Животни () — многуклеточни хетеротрофни организми, од кои поголем дел минуваат одредени растојанија во потрага по храна, а друг, помал дел, има седентарен начин на живот. Науката што ги проучува животните се нарекува зоологија. Порано, во животинското царство било вклучени и праживотните и некои други претставници, но со денешните поделби на живиот свет, тие се во посебно царство — протисти.

Од еколошки аспект, животните претставуваат потрошувачи (консуматори) во рамките на екосистемот. Може да се исхрануваат со растителна (тревојади), животинска (месојади) или мешана храна (сештојади). Исто така, одредени безрбетници и ’рбетници се исхрануваат со мртва органска материја (сапрофаги) и со тоа придонесуваат за побрзо разградување на органската материја, правејќи ја полесно достапна за редуцентите — бактериите. Со својата хетеротрофност, животните всушност вршат природна контрола врз бројноста на популациите од живи организми во природата.

Животински клетки, ткива и органски системи

Животинската клетка, како и растителната, е изградена од универзалните органели: клеточна мембрана, цитоплазма, јадро, рибозоми, митохондрии, ендоплазматичен ретикулум и други. Меѓутоа, за разлика од растителната клетка, животинската не е толку компактна поради отсуството на клеточен ѕид. Исто така, во животинската клетка не се сретнати вакуоли, сферозоми и пластиди.

Кај животните се разликуваат четири основни видови на ткива: епително, сврзно, мускулно и нервно. Покрај овие ткива, некои клеточни наслаги во телото на животното се одликуваат со посебен изглед и имаат специјални улоги. Тие, според своите морфолошки белези, не би можеле да се наречат ткива, но, сепак, се ткива. Тоа се половите производи, крвта и лимфата. Половите производи од половите жлезди стојат во тесна врска со епителот (герминативен епител), а крвта и лимфата како телесни сокови со неповрзани клеточни елементи, обично се доведуваат во врска со сврзното ткиво (иако можат да бидат толкувани и како посебни творби).

Органските системи се доста добро развиени кај животните. Всушност, секој орган во животинскиот организам не функционира самостојно, туку секогаш е во некаква врска со други, слични по форма или функција органи. Се среќаваат неколку органски системи:

Локомоторен систем, или систем на органите за движење, кој се состои од коските и мускулите Дигестивен систем, или систем на органите за варење на храната Циркулаторен систем (крвоток), или систем на органите за транспорт на материите низ телото, а понекогаш тука се вклучува и имунолошкиот систем за одбрана од различни видови болести или инфекции Екскреторен систем, или систем на органите за излачување на непотребните или штетни материи од организмот Респираторен систем, или систем на органите за дишење Нервен систем, или систем за брзо регулирање на работата на сите останати органски системи Ендокрин систем, или систем за побавно регулирање на работата на органите, потоа растот и развитокот на истите

Групирање и именување на животните

Групирање и именување на животните според сродност

Најмалата група од многу слични организми се вика вид. Слични видови на животни, како на пример: домашната мачка, дивата мачка, лавот, тигарот се групираат во поголема група - род мачки. Домашното куче (Шарпланинец, леси, пудлица, далматинец и др.), лисицата и волкот и баџето го градат родот кучиња. Покрај разликите меѓу овие два рода - мачки и кучиња, животните имаат и сличности. Еве некои од нив:

- Се исхрануваат со месо, имаат добро развиени кучешки заби и канџи на прстите.

- Имаат добро развиени сетила за: мирис, вкус, слух и вид.

- Тие се брзи и снаодливи животни.

Родот мачки и родот кучиња чинат поголема сродна група - фамилија ѕверови. Повеќе фамилии како на пример: фам. ѕверови, фам.папкари, фам.копитари и други спаѓаат во редот плацентни цицачи. Редовите плацентни и безплацентни цицачи ја даваат класата цицачи.

фосилни остатоци Фосилните остатоци на изумрените животни потекнуваат во период од пред околу 570 милиони години, па сè до денес. Со проучување на различните групи фосили се дошло до сознание дека повеќе од основните групи на животни се појавиле уште од најстарите периоди на создавањето на животот на Земјата. Се претпоставува дека првите животни се појавиле во древните океани, можеби, пред 700 милиони до една милијарда години. Како резултат на прилагодувањето на условите кои владееле во тоа време, а сè со цел што подобро да опстојат, кај првобитните животни се појавувале различни видови на измени, така почнувале да настануваат различни видови животни. Оние животни кои немало да се прилагодат постепено изумирале.

Фосилните остатоци ни даваат само делумен приказ на животните кои ја населувале нашата планета. Тие, исто така, ни го покажуваат начинот на живеење на живите суштества и животната средина во која живееле фосилните видови животни. Но, се забележува дека најстарите фосилни остатоци не ни кажуваат ништо за потеклото на животинското царство, за градбата на првите животни, или за едноставните предци од кои различни групи животни се создавале. Имајќи ги предвид сите фосилни остатоци, за животните може да се заклучи дека има фосили кои ги поврзуваат редовите и фамилиите. За разлика од тоа, има малку, или речиси и нема, фосилни облици кои поврзуваат различни класи, а нема ниеден облик кој ги поврзува типовите. За таквите непознати облици на животни во врска со потеклото на одредени групи животни се вели дека се “алки што недостасуваат”.

Докази за клетката Животните се подвижни, повеќеклеточни, хетеротрофни организми. Повеќеклеточната градба мора да произлегла од едноклеточната, па така предци на животните мора да била некоја група едноклеточни, хетеротрофни организми слични на денешните праживотни. Повеќеклеточните животни се развиле од едноклеточните животни како резултат на промените на условите во средината и промените кои се јавувале кај тогашните организми.

I. Од праживотното кое во својата цитоплазма имало многу јадра со внатрешна поделба на цитоплазмата може да се образуваат толку клетки колку што имало јадра. На тој начин, од прастарите едноклеточни организми со повеќе јадра се создале повеќеклеточни организми. Меѓу живите праживотни покриените со голем број трепки, обично, имаат повеќе од едно јадро. Тоа наведува на помислата дека тие би можеле да бидат предците од кои се развиле сплесканите црви. Според тоа, сплесканите црви биле првите повеќеклеточни праживотни. Но, сепак, не е толку едноставен ваквиот развоен пат на сплесканите црви.

II. Второто можно потекло на повеќеклеточната градба на животните би можело да биде со поделба на клетките во колонијата. Овој предлог денес е многу пошироко прифатен. Овие праживотни би морало да бидат колонијални видови, со камшичиња. Во почетокот, секоја клетка од колонијата била слична и ги изведувала сите функции, како размножување, движење, хранење и др. Со поделбата на работата, клетките станале специјализирани за различни функции. Барањето на групи праживотни кои имаат колонијални облици од кои би можело да потекнува повеќеклеточната градба на животните, често водело до волвоксот.

Докази од анатомија Сличностите и разликите во градбата на органите и органските системи кај животните се најлесни за одредување и затоа тие широко се користат како докази за поврзувањето на животните. При проценувањето на сличностите, најмногу се бараат делови на телото кои се со исто потекло и функција. Меѓутоа, многу од сличностите не се резултат на истиот предок, туку се резултат на подоцнежниот развој на животните, односно приспобувањето кон условите на надворешната средина.

Докази од развојот на животните Со проучување на начините на размножување на животните и развојот на новите млади единки во текот на ембрионалниот стадиум и стадиумот на ларва можат да се добијат важни докази за заедничкиот предок. Во почетокот на развојот ембрионите на цицачите во многу нешта се слични со оние на рибите. Ваквата градба се задржува и кај возрасните риби, но како се одвива развојот на ембрионот на цицачите истиот сè повеќе ги добива особините на цицачи. Присуството на овие докази во раниот развој на цицачите укажува на заеднички предок на цицачите и рибите.

Присуство и отсуство на телесна празнина Основна одлика на животните со двострана симетрија е присуство или отсуство на простор меѓу цревата и ѕидот на телото, наречен телесна празнина. Сплесканите црви, на пример, немаат телесна празнина Најголемата група, во која спаѓаат сите посложено градени животни, како што се прстенестите црви, мекотелите, иглокожите и ’рбетниците, имаат вистинска телесна празнина.

Симетрија на телото Првите праживотни, веројатно, имале една оска на симетрија, односно биле зрачно симетрични. Два типа животни, сунѓери и копривкари, имаат зрачна симетрија. Сите други типови животни имаат двострана симетрија. Исклучок се иглокожите кај кои ембрионалниот развој јасно покажува дека овие животни потекнуваат од предци со двострана симетрија на телото.

Групирање Според сите добиени сознанија, од сите горенаведени извори, како најприфатлив и најцелосен, денес се применува системот кој е наречен систем на двојно именување. Тој е предложен од шведскиот природонаучник Карл Лине. Лине ги поврзувал организмите со слична градба во една иста група, која ја нарекол вид. Сличните видови, ги групирал во поголема група наречена род, а сличните родови во фамилија. Сличните фамилии ги групирал во ред, а сличните редови во класа. Сличните класи Лине ги групирал во тип. На крајот типовите ги групирал во пет царства. На овој начин многу се олеснило групирањето на живите организми. Наместо да се наведуваат сите седум категории при именувањето, Лине предложил да се користи само името на видот и на родот. Така, човекот е групиран во родот хомо, а видот е сапиенс. Или родот е куче, а видот шарпланинец, родот е мачка, а видот домашна. Токму поради користењето на ваквиот систем на две имиња овој систем за групирање на живите организми е наречен двојно именување.

Денес се познати 32 типа животни. Некои од ним им биле познати на луѓето уште пред тие да ги добијат своите имиња. Други типови, станале познати по пронаоѓањето на првите микроскопи.

Повеќето животни имаат одредени заеднички одлики, како: подвижност, создавање глава, стомачна празнина и слична основна градба на ткивата. Но, животните се разликуваат според симетријата и внатрешната градба, како и според ембрионалниот развој. Овие сличности и разлики имаат свое значење во поврзувањето на животинските типови.

Општо групирање на животните безрбетни животни ’рбетни животни

Движење Животните се приспособиле да се движат со посебни органи и на посебен начин во сите животни средини: во водата на копното и во воздухот. Органи за движење кај животните се: нозе, крила, перки и друго. Движењата се должат на коските и на мускулите. Коските им даваат цврстина и потпора на телото. За нив се прицврстени мускулите, како меки и еластични делови. Тие имаат особина да се стегаат и отпуштаат, со што ги движат коските и целото тело. Коските на нозете кај животните се поврзани со зглобови - подвижно. Мускулите за својата работа трошат енергија која ја добиваат со согорување на органските материи во клетките. Во водната средина живеат и се движат претставници од најпростите едноклеточни животни до најсложените ’рбетници - цицачите.

Камшикарите се едноклеточни животни кои се движат со помош на камшичето. Трепкарите - парамециумот плива со помош на ситни трепки што се наоѓаат на површината на клеточната ципа. Копривкарите - хидрата може да си го промени своето место на живеење со превртување и лазење по дното на водата. Плочести црви - планаријата ползи по подлогата со помош на мускулите што и се наоѓаат под кожата. Со помош на трепките планаријата плива во водата. Мекотелите се движат со мускулестото стапало - ползат по подлогата. Иглокожите се движат со помош на амбулакрални ножиња. Тоа се тенки цевчести израстоци кои се полнат со вода и истите се издолжуваат.