Зградата на општина Струмица е историски и административен објект сместен во центарот на Струмица, во непосредна близина на плоштадот „Гоце Делчев“. Објектот е прогласен за културно наследство на Македонија.

Зградата е седиште на локалната самоуправа. Таа сè уште е нарекувана и како Градско собрание или само Собранието, а порано била позната и под називот Општински дом. Таа е изградена во 1931 година за потребите на локалната самоуправа, тогаш во рамките на Кралството СХС.

Опис Сместена во централното градско подрачје, пред самиот почеток на плоштадот „Гоце Делчев“ и Старата струмичка чаршија, зградата на општина Струмица доминира со својата фасада. Веднаш до неа се наоѓа и хотелот „Српски крал“, изграден во истиот архитектонски стил, како и Малиот градски парк.

Зградата претставува трикатен објект, вклучувајќи го и приземниот дел, составен од канцеларии за неколку одделенија на општината, како и холот на зградата. На другите два ката исто така се сместени канцеларии за општинската администрација, меѓу кои и за градоначалникот, која се наоѓа на вториот кат. Главниот влез на зградата е во аголна форма, а веднаш над него е изграден полукружен балкон на кој се излегува од кацеларијата на градоначалникот.

Гледано од птичја перспектива, објектот е во „А“ форма. Денес во задниот дел на објектот има паркинг за вработените во општината. Стилот на објектот е во неокласична архитектура, карактеристичен за градбите во Струмица во првите три децении од 20-от век. Декоративните елементи на зградата се со изразени западни стилски влијанија, исто така познати за овдешното градителство во тој период.

Историја мини|лево|250п|Разгледница од Струмица од 1930-тите со поглед кон Собранието (лево) и хотелот „Српски крал“ (десно) Како дел од Вардарска Македонија, Струмица во 1920-тите припаѓала на Кралството на Србите, Хрватите и Словенците. Во овој период градот започнал особено да се развива, гради и проширува, по неговото уништување за време на Втората балканска војна.

Германскиот новинар Макс Фишер, кој на двапати ја посетил Струмица, во 1929 година напишал: „Струмица станала една од најубавите населби во Јужна Србија. Насекаде може да се види изградба на нови куќи“. Така се јавила и иницијативата за изградба на соодветен објект за локалната самоуправа.

Изградбата на зградата започнала во 1926 година. Се смета дека на темелите биле запишани името на тогашниот градоначалник и советниците. Објектот бил завршен во 1931 година. Како и низ другите места во кралството, тој бил познат како Општински дом, а самото тоа име било испишано на фасадата над балконот.

Во независна Македонија, зградата продолжува да се користи како седиште на локалната самоуправа, а во почетокот на 2009 година нејзината фасада била реновирана.

Поврзано

Хотел „Српски крал“ - Струмица Стара струмичка чаршија

Надворешни врски

Категорија:Згради и градби во Струмица Категорија:Општина Струмица Категорија:Архитектура од 20 век Категорија:Градски домови