на миксување и финалните допири на продуцентот, комерцијалното деби на Еминем било готово. Во слободна продажба музичките записи излегле кон крајот на февруари, 1999 г. Дебитирал како втор најпродаван албум во САД за таа недела. Музичката критика била поделена во ставовите околу концептот на албумот. Еден дел ги поддржувал иновациите на Маршал и неговиот тврд стил, додека другите коментирале дека таа музика не е морална и во духот на етичките вредности, па се дотаму дека би можела да ја расипе младината. Сите овие коментари ја разбранувале американската јавност, и со тоа создадале раперот Еминем да биде централна фигура во кулоарските разговори.

На албумот се нашле 20 нумери, од кои најинтригантна е песната објавена како водечки сингл „My Name Is“. Во неа се исмева голем дел од американската музичка естрада, но исто така со ова дело и се претставува на јавноста како изопачен лудак под псевдонимот Слим Шејди. Уште една песна насловена како „Guilty Conscience“ привлекла внимание, бидејќи била прва од многуте заеднички песни со неговиот ментор Д-р Дре. Во неа Д-р Дре е совеста и добриот ангел кој ги советува исфрустрираните луѓе да им ги простат грешките на своите блиски, додека Еминем ја толкува ролјата на ѓавол кој ги наведува луѓето да ги казнат сите оние кои им направиле некакво зло.

Освен овие две содржини, темата на останатиот дел од албумот се заснова на проблеми со дрогата, недоразбирањата во неговото семејство и честите психолошки кризи кои го доведувале на раб на самоубиство. До ден денес, албумот е продаден во преку 5 милиони примероци во САД и околу 12 милиони во светски рамки. Многумина од андерграунд рап сцената го обвиниле Еминем за имитирање на стилот и правецот на Кејџ, но таквите споредби и обвинувања набргу стивнале. По овој брз успех, Еминем окуражен се вратил во студиото за изработка на нов и поамбициозен проект.

2000-2001: Етаблирање во музичките води Обожавателите не морале долго да чекаат на следниот албум од Еминем. Веќе наредната година, кон средината на мај бил издаден вториот комерцијален албум на Еминем, под името The Marshall Mathers LP. Повторно како продуцент и гостин на албумот се јавува Д-р Дре, а помеѓу останатие рапери кои со својот вокал го поддржале проектот биле Снуп Дог, Нејт Дог, Стики Фингаз и неговата матична група Д12. И англиската поп пејачка Дајдо учествувала, исполнувајќи го рефренот на третата нумера, позната како „Stan“. Стилот бил речиси ист како и на претходниот албум, со таа разлика што овде фокусот бил насочен на неговиот јавен имиџ и непријателствата со други рапери.

Со доаѓањето на полиците во музичките продавници, овој албум почнал да руши рекорди. Во првата недела се продале 1,76 милиони копии, со што поставил Гинисов рекорд за најбрзо продаван соло албум во музичката историја. На првото место на Билборд листата останал точно 9 недели, а годината ја завршил како втор најпродаван албум во САД. Ова воедно е и најпродаваниот рап албум на сите времиња, со 10,7 милиони продадени копии во САД, а 22 милиони ЦД-а на глобално ниво. Овој дотогаш невиден комерцијален успех ќе го направи Еминем најбаран изведувач на планетата, и секако најконтроверзен рапер во тој момент.

На покана на Американската Музичка Академија, ќе настапи на доделувањето на Наградите Греми во 2001 г. изведувајќи ја прекрасната балада „Stan“, во дует со поп иконата Елтон Џон. Овој потег бил да се замолчат злобните коментари дека Еминем е хомофоб и дека е насилник и криминалец. На таа манифестација добил три награди, но за големо чудо не ја освоил најпрестижната Албум на Годината, која заминала во рацете на Стенли Ден.

По сите овие случувања, тој зедно со Д-р Дре, Ајс Кјуб и Снуп Дог заминал на турнеја низ Америка, позната како Up in The Smoke Tour, на која сиве овие рапери ги промовирале своите нови албуми. Одржани биле 44 концерти во живо, со кои го повратиле интересот за рап музиката, кој бил во драстично опаѓање по смртта на Тупак Шакур и Биги Смолс. По оваа, Маршал заминал на турнеја и низ Европа, на која за првпат и се претставил на тамошната публика. Сите овие активности придонеле неговиот нов албум да излезе подоцна од востановената практика, т.е. точно по две години.

2002-2003: Доминација во хип-хоп културата Летото 2002 г. беше период кога излезе долгоочекуваниот трет албум на Еминем, кој требало да го потврди неговиот несомнен квалитет. Поради дотогаш невидената заинтересираност за еден рап албум, издавањето било поместено за една недела понапред. Оваа промена на распоредот најмногу се должеше на тоа што пиратски копии од музиката почнале да кружат на црниот пазар. Иако неочекуваната промена ги збунила многубројните обожаватели, албумот поминал солидно во првата недела, распродавајќи 1,3 милиони ЦД-а од вкупниот тираж. Во целост се исполниле очекувањата и статистиките на музичките експерти, бидејќи албумот се задржал пет седмици на највисокото место на Билборд 200 листата.